Институтот по белодробни заболувања кај децата „Козле“ прерасна во Универзитетска клиника


Фото: Б. Грданоски

 По повод промената на дејноста, видот и називот на болницата за деца „Козле“ во Скопје, премиерот Димитар Ковачевски денеска ја посети институцијата која со одлука на Владата прерасна во универзитетска клиника.

Во обраќањето тој соопшти дека Владата на седница во октомври донесе одлука со која ЈЗУ Институт по белодробни заболувања кај децата „Козле“ – Скопје прераснува во Јавна здравствена установа Универзитетска клиника за респираторни заболувања кај децата „Козле“ – Скопје. 

Фото: Б. Грданоски

Посочи дека со оваа одлука се овозможува проширување на дејноста на оваа здравствена установа преку специјалистичко-консултативна и болничка здравствена заштита и здравствена дејност на терцијарно ниво од областа на респираторните заболувања кај децата и цистичната фиброза, изведување образовна дејност, вршење усовршување на здравствените работници и научно-истражувачка дејност, како и вршење здравствени услуги кои бараат стручен, организациски и технолошки сложен и мултидисциплинарен здравствен третман од областа на респираторните заболувања кај децата и цистичната фиброза, изградување и спроведување на стручно-медицински доктринарни критериуми во својата област и укажување стручно -методолошка помош на здравствените установи од соодветната гранка на медицината. 

-Повеќе од 70 години, “Козле” е симбол на професионалност и грижа за децата и со проширување на дејноста тоа заслужено се надградува и се отвораат можности за натамошен развој на оваа установа, рече Ковачевски.

Се очекува дека со одлуката за промена на дејноста на оваа здравствена установа ќе се добие побрзо и поефикасно дијагностицирање, третман и лекување на пациентите и ќе се намали притисокот кон други установи, со што ќе се обезбеди подостапна и поквалитетна здравствена заштита за пациентите.

Фото: Б. Грданоски

Трансформацијата на „Козле“ во клиника, според министерот за здравство Фатмир Меџити е голем чекор напред за установата и признание за посветената работа и заложбите на раководството и на целиот медицински и немедицински персонал кој, како што рече, применува стручен и мултидисциплинарен пристап од областа на респираторните заболувања кај децата и цистичната фиброза.

Со прераснувањето во универзитетска клиника, нагласи министерот, оваа установа се зајакнува како наставно-научна база во рамки на која врвниот стручен кадар ќе го пренесува своето знаење и искуство на помладите специјализанти и студенти.

-Универзитетската клиника Козле која како установа постои веќе 72 години, претставува единствен центар на Балканот кој третира исклучиво респираторни заболувања, односно заболувања на дишните патишта кај децата. На годишно ниво овде се вршат над 35 илјади амбулантски прегледи и над четири илјади хоспитализации на деца со респираторни заболувања, а стручниот кадар опфаќа 55 доктори специјалисти и супспецијалисти од над 200 здравствени работници, рече Меџити.

Д-р Јетмир Зибери, медицински директор на „Козле“ и хирург во болницата, рече дека нејзиното прераснување во високообразовна и едукативна установа е историска одлука што следува по јасно изразената волја на 219-те вработени.

-Но, зад одлуката да се трансформираме во универзитетска клиника стојат факти и импресивни резултати – само во 2023 година се извршени над 35 илјади амбулантски прегледи, над четири илјади хопитализирано лекувани деца, над 150 бронхоскопии од кои 37 со вадење страни тела од белите дробови, рече Зибери.

Фото: Б. Грданоски

Соопшти дека со финансиска помош на Министерството за здравство, поголем број нивни лекари се едуцираат на клиниката „Ребро“ во Загреб и дека ќе следува поинтензивна соработка следната година со други здравствени и научни институции.

-Во најкус можен рок ќе се доближиме до условите што ги нудат сите европски клиники во лекување на децата како наше најголемо богатство, истакна директорот Зибери.