Инспекторите на Карпош ќе пишуваат казни на „Комунална хигиена“ – контејнерите прелеваат

Општина Карпош е соочена со континуирани поплаки од граѓаните кои живеат во колективни станбени згради и граѓани кои живеат во индивидуални куќи.
Најавија казни од нивните инспектори кон „Комунална хигиена“ чија задача е да се празнат контејнерите.
– Граѓаните на Карпош кои што живеат во индивидуални станбени објекти никогаш не се
жалеле на подигнувањето на кантите за смет. Тие секогаш и редовно се подигаа два пати неделно, во сите индивидуални населби. За жал, последниве десетина месеци сведоци сме на нередовно подигнување на кантите со смет во Влае, Тафталиџе 1, Тафталиџе 2, Млечен ресторан, цело Козле, Трнодол, Жданец, Нерези. Од два пати, почнаа да ги подигнуваат еднаш неделно, а некогаш ниту еднаш. Иако граѓаните плаќаат ѓубретарина и за куќата и за дворот, собирачите на смет одбиваат да ги подигнат уредно спакувани кеси со кастрени огради или со косена трева – велат од Општина Карпош.
Според нив, ова произлегува од нередовното собирање на истиот и крајно стихијно
неорганизирано и неодговорно за јавно претпријатие кое има исклучително важна
задача за да метрополата изгледа поубаво.
– Локалната самоуправа упатува апел до ЈП „Комунална хигиена“: Ве молиме подобрете го вашиот работен однос кон Општина Карпош. Вршете ја работата за којашто земате пари од граѓаните. Во спротивно нашите комунални инспектори ќе пишуваат секојдневни казни за секое место каде има контејнери кои се преполни – велат од општината и додаваат дека
Општина Карпош како дел од Градот Скопје нема намера да војува со ЈП „Комунална хигиена“, туку само во името на граѓаните бараат драстично да се подобри
индивидуалната хигиена.
– Во спротивно ќе бидеме принудени да пишуваме казни на правното лице и на одговорното лице во правното лице. Од вторник , 22 април, инспекторите на општина Карпош ќе започнат со контрола на теренот и со преземање на законски мерки. Доколку „Комунална хигиена“ го сфати нашиот апел сериозно и ја подобри својата работа, општина Карпош јавно ќе се заблагодари и ќе го пофалиме коректниот однос на менаџментот на ова претпријатие – додаваат од Карпош.