„Преполовување“: Инфлацијата во октомври се сведе на 3,5 отсто во однос на лани
Трошоците за живот во делот на храна и безалкохолни пијалаци во октомври бележат раст од 1 отсто, што е драстично намалување во споредба со 7,8 отсто во претходниот месец
Инфлацијата во земјава, мерена преку порастот на трошоците на живот во октомври 2023 година, во однос на истиот месец лани, изнесуваше 3,5 отст, соопшти Државниот завод за статистика. Во споредба, пак, со септември годинава, трошоците на животот бележат намалување од 1,5 отсто. Кај цените на мало, во октомври беше забележан пораст од 3,4 отсто во однос на истиот месец лани, а во однос на септември годинава намалување од 0,6 отсто.
Министерот за економија Крешник Бектеши, коментирајќи ги резултатите на ДЗР за инфлацијата, денеска рече дека мерките на Владата даваат резултат.
„Стапката на инфлација во октомври изнесува 3,5 отсто и е преполовена во споредба со претходниот месец кога растот на трошоците за живот изнесуваше 6,6 отсто“, објави на својот фејсбук-профил Бектеши, откако Државниот завод за статистика ги објави индексите за трошоци за живот и цени на мало за октомври 2023 година.
„Трошоците за живот во делот на храна и безалкохолни пијалаци во октомври бележат раст од 1 отсто, што е драстично намалување во споредба со 7,8 отсто пресметани во претходниот месец“, пишува тој.
„Во споредба со октомври 2022 година, кога инфлацијата изнесуваше 19,8 отсто, за една година бележиме намалување на инфлацијата од 5,5 пати“, додава Бектеши.
Врз ваквите показатели очигледно влијание имаа мерките кои беа донесени од страна на Владата за замрзнување на цените на основните животни производи.
Па така, намалување на индексите на трошоците на животот во октомври 2023 година, во споредба со претходниот месец, е забележано кај млекото за 10,1 отсто, јајцата за 9,0 отсто, свежиот и разладениот зеленчук, освен компирите и другите коренести плодови за 8,6 отсто, минералната вода, газираните пијалаци, соковите од овошје и зеленчук за 6,4 отсто, свежото и разладеното овошје за 5,2 отсто, пивото за 4,3 отсто, сирењето и урдата за 4,1 отсто, месото за 3,4 отсто, лебот и житата за 3,3 отсто и маслото и маснотиите за 0,9 отсто.
Исто така, намалување на индексите на трошоците на животот е забележано и кај медиумите за снимање за 7,7 отсто, информатичката опрема за обработка на податоците за 7,3 отсто, горивата и мазивата за сопствените превозни средства за 3,2 отсто, велосипедите за 1,8 отсто, услугите за сместување за 1,1 отсто, цврстите горива за домаќинствата за 1,0 отсто, игрите, играчките и хобијата за 0,9 отсто, опремата за спорт, кампирање и рекреација на отворено за 0,7 отсто, малите електрични апарати за домаќинствата, производите за домаќинството – нетрајни, другите услуги за опремата за сопствен превоз за 0,6 отсто, моторните возила за 0,5 отсто и медицинските услуги за 0,2 отсто.
Пораст на индексите на трошоците на животот во октомври 2023 година, во споредба со претходниот месец, е забележан кај шеќерот, џемот, медот, чоколадата и кондиторските производи за 2,4 отсто, прехранбените производи неспоменати на друго место за 1,8 отсто, жестоките пијалаци за 1,4 отсто, рибата и морските плодови за 1,2 отсто, виното за 1,0 отсто, кафето, чајот и какаото за 0,4 отсто.
Во октомври, исто така, пораст на индексите на трошоците на животот е забележан и кај електричните апарати за лична хигиена за 9,5 отсто, воздухопловниот патнички транспорт за 5,2 отсто, ветеринарните и другите услуги за домашните миленици за 4,7 отсто, гасот за домаќинствата за 3,9 отсто, градините, растенијата и цвеќињата за 2,6 отсто, домашните миленици и сродните производи за 2,2 отсто, туристичките аранжмани за 2,0 отсто, домашните услуги и услугите за домаќинствата, резервните делови и приборот за сопствените превозни средства за 1,9 отсто, мотоциклите за 1,7 отсто, поправката на аудиовизуелната, фотографската и информатичката опрема, другите апарати и производи за лична хигиена за 1,6 отсто.
Кај фотографската и кинематографската опрема и оптичките инструменти има раст за 1,5 отсто, мебелот и покуќнината, другото образование за 1,3 отсто, чевлите и другите обувки за 1,2 отсто, фармацевтските производи за 1,1 отсто, услугите за одржување и поправки на живеалиштето, другите лични предмети за 1,0 отсто, опремата за прием, снимање и репродукција на звук и слики за 0,9 отсто, поправките на мебелот, покуќнината и покривките за подот, стаклените садови, кујнскиот прибор и другата опрема за 0,8 отсто, услугите за рекреација и спорт, услугите за култура за 0,7 отсто, големите електрични апарати за домаќинствата за 0,6 отсто, облеката за 0,5 отсто, одржувањето и поправката на сопствените превозни средства за 0,4 отсто, течните горива за домаќинствата, рестораните, кафулињата и слично, накитот, часовниците и рачните часовници за 0,3 отсто, теписите и другите подни покривки, патниот патнички транспорт, канцеларискиот материјал и материјалите за цртање за 0,2 отсто.
Инаку, годишната стапка на инфлација мерена преку порастот на трошоците на живот, во септември се намали на 6,6 отсто, а позитивен сигнал беше и помалата инфлација во однос на август. За споредба, според потаоцците на ДЗС, во август инфлацијата на годишно ниво беше 8,3 отсто, а еден месец пред тоа 8,4 отсто, додека во јуни изнесуваше 9,3 отсто.
Аналитичарите тогаш рекоа дека септемвриските податоци ја одразуваат мерката со која Владата кон крајот на септември ги ограничи цените на повеќе прехранбени производи, кои сега во маркетите се обележени со налепницата „Гарантирана цена“, која е на ниво од 1 август, намалена за десет отсто. Но треба да се има во предвид дека потоа стапи во сила друга мерка која се очекуваше да има спротивно влијание врз инфлацијата, односно да ги зголеми трошоците на живот. Станува збор за промена во даночната регулатива со која над илјада производи сега се оданочуваат со стапка на ДДВ од десет отсто, наместо пет отсто претходно.
Инаку, Светска банка во најновиот извештај посочи дека Македонија годинава ќе ја заврши со инфлација од 9,1 отсто, што е повисоко од владините очекувања дека до крајот на годината ќе се сведе на 5 отсто која ќе биде меѓу пониските во регионот и Европа.