Инфлацијата лани изнесуваше 9,4 проценти, еве кои производи влијаеа најмногу

Пораст на индексите е забележан во групите мебел, покуќнина и одржување на домаќинствата за 13,6 проценти, ресторани и хотели за 12,7 отсто, храна и безалкохолни пијалаци за 11,7 отсто, разновидни стоки и услуги за 11,6 отсто, домување, вода, електрика, гас и други горива за 10,4 проценти


Фото: Б. Грданоски

Трошоците на живот, преку кои се мери стапклата на инфлација кај нас,  лани во однос на 2022 година биле зголемени за 9,4 проценти, а цените на мало за 7 проценти, објави денеска Државниот завод за статистика. 

Во декември, трошоците на живот се зголемени за 0,2 проценти во споредба со ноември, а цените на мало за еден процент. 

Ваквата стапка на инфалција е над очекувањата на Владата дека таа ќе биде под шест отсто, кои беа дадени во почетокот на ноември лани откако беа познати првите ефекти од мерките за замрзнување на цените на основните прехранбени производи. Сепак, и покрај продолжувањето на мерката за гарантирани цени, трошоците на живот надминаа девет отсто. 

Статистичките податоци се многу поблиску до прогнозата на Светска банка која во регионалниот Економски извештај за Европа и Централна Азија, објавен на почетокот на октомври предвиде дека економскиот раст во Македонија во 2023 година ќе изнесува 1,8 отсто, а инфлацијата ќе се одржи на високи 9,1 отсто.

Најблиску беше прогнозата на Народната банка која во октомвриски проекции предвиде дека просечната годишна стапка на инфлација за 2023 година ќе биде околу 9,5 отсто. 

Во однос на минатогодишната инфлација, пак, намалувањето е евидентно. Лани, индексот на трошоците на животот во однос на 2021 година изнесуваше 14,2 отсто, додека пак цените на мало 12,6 отсто.

Инаку, според статистичките податоци, пораст на индексите е забележан во групите мебел, покуќнина и одржување на домаќинствата за 13,6 проценти, ресторани и хотели за 12,7 проценти, храна и безалкохолни пијалаци за 11,7 проценти, разновидни стоки и услуги за 11,6 проценти, домување, вода, електрика, гас и други горива за 10,4 проценти, алкохолни пијалаци, тутун и наркотици за 8 проценти…. 

Фото: Б. Грданоски

Намалувањето има кај свежото и разладеното овошје, рибата и морските плодови, течните горива за домаќинствата, услугите за сместување, парамедицинските услуги, растенијата и цвеќињата, малите електрични апарати за домаќинствата, големите електрични апарати за домаќинствата, резервните делови и приборот за сопствените превозни средства,….

Кај цените на мало, пораст на индексите е забележан во сите групи: Индустриско-прехранбени производи за 12,5 проценти, Пијалаци за 9,7 проценти, Земјоделски производи за 8,5 проценти, Услуги за 6 проценти и Индустриско-непрехранбени производи и тутун за 5,3 проценти.

Во споредба со декември 2022 година, трошоците на живот се зголемени за 3,6 проценти, а цените на мало за 3,7 проценти. 

Според статистиката, просечната исплатена нето-плата по вработен во октомври годинава изнесуваше 38.843 денари и во однос на октомври лани е зголемена за 17,3 отсто, што значи дека доколку ваквиот тренд се одржи и за платите во ноември и декември, тогаш нивниот раст реално ќе биде значително поголем од стапката на инфлацијата.

Според новата пресметка на синдикалната потрочувачка кошница, пак, презентирана во декември лани, на едно четиричлено семејство му се потребни речиси илјада евра да го помине месецот. Пресметките покажуваат дека за да се помине еден месец потребни се 56.552 денари, а ако се плаќа кирија или рата за кредит, месечните давачки надминуваат и илјада евра.