Интересот за славистички студии е опаднат во сите словенски земји, но тие повеќе од нас поддржуваат национални проекти

Триесет македонски слависти ќе учествуваат на 17. Меѓународен славистички конгрес кој од 25 до 30 август ќе се одржува во Париз


Фото: Б. Грданоски

Триесет македонски слависти ќе учествуваат на 17. Меѓународен славистички конгрес кој од 25 до 30 август ќе се одржува во Париз. Слависти од целиот свет ќе дискутираат за теми од словенските јазици и литература – првпат во несловенска земја од организирањето на светските конгреси кои се одржуваат на пет години.

Обврската за подготовка на нашите учества на светските конгреси ја има Македонскиот славистички комитет. МИА разговараше со неговата претседателка, проф. д-р Емилија Црвенковска, која е член на Меѓународниот славистички комитет. Вели дека на конгресот во Франција ќе има најмногу македонски учесници досега, кои своите теми ќе ги претстават на Универзитетот Сорбона пред нивни колеги слависти од околу 40 земји во светот.

-Нашите лингвисти и литерати слависти, коишто, се подразбира, во најголем дел се македонисти, се претставуваат со различни теми: од историјата на јазикот, дијалектологијата, современите состојби во македонскиот јазик, социолингвистички теми и сл. Темите од областа на литературата се однесуваат на некои историски аспекти во литературата, но во најголем дел се посветени на современата македонска литература. Голем дел од темите се споредбени во однос на другите словенски јазици и литератури, рече Црвенковска.

Во сопственост на организаторот на конгресот во Париз – Францускиот славистички комитет, ќе останат шеесетина наши славистички изданија кои по овој повод ги испратил Македонскиот славистички комитет.

Проф. Црвенковска, која до неодамнешното пензионирање предаваше старословенски јазик на Филолошкиот факултет при УКИМ, во интервјуто посочува дека сите словенски земји се под влијание на глобализацијата и тоа се гледа во опаднатиот интерес на студентите за изучување на словенските јазици.

Сепак, наведува дека посветеноста кон унапредување на науките за јазикот, литературата, историјата, не е иста кај нас во споредба со други словенски држави.

-Националните дисциплини треба да се приоритет на секоја земја. Науката за македонскиот јазик, за македонската литература и за македонската историја треба да биде посебно поддржани од државата. Зашто ние сме матица за нив. Во тој поглед, за жал, не можеме да се споредуваме со други земји зашто кај нас се нема слух за некои основни потреби, вели проф. Црвенковска во интервјуто за МИА непосредно пред Конгресот во Париз:

Претстои 17. Меѓународен славистички конгрес во Париз, од 25 до 30 август, нашето учество таму го организира Македонскиот славистички комитет. Колку учесници ќе има во македонската делегација?

-На овој конгрес ќе учествуваат 30 слависти од Македонија што ќе биде најбројно учество на ваков конгрес до сега. Освен со реферати, дел од нашите учесници се претставуваат со постери, а некои се учесници и во тематските блокови организирани помеѓу повеќе држави. Конгресот го организира Францускиот славистички комитет и ќе се одржува на Универзитетот Сорбона.

Колку земји ќе учествуваат и дали има одредена тема за годинашниот собир на славистите во светот?

-Учествуваат слависти од четириесетина земји, зашто словенските јазици се изучуваат и во несловенските земји. Бројни се славистите од Германија, од Италија, се разбира од земјата домаќин Франција и други. Секогаш на овие конгреси учествуваат и слависти од САД, Австралија, Јапонија и од други земји.

Темите се од областа на јазикот и литературата, од историски и од современ аспект.

Зошто годинава, првпат од 1929, е избрана несловенска земја и зошто беше одложено одржувањето на конгресот кој требаше да се реализира во 2023 година?

-Треба да се каже дека во 1929 година, на 100-годишнината од смртта (1829) на „таткото на славистиката“ – чешкиот лингвист Јозеф Добровски, бил организиран првиот конгрес и тоа во Прага. Од тогаш сите конгреси биле организирани во словенски земји. Секогаш на крајот на конгресот Меѓународниот комитет на слависти гласа за местото на одржување на следниот конгрес, се разгледува што нуди идниот предлагач, па така се добива претседателството за следниот конгрес.

Француските слависти заедно со Универзитетот Сорбона на минатиот конгрес во Белград, во 2018 година, понудија најповолни услови и така ја добија организацијата.

Меѓународните славистички конгреси по правило се одржуваат на пет години. Имало исклучоци, на пр. конгресот што требало да се одржи пред Втората светска војна е одложен. И овој конгрес требаше да се одржи пред две години, но се одложи поради војна што се одвива во словенскиот свет. Имаше големи превирања во Меѓународниот комитет на слависти околу тоа кој треба и кој не треба да учествува. Во голем дел беше искажано мислење дека не треба да има санкции во науката, особено што голем дел од славистите лично се искажаа против војна. На крајот се реши дека научниците се претставуваат самите себеси со своите трудови, а не државни институции. Второто одлагање, за уште една година, беше поради Олимпијадата во Париз. Организаторот не можеше во истиот период, секогаш овие конгреси се во август, да го подготви и конгресот.

Со какви теми ќе се претстават нашите учесници/лингвистите македонисти, дали веќе се пратени рефератите?

-Нашите лингвисти и литерати слависти, коишто, се подразбира, во најголем дел се македонисти, се претставуваат со различни теми: од историјата на јазикот, дијалектологијата, современите состојби во македонскиот јазик, социолингвистички теми и сл.

Темите од областа на литературата се однесуваат на некои историски аспекти во литературата, но во најголем дел се посветени на современата македонска литература. Голем дел од темите се споредбени во однос на другите словенски јазици и литератури.

На овој ден во 1945 година, со Решение на Народната влада на Федерална Македонија е усвоена азбуката на македонскиот јазик врз принципот еден глас – една буква, а набргу потоа, на 7 јуни 1945

Кои други активности се превидени во шесте дена на конгресот?

Меѓународниот комитет на славистите веќе неколку децении работата ја организира и во комисии по одделни специјалности. На пример, комисија за црковнословенски речници, комисија за фразеологија, за фонологија, за настава, за стилистика и сл. Од четириесетина комисии, македонски претставници има во повеќе од дваесет. Комисиите организираат тематски конференции секоја година меѓу конгресите.

И ние организиравме три конференции меѓу двата конгреса: за фонологија, за зборообразување и за настава. Овие конференции беа меѓународни, со учество на колеги од повеќе земји. Рефератите се објавени во одделни зборници.

На секој конгрес се организира и изложба на книги од земјите учеснички, објавени меѓу двата конгреса, па така и ние испративме шеесетина славистички изданија од МАНУ, Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“, Институтот за литература и од приватни издавачи што ќе бидат претставени пред учесниците на конгресот. Овие изданија потоа остануваат во сопственост на организаторот.

И нашата држава има искуство како домаќин на светскиот конгрес пред петнаесетина години. Какви впечатоци имате од тој голем и редок настан?

-За нас беше голем настан што Меѓународниот комитет на славистите во 2008 година имаше доверба во Македонија да ѝ ја додели организацијата на конгресот.

Тоа, морам да кажам, во голем дел беше заслуга на академик Милан Ѓурчинов кој уживаше голем углед во славистичките кругови. Тогаш конгресот се одржа во Охрид, особено значаен центар за словенската писменост. Учествуваа околу 600 слависти.

Кои обврски и улога ги има Македонскиот славистички комитет и дали соработува со другите национални славистички комитети?

-Основната дејност на Македонскиот славистички комитет е врската со Меѓународниот комитет на славистите и подготовката за конгресите. Секој претседател на национален комитет е и член на Меѓународниот славистички комитет. Ова тело одржува повеќе состаноци меѓу два конгреса.

Како што споменав, постојат и комисии при Комитетот и ние организиравме во изминатиов период три конференции на комисиите. Националните комитети редовно објавуваат и зборници со реферати од конгресите. Ние ги дигитализиравме сите досегашни изданија со реферати на македонските слависти од конгресите. Повремено организираме и тркалезни маси за да се запознае членството подетално, особено помладите членови, со тоа што се работи по комисиите.

Како претседателка на Македонскиот славистички комитет, како ја оценувате науката за јазикот, за литературата, за историјата кај нас во споредба со другите словенски земји, во однос на грижата, финансирањето изданија, проекти, интересот за проучување итн.?

-Националните дисциплини треба да се приоритет на секоја земја. Науката за македонскиот јазик, за македонската литература и за македонската историја треба да биде посебно поддржани од државата. Зашто ние сме матица за нив. Во тој поглед, за жал, не можеме да се споредуваме со други земји зашто кај нас се нема слух за некои основни потреби.

Ќе дадам само еден пример: македонскиот јазик е единствен словенски јазик што нема електронски корпус. Со години се зборува на оваа тема, но се нема слух од надлежните министерства. Колку што ми е познато, на годинашниов конкурс за научни проекти бил предложен и таков за изработка на електронски корпус на македонскиот јазик изработен од најкомпетентни институции и специјалисти во оваа област и токму тој е одбиен за финансирање. Да не наведувам колку проекти од националните дисциплини финансира, на пример, Хрватска или Словенија или Бугарија. Да не зборуваме за поголемите држави.

Каков е статусот на славистичките студии и истражувања, воопшто во светот, за разлика од втората половина на минатиот век – дали се во сенка на глобализацијата и сеопштата англизацијата или добро се носат со трендовите?

-Славистичките студии се во сенка на глобализацијата. Тоа го гледаме јасно според опаднатиот интерес на студентите за изучување на словенските јазици, но мора да се нагласи дека ова не е состојба само кај нас. Таква е состојбата во сите земји.

Знаеме дека новото време наметнува нови интереси кај младите, но, сепак, и од малкуте студенти има квалитет којшто покажува интерес и за ова поле.

До неодамнешното пензионирање бевте редовен професор на Филолошкиот факултет на УКИМ и предававте старословенски јазик. Има ли интерес кај младите за проучување на словенската писменост, старите ракописи и споменици, за средновеквната книжевност, а кај научниците – предизвици за нови истражувања и проекти?

-Историјата на јазикот, во тој контекст и старословенскиот, бара посебна посветеност и макотрпност во работата. Како студиски предмет на факултет старословенскиот побудува доста љубопитство зашто е едно неоткриено поле за студентите.

За жал, овој предмет се укина во средните училишта иако кај нас, на изворот, би требало младите повеќе да се запознаваат со почетоците на словенската писменост. Студентите секогаш сакаат да слушнат нешто ново за што немале познавање од претходно, вројатно тоа е причината што се многу задоволни од овој курс. (MИА)