Се поголем број влади, фирми за односи со јавност и  политички партии шират дезинформации на интернет, стои во извештајот на Институтот за интернет во Охфорд. Ваквите кампањи, оценува тој,  стануваат сè пософистицирани и потешко се запираат. 

Истражувачите, кои од 2017 година ги следат напорите на владите и политичките партии да манипулираат со јавното мислење преку Интернет, велат дека организирани кампањи за дезинформација биле водени во 81 земја во 2020 година, наспроти 28 пред три години. Ваквата пропаганда, која стана од суштинско значење за предизборните напори на многу влади и политички партии во последниве години, се користи за дискредитација на противниците, за влијание врз јавното мислење, за создавање на несогласувања и за мешање во надворешните работи.

Оваа манипулација со јавното мислење преку социјалните медиуми останува сé поголема закана за демократиите ширум светот.  Професорот Филип Хауард, директор на Институтот и коавторот на извештајот вели: „Нашиот извештајот покажува дека дезинформациите станале попрофесионализирани и сега се произведуваат на индустриско ниво. Сега, повеќе од кога било, јавноста треба да може да се потпира на доверливи информации за владината политика и активност. Компаниите за социјални медиуми треба да ја подигнат својата игра со зголемување на нивните напори да обележат дезинформации и да затворат лажни профили без потреба од интервенција на владата, така што јавноста да има пристап до висококвалитетни информации“.

Тимот на Оксфорд  вели дека  владите и политичките партии трошат милиони на приватните „сајбер трупи“, кои ги шират нивните ставови на социјалните мрежи. Таквите професионални сајбер трупи користеле и влијателни граѓани за ширење на манипулирани пораки. Тие вклучуваат волонтери, младински групи и организации на граѓанското општество, кои ги поддржуваат нивните идеологии. 

Саманта Бредшо, главниот автор на извештајот вели: „Нашиот извештај за 2020 година го истакнува начинот на кој владините агенции, политичките партии и приватните фирми продолжуваат да ги користат социјалните медиумите да шират политичка пропаганда, загадувајќи го екосистемот на дигитални информации и сузбивајќи ја слободата на говорот и слободата на печатот. Голем дел од оваа активност стана професионализиран, со приватни фирми кои нудат услуги за дезинформации.

Притоа, приватните фирми за „стратешки комуникации “играат сè поголема улога во ширењето на пресметана пропаганда, а истражувачите идентификувале дека зад таквите актери стоела државата во 48 земји. Речиси 60 милиони долари се потрошени на фирми кои користат ботови и други стратегии за засилување за да создадат впечаток на трендовски политички пораки. Социјалните медиуми станаа главно поле на битката, при што  околу 10 милиони долари се потрошени на политички реклами. Платформите отстранија повеќе од 317.000 сметки и страници на „сајбер трупите“ помеѓу јануари 2019 година и ноември 2020 година. Сајбер трупите се често директно поврзани со државните агенции, според извештајот.

„Во 62 земји најдовме докази дека владина агенција стои зад пресметаната  пропаганда за обликување на ставовите на јавноста. Но и етаблираните политички партии ги користат социјалните медиуми за  ширење дезинформации, потиснување на политичкото учество и поткопување на опозициските партии “, велат истражувачите од Оксфорд. Според извештајот, во 61 земја има докази за инволвираност на политички партии или политичари кои се кандидираат за функции и кои ги користеле алатките и техниките на компјутерска пропаганда како дел од нивните политички кампањи.

Според Бредшо активностите на сајбер-трупите можат да изгледаат поинаку во демократиите во споредба со авторитарните режими. Но, изборните власти треба да го земат предвид поширокиот екосистем на дезинформации и компјутерска пропаганда, вклучувајќи приватни фирми и платени инфлуенсери, кои се сè поистакнати актери на овој простор.