Инспекциите ќе го доведуваат во ред ширењето на кафулињата на Широк Сокак
Ширењето на угостителските дуќани толку се зголеми што на некои места пешаците едвај поминуваат низ улицата која е симбол на Битола
БИТОЛА – Инспекциски контроли од Општина Битола, почнаа да ги контролираат и предупредуваат битолските угостители на најамбиеталната улица Широк Сокак во градот, да ги потсоберат масите од кафетериите за да можат да поминуваат пешаците. Вака како што е ситуација со „распосланите“ маси од кафетериите во последните години, шетачите по Широк Сокак едвај можат да се разменат на одредени позиции на улицата, оти наместо два реда маси, газдите на кафетериите и пицериите ставиле по четири-пет редици со маси.
Поради ваквата состојба која период наназад ја иритира јавноста локалната власт презеде мерки за угостителите за секое прекршување на правилникот за поставување на урбана опрема и узурпација на јавниот простор.
Инспекциите се веќе на терен, просторот е обележан со бела лента, а од локалната власт за „Независен“ информираат дека сега ќе има само обележување на просторот и предупредување, а иако целта не е казнување, сепак тоа е чекор кој следува за непочитување на прописите. Казните за физички лица, согласно закон изнесуваат 70 евра, а за правни лица до 1.500 евра.
Угостителите со кои разговаравме и самите признаваат дека има сопственици на кафетерии и кафеани, особено пицерии кои „ја претерале“, дека наместо на одредената површина за поставување на маси „загосподариле“ со Широк Сокак, но дека и општината треба да има предвид дека сезоната за нивната заработка како угостители е во летните месеци и дека во зимскиот период работат со загуба.
„Казните до 1.500 евра, за прекршување на правилникот не се мали, ќе мора да се отстапи од просторот, но битно е да нема селективност“, велат угостители.
Архитекти од Битола во повеќе наврати се изјаснуваат дека узурпацијата на јавниот простор на Широк Сокак во Битола од страна на угостителите е сериозен проблем кој го нарушува амбиенталниот изглед на шетачката зона, и во зима кога сѐ е оградено со стакларници и во лето кога шетачите буквално поминуваат покрај маси, оти просторот е значително стеснет.
„Нашиот став е дека и од злато да ги направиме и најубави, тие сепак ќе бидат грди затоа што тие како површина не треба да постојат. Треба да постои површина за поставување на маси и столици, некои роло тенди, деталите ќе се дефинираат дополнително дали ќе бидат до три метри и до црната линија што е на Широк Сокак како што беа претходно, но не треба да постојат вакви стакленици кои висат со шипки од фасадите, го нагрдуваат изгледот. Овие како да ги наречам плевни, претставуваат бариера за инвалидизираните лица, за евакуација за не дај боже ако настане пожар или итен случај и не може да се излезе од објектот “, потенцира Мила Рориќ архитект и членка на работното тело за изготвување на новата програма за поставување на урбана опрема во Битола.
Инаку од 2016 година се носат измени на Програмата за урбана опрема, а заградувањето на угостителските објекти започна од 2017 година со одлука за утврдување на критериуми и стандарди за поставување на урбана опрема донесена од Советот на Општина Битола. Врз база на таа одлука Управата за културно наследство првично даде согласност за поставување, потоа се прогласија за ненадлежни.