(Интервју) Горан Илијески: И децата на полицајците во Белград се со демонстрантите


Слободанка Јовановска

Власта во Србија нема контрола ни на епидемијата, ни на протестите, оценува Горан Илијевски, лидер на Партијата на Македонците во оваа земја. Според него, тоа што во ваква здравствена ситуација граѓаните излегоа на улица да протестираат покажува колкаво е незадоволството и нетрпеливоста кон претседателот Александар Вучиќ и тие околу него. На протестите, вели Илијевски, имаше многу полицајци надвор од Белград но и други во цивил, што сугерира дека власта има своја параполиција што ја употреби против граѓаните. Вучиќ паѓа, Србија е пред колапс, и политички, и здравствен и секаков, порачува Илијевски, нагласувајќи дека не може 70 отсто од граѓаните да не ве поддржуваат на изборите, а вие да одлучувате за нив.

 

Здравствената криза во Србија последните два дена експлодираше како политичка. Како дојде до тоа?  

Во Србија е ист алгоритамот како и тука. Значи, треба да имаш симптоми, да си бил во странство или во контакт со некој што е инфициран за да добиеш термин и да се тестираш. Кога бев последен пат во Србија 30 дена немаше термин за тестирање, се закажуваше за крајот на јули. Капацитетот им е 9.000 тестови што значи дека за последните 30 дена 270.000 граѓани во Србија го поминале условот на алгоритмот и потенцијално се позитивни на Ковид-19, штом матичниот доктор им закажал тестирање. Тоа, пак, се врши само во две болници во земјата. Приватните ординации не смеат да вршат тестирање, бидејќи власта не сака да располагаат со податоци и ќе ја изнесат вистинската состојба. Зошто во Македонија приватните болници можат да тестираат, а во Србија не? Бидејќи ги кријат податоците. Ова се, во негативна смисла, импозантни бројки.

Пред изборите излегоа податоци во медиумите дека има по 300 до 340 заболени секој ден, десет дена по ред. Сега е алармантна состојбата и притоа невозможно е Србија да има помалку починати од Македонија. Само во еден ден во почетокот на јули објавија дека има  шест мртви, а имаше 56. Сега здравствената криза се поклопува со демонстрациите на кои излегоа многу луѓе кои не се чуваат, протестираат без маски… Така што институциите во Србија веќе признаваат дека немаат контрола на кластерите со корона вирус, дека не знаат каде да контролираат, бидејќи многу е голема бројката. Сами признаваат дека болниците се преполни и нема каде да ги сместуваат инфицираните, а многу граѓани чекаат на преглед во амбулантите. Болниците се пополнети до 95 отсто, при што во Нови Сад имаше само пет слободни кревети, и сега не знаат што да прават. Со саати тие што имаат симптоми чекаат преглед за ковид во амбулантите и притоа дополнително се заразуваат. Плус, по секоја цена сакаа да ги одржат изборите.

 

Но, изборите можеа да се одржат и со почитување на мерките?

Точно е, но и тие самите не ги почитуваа мерките и буквално од полициски час влегоа во целосно опуштање. Сега нормално се седи во кафетериите без никакви правила за заштита и единствени во Европа организираа натпревар пред 16.000 публика. Контролата на епидемијата во Србија веќе е изгубена, а со демонстрациите опасноста е поголема, бидејќи народот очигледно веќе не се плаши толку од корона вирусот колку што сака да изрази бес и нетрпеливост кон СНС.

Од власта обвинија дека протестите се обид за државен удар и дека тие што не добија власт на избори сакаат да го постигнат тоа со сила. Држат ли овие пораки?

Ова е спонтан протест, на самите граѓани, кој нема врска со која било политичка партија. Партиите не успеаја ни да изреагираат на изјавата на претседателот Александар Вучиќ во 18 часот, кога рече дека пак ќе воведе полицискиот час, а народот излезе по еден час на улица. Толку бргу не може да организира протест никој. И, пак, според претседателот, одговорни за тоа се опозициските партии, а не народот.

 

Освен здравствената состојба имаат ли протестите друга заднина?

Јасно е дека последните избори беа наместени и дека Вучиќ ја губи поддршката, што не ја ни имаше, туку беше вештачка, со закани, уцени и лажирања. Тој нареди до десет часот наутро сите негови гласачи, симпатизери и  поддржувачи да гласаат на изборите, но одѕивот до тој рок беше 9,3 отсто! Тоа е гласачкото тело на СНС и со него владее. По тој рок беа притискани граѓаните да излезат и така стигнаа до помалку од 30 отсто поддршка, што значи 70 отсто од граѓаните на Србија се против Вучиќ или не се за него. Над 70 отсто, и тоа според неговите статистики, не му дале поддршка, да не зборуваме за реалните. Имаше притоа и неважечки ливчиња меѓу 3 и 4 отсто, а 100.000 гласале надвор од избирачко место, како болни и слично, што е невозможно  да се изведе во еден ден, да се направат толку посети бидејќи нема толку луѓе во избирачките комисии. Никогаш досега немало олку гласања надвор од избирачките места. Поништени беа гласањата на 234 избирачки места, што значи над 200.000 луѓе пак треба да гласаат, нешто што исто така не се случило никогаш досега. Откриени беа дваесетина деца како носат гласачки ливчиња во ранци, а има снимка како печатницата печати гласачки ливчиња пред официјалниот рок. Имавме избирачко место во кое од 327 граѓани со право на глас, гласале 367! Републичката изборна комисија две недели не објавуваше излезност на гласањето сѐ додека не го објави СНС. И, со сите уфрлени гласови, не можеа да обезбедат 50 отсто.

Тоа докажува дека овие избори се наместени. Затоа опозицијата не ни сакаше да излезе и да учествува бидејќи знаеше со што сѐ ќе се соочи. Сите партии што учествуваа на изборите се контролирани од Вучиќ така што добивме парламент без опозиција.

 

 Како според вас ќе се развива ситуацијата?

Србија ја очекува колапс, и политички, и секаков. Вучиќ е сѐ и сешто во Србија, тој решава за сѐ. Едно се ингеренциите на претседателот, а друго како тој ги практикува. Не може тој да решава дали пензионери ќе користат градски автобуси? А, решава и за тоа. И тие од Кризниот штаб признаваат дека се контролирани и дека можат да зборуваат, но тој ги носи одлуките. Ова е класичен апсолутизам што премина во диктатура со самиот факт што 10 отсто приврзаници сакаат да ја контролираат целата држава. Јас бев на лице место и видов колкаво е незадоволството. А, ова незадоволство никој веќе не може да го контролира. На народот му е смачено, но проблем е што ќе кулминира и епидемијата и тоа може малку да ги спречи граѓаните да излегуваат на улица. Можете да сфатите што значи кога луѓето не се плашат од епидемија која е во подем? Покрај корона вирусот да излегуваат во толпа и без маски. Тоа e почеток на крајот на СНС.

Имаше ли, според вас, пречекорување во употребата на сила од страна на полицијата?

Она вчера беше јасна демонстрација на сила. Не можеш на свој народ да му изнесуваш полиција и толку да го тепаш. Имаше многу документирани снимки на насилство. Полицајци беа донесени од околните градови, а беше изнесена и жандармеријата, што е многу проблематично бидејќи тоа не е нејзина функција. Нема да ме изненади ако утре извади и војска.

 

Но, таа му откажа послушност на Милошевиќ кога сакаше да ја извади на улица пред неколку децении. Му служат ли сега таа и полицијата на Вучиќ?

Се виде вчера како полицијата на моменти пропушташе демонстранти и како тие ѝ аплаудираа. Значи, многу е тенка границата до тоа полицијата да откаже послушност. Затоа, и Милошевиќ во Белград носеше полиција од околните градови, бидејќи децата на полицајците во Белград се од другата страна, кај демонстрантите. Многу специфично е дека имаше многу полиција во цивил, што значи дека имаат своја параполиција. Тоа нема врска со вистинска полиција, тоа се докажани криминалци и тие не можат да се користат во демонстрации облечени во цивил. Граѓаните не знаат кои се тие, мислат дека се хулигани, а тие всушност го штитат режимот.

Видов многу насилство, конкретни снимки што не можат да се оправдаат. Како на пример, тројца седат на клупа и полиција доаѓа и ги тепа, иако не даваат никаков отпор. Или едно малолетно дете како го апсат и го тепаат четворица во Нови Сад. Европа мора да реагира на ова.

Ним веќе сѐ им е јасно. Речиси никој не му честиташе на Вучиќ по изборите, замрзнати се поглавјата за преговори со ЕУ баш поради неправилности околу изборите, и тоа се факти. Сега, кога излегоа студентите, тој за првпат мораше да отстапи – донел одлука и мораше да ја смени потоа. За нарцис како него тоа е голем удар. Уплашен е и дефинитивно веќе не ја контролира ситуацијата. Може да ја контролира опозицијата, но народот не. Систематски ја уништи опозицијата во сите институции, но овие што излегоа на улиците не може.

Има ли овој протест повеќе сила да опстои од претходните?

Ова е најголем протест од времето на Милошевиќ. Олку луѓе на улица немало од тогаш. Толку солзавец беше фрлен во Белград што не можеа да дишат и внатре во зградите. Ова не беше протест да се заземе Собранието – зошто им е празна зграда – туку беше порака дека не постои Собрание. Ова е бунт против системот кој веќе не функционира. Сакаа да го запалат бидејќи е институција што не функционира.

 

 Што очекувате, како ќе одговори власта на дестабилизацијата?

Вучиќ е подготвен на сѐ. Нема да ме зачуди и да ја извади војската ако полицијата не може да се справи со ситуацијата. Ако излезат демонстрантите преку ден, полицијата тоа не може да го издржи со таа силна опрема на оваа топлина. А, не заслужува ни полицијата да ја каменуваат. Сега е најлошо бидејќи хулиганите доаѓаат најмногу до израз. Тоа се луѓе кои по природа сакаат немири, кои сами за себе се провокатори бидејќи најдобро функционираат во безвластие. Ќе пљачкаат, ќе прават што сакаат. Полицијата како институција, исто така, треба да ѝ служи и на идната власт. Некои од нив се арогантни, но тие самите треба да го решат тоа, да ги сменат и суспендираат.

Според мене, ова е почеток на падот на СНС. Како ќе падне и колку време ќе треба, не знаеме, но нема веќе враќање за нив. Луѓето гледаат околу, никој не гласа за СНС, а тие ја водат државата. Нема ни еден кредибилен професор или интелектуалец што стои зад нив. Околу 700 професори му откажаа послушност на Вучиќ и потпишаа петиција против него. Сега, пак, 150 академици исто така потпишаа петиција против него. Студентите му завртеа грб, излегоа на улици. Најголем интелектуалец во редовите на СНС е Мартиновиќ кој еднаш изјави „Јас сум испаднал големо магаре“. Уште колку афери треба да му се случат за да падне од власт? Половина влада е со лажни дипломи, сите се искомпромитирани и нема еден авторитет во неа кој може да ги извади.

 

Се забележува дека веќе не го споменува македонското сценарио…

Македонското сценарио беше тоа што се случи во организација на неговите најдобри пријатели од ВМРО-ДПМНЕ, кога сакаа да го заземат Собранието. Сега, не го споменува. Место тоа се случи српско изборно сценарио, а сега му се случува народ. Нема тука замешани странски служби, како што обвинуваат од СНС, бидејќи тие не можат да организираат ваков протест за еден саат. Неговата изјава за полицискиот час беше иницијалната каписла. Сам си ја даде изјавата и никој не го натера да биде толку арогантен. Короната исто така не простува. Се соочува со голем проблем бидејќи не се справи со епидемијата како што треба и бидејќи се стави над експертите, толку што и здравствената комисија се повлече неколку дена пред избори. Си рекол нема криза, а сега пак велиш – има. Во Македонија  претседателот не се меша во работата на министерот за здравство, а не пак да кажува како Вучиќ што е респиратор.

 

Има и толкувања дека претседателот Вучиќ сам ги поттикнал протестите за да ги опструира преговорите за Косово, иако денес замина за Париз?

Вучиќ нема сила да организира толку народ на улица. И кога можеше, од цела Србија мораа да доаѓаат во Белград и за секој митинг да нарачува по илјада автобуси. Во главниот град тој нема влијание, бидејќи многу мал процент од граѓаните тука излегоа на гласање.

 

Медиумите како го покриваа протестот?

Тоа е голема болка бидејќи немаше ни една телевизија со национална концесија која можеше да ги пренесува. РТС не ни објави дека има демонстрации во Белград првиот ден. Воопшто не смеат да известуваат. Само Н1, но таа е кабелска и не ја пренесува главниот оператор. Сите телевизии со национални концесии се строго контролирани поради што опозицијата сакаше да се одложат изборите, бидејќи нема како да се претстави.

 

Како сето ова ќе се рефлектира на Македонија како сосед?

Македонија, еве, ја затвори границата, нешто што јас очекував дека ќе се случи многу порано, бидејќи случаите со корона овде се увезени и нема автентично жариште. Политички, власта во Македонија имаше доблест и се договори со опозицијата за термин на изборите за да нема бојкот, што е добро, иако опозицијата сакаше да ги одложи неоправдано. Им се направи отстапка за да биде терминот усогласен со нив. Добро е што Македонија во овој поглед е многу подемократична од Србија. Имаше и тука многу неправилности за време на бившиот режим, гласања по 40 луѓе во еден стан и слично, но сето тоа беше ситно во однос на случувањата во Србија.

 

Има ли сила која може да изведе промена на подобро во Србија?

Најверојатно ќе се направи притисок да се направи техничка влада која ќе организира слободни избори. На Европејците им е многу јасно што се случува во Србија, дека парламентарна демократија тука не постои. Партиите што влегоа во парламентот имаат двојно повеќе потписи за поддршка да излезат на избори отколку освоени гласови, што е нонсенс. Така што Вучиќ паѓа, почнува да паѓа. Разобличено е неговото владеење кое се заснова на контрола на медиумите, на пропаганда, на лажни податоци и на популизам, на лажни фабрики што никогаш не беа отворени…

Србија е во тежок колапс, за разлика од Македонија. Опозицијата е уништена и не знам како ќе излеземе од ситуацијата. Ќе биде тешко да се стабилизира државата кога ќе падне оваа власт. Народот е избезумен, многумина избегаа од Србија и никогаш нема да се вратат. А тој уште порача дека не сака да биде претседател на тие што не се СНС. Како можеш да бидеш против 70 отсто граѓани што не гласале за тебе?  Во моментов прави класична злоупотреба на уставните овластувања, бидејќи според Уставот тој не треба да формира влада, туку само да го даде мандатот на оној што има најмногу гласови. И зошто не се формира влада? Србија во моментов е обезвластена бидејќи чека од надвор да му го наметнат идниот премиер. Тој сега се плаши и од своите.