Инфлацијата во ЕУ и во еврозоната на ново рекордно ниво


Годишната стапка на инфлација во јули достигна ново рекордно ниво во ЕУ и во еврозоната, поттикната од континуираниот силен раст на цените на енергијата и храната, покажа во четвртокот извештајот на Евростат.

Годишната стапка на инфлација во ЕУ, мерена со хармонизираниот индекс на потрошувачките цени (HICP), во јули изнесуваше 9,8 отсто, што е ново највисоко ниво откако Европската статистичка служба почна да објавува извештаи во 2001 година.

Во јуни таа изнесуваше 9,6 отсто.

Во еврозоната, годишната стапка на инфлација во јули беше за 0,3 процентни поени повисока отколку во јуни и изнесуваше 8,9 отсто, достигнувајќи исто така ново највисоко ниво откако Евростат почна да го следи овој индикатор во 1996 година.

Во јули минатата година потрошувачките цени на ниво на Унијата се повисоки за 2,5 отсто во однос на истиот месец претходната година, а во еврозоната за 2,2 отсто.

Рекордните стапки на инфлација во голема мера го одразуваат континуираниот силен раст на цените на енергијата, за 39,6 отсто во областа на примената на заедничката европска валута, покажуваат податоците на Европскиот завод за статистика.

Силно пораснале и цените на свежата храна, за 11,1 отсто во однос на ланскиот јули.

Најголем скок на Балтикот

Меѓу земјите од ЕУ, највисоки стапки на раст на потрошувачките цени повторно забележаа во јули балтичките земји – Естонија со 23,2 отсто, Летонија со 21,3 отсто и Литванија со 20,9 отсто.

Во Германија, најголемата европска економија, цените се зголемија за 8,5 отсто во јули во споредба со истиот месец претходната година.

Блиску е и Италија, третата по големина економија во еврозоната, со пораст на потрошувачките цени од 8,4 отсто.

Во Хрватска, годишната стапка на инфлација, мерена со ХИЦП, во јули достигна рекордни 12,7 отсто. Во јуни беше 12,1 отсто, а во јули лани 2,7 отсто.

Најблиску до Хрватска во јули годинава се Словачка со годишна стапка на инфлација од 12,8 отсто и Романија каде таа изнесува 13 отсто. Словенија во јули имаше годишна инфлација од 11,7 отсто.

Најблаг раст на потрошувачките цени во јули забележаа Франција и Малта, од 6,8 отсто.

Следува Финска со пораст на потрошувачките цени од осум отсто и Шведска каде цените пораснале за 8,3 отсто.

Во споредба со јуни, годишната стапка на инфлација е повисока во 18 земји-членки на ЕУ, пониска во шест и непроменета во три.