Инфлацијата се вивна на 14,5 отсто

Според статистиката, трошоците на животот во јуни годинава се повисоки за 2,8 отсто во споредба со претходниот месец, а цените на мало пораснале за 2,4 проценти. На годишно ниво, пак, трошоците се зголемени за 14,5 отсто, а цените на мало за 13,7 проценти


Фото: Борис Грданоски

Инфлацијата во јуни се искачи на 14,5 отсто на годишно ниво, а само за еден месец е поголема за 2,8 отсто, покажуваат најновите податоци на Државниот завод за статистика. Ваквиот скок се должи на престанување на мерките на крајот на мај со кои се влијаеше врз цените на горивата и основните земјоделски производи. 

Според денешното соопштение на ДЗР, трошоците на животот во јуни годинава се повисоки за 2,8 отсто во споредба со претходниот месец, а цените на мало пораснале за 2,4 проценти. На годишно ниво, пак, трошоците се зголемени за 14,5 отсто, а цените на мало за 13,7 проценти.

Инаку, кај нас, како мерка за инфлацијата се користи индексот на трошоците за живот, изработен според меѓународни стандарди за класификацијата. Според оваа класификација, производите и услугите опфатени во овој ценовен индекс се групирани во дванаесет основни групи, коишто опфаќаат повеќе видови производи и услуги.

Во мај годишната инфлација во земјава беше 11,9 отсто, а месечната 2 отсто.

Според податоците на Државниот завод за статистика, пораст на трошоците на животот во споредба со претходниот месец, е забележан кај маслото и маснотиите за 10,4 отсто, лебот и житата за 7,8, млекото за 6,7, месото за 5,2, свежото и разладеното овошје за 2,9, шеќерот, џемот, медот, чоколадата и кондиторските производи за 2,7, виното за 2,1, минералната вода, газираните пијалаци, соковите од овошје и зеленчук за 1,0, рибата и морските плодови за 0,8, кафето, чајот, какаото за 0,5 и прехранбените производи неспоменати на друго место за 0,4  отсто.

Во јуни, исто така, пораст на трошоците на животот е забележан и кај горивата и мазивата за сопствените превозни средства за 17,2 отсто, течните горива за домаќинствата за 16,3, туристичките аранжмани за 6,4, цврстите горива за домаќинствата за 6,2, воздухопловниот патнички транспорт за 6,1, гасот за домаќинствата за 4,4, патниот патнички транспорт за 4, услугите за сместување за 3,7, градините, растенијата и цвеќињата за 2,9, фризерските салони и центрите за разубавување за 2,7, рестораните, кафулињата и слично за 2,5, другите апарати и производи за лична хигиена за 2,1, големите електрични апарати за домаќинствата за 1,8, услугите за одржувањето и поправките на живеалиштето, парамедицинските услуги за 1,7 отѕсто. Зглемување на трошоците има и кај домашните услуги и услугите за домаќинствата за 1,6 отсто, одржувањето и поправките на сопствените превозни средства, поправката на аудиовизуелната, фотографската и информатичката опрема, домашните миленици и сродните производи за 1,5, ткаенините за изработка на облека за 1,4, материјалите за одржување и поправки на живеалиштето, услугите за рекреација и спорт за 1,2, производите за домаќинствата – нетрајни за 1,1, малите електрични апарати за домаќинствата за 1 отсто. Трошоците се зголемени и кај големите алатки и опремата, моторните возила, резервните делови и приборот за сопствените превозни средства, електричните апарати за лична хигиена за 0,9 отсто, поправките и изнајмувањето на обувките, поправките на мебелот, покуќнината и покривките за подот за 0,8, поправките на апаратите за домаќинствата, медиумите за снимање за 0,7, ветеринарните и другите услуги за домашните миленици за 0,6, чистењето, поправката и изнајмувањето облека за 0,5, стаклените садови, кујнскиот прибор и другата опрема, фармацевтските производи, информатичката опрема за обработка на податоците за 0,4, мебелот и покуќнината, малите алатки и останатите додатоци, стоматолошките услуги, мотоциклите, фотографската и кинематографската опрема и оптичките инструменти за 0,3 отсто.

Намалување на трошоците на животот е забележано кај свежиот и разладениот зеленчук, освен компирите и другите коренести плодови за 3,3  отсто и кај опремата за прием, снимање и репродукција на звук и слики за 1,2  отсто. 

Трендот на зголемување на инфлацијата е присутен неколку месеци наназад. Така, во февруари годинава во однос на февруари лани трошоците на живот беа повисоки за 7,6 проценти, а во март беа поголеми за 8,8 проценти во споредба со март лани. Ваквиот тренд продолжи и наредните месеци.

Инфлацијата влијае и врз реалниот раст на платите. Како тоа ќе се одрази врз платите во јуни ќе треба да се почеа податокто кој ќе го објави ДЗР, но споредбата на растот на просечната нето плата со годишната стапка на инфлација во април, кога беше 10,5 отсто, покажа дека реалниот раст на примањата во април годинава во однос на април лани бил скромни 0,3 отсто.

Ако, пак како сооднос се земе платата во април во однос на март годинава, тогаш и покрај номиналниот раст од 1,4 отсто, реално тие пари вределе помалку за 0,8 отсто, покажуваат податоците на ДЗР.

Треба да се види како сега ќе реагира и Народната банка на Македонија. Изминатиот период, поради високата стапка на инфлација. НБМ ја зголеми референтната камата, а може да се очекува тоа повторно да го направи. 

Инаку, инфлацијата и во еврозоната достигна нов рекорд во јуни во еврозоната изнесуваше 8,6 отсто на годишно ниво, наспроти 8,1 отсто во мај. Според податоците на Евростат, Естонија е на врвот на листата на рекордери по раст на инфлацијата со стапка од дури 22 отсто, а по неа следат Литванија со 20,5 отсто и Летонија со 19 отсто. Назад се Малта со проценета стапка на раст на потрошувачките цени во јуни од 6,1 отсто на годишно ниво, Франција со 6,5 и Финска со 8,1 отсто. Германија ги изненади и експертите и пошироката јавност, известувајќи дека во јуни забележала пад на годишната инфлација за 0,5 процентни поени на 8,2 отсто во однос на мај.