Инфлацијата во САД забавува, најниска стапка во последните две години
Инфлацијата во САД значително ослабна во мај, паѓајќи на најниско ниво за нешто повеќе од две години благодарение на остриот пад на цените на енергијата и поблагите поскапувања на храната, покажаа податоците на Министерството за труд во вторникот.
Годишната стапка на инфлација се намали на четири отсто во мај, од 4,9 отсто во април, што значи дека потрошувачките цени во најголемата светска економија пораснаа најблаг од март 2021 година, соопшти Министерството.
Во март стапката на инфлација беше пет отсто, во февруари шест отсто, а во јануари 6,4 отсто.
Без цените на храната и енергијата, базичната инфлација се лизна на 5,3 отсто во мај од 5,5 отсто во претходниот месец.
На месечно ниво, потрошувачките цени во мај се зголемија за само 0,1 отсто, по порастот од 0,4 отсто во април.
На годишна основа, енергенсите во мај паднаа за 11,7 отсто, двојно повеќе од претходниот месец.
Бензините поевтинија за 20 отсто на годишно ниво, речиси двојно повеќе од претходниот месец. На месечно ниво тие се намалени за 5,6 отсто, по 3 отсто пораст во април.
Струјата поскапе за 5,9 отсто на годишно ниво. Во април беше поскапо за 8,4 отсто од истиот месец лани. Гасот, пак, во мај е поевтин за 11 отсто, што значи пет пати посилен пад на цените во однос на претходниот месец.
Домаќинствата во мај потрошиле 5,8 отсто повеќе пари за храна во однос на претходниот месец кога храната ги чинела 7,1 отсто повеќе. На месечно ниво, цените на храната се зголемија за 0,2 отсто, по стагнацијата во април.