Инфлацијата лани изнесуваше 14,2 отсто, најмногу влијаеа храната, пијалоците и транспортот

Најмногу за ваквото високо ниво на инфлацијата придонесе порастот на трошоците за храна, пијалоци и транспорт, покажуваат најновите податоци на Државниот завод за статистика


Фото: Б. Грданоски

Инфлацијата лани во однос на просекот од 2021 година изнесуваше 14,2 отсто, а најмногу за ваквото високо ниво придонесоа храната, пијалоците и транспортот, покажуваат најновите податоци на Државниот завод за статистика. Инаку, во декември 2022 година, вo споредба со декември 2021 година, инфлацијата забележа пораст од 18,7 отсто, а индексот на цените на мало за 15,1 отсто.

Порастот на трошоците на животот во декември лани (преку кои се изразува стапката на инфлација кај нас) во однос на истиот месец 2021, биле поголеми за 14,2 отсто, а цените на мало од 12,6 отсто, соопшти Државниот завод за статистика.

Инаку, во последниот месец од минатата година за прв пат инфлацијата беше пониска мерена на месечно ниво. Така, во овој месец во споредба со ноември 2022 година, трошоците на животот се намалиле за 0,2 отсто, а цените на мало се зголемиле за 0,7 отсто.

Првите знаци дека стивнува инфлацискиот притисок  беа во ноември кога мерено на годишно ниво стапката на инфлација беше 19,5 проценти, а во октомври достигна 19,8 отсто, по што следеше и остра реакција на Народната банка која силно ја затегна монетарната политика зголемувајќи ја основната каматна стапка за 0,75 процентни поени на 4,25 отсто.

Еве како се движеше годишната инфлација во текот на изминатите години:

Табели: Државен завод за статистика

Што влијаеше најмногу на високата стапка на инфлација во земјава? Според податоците на ДЗС, односно на индексот на трошоците на животот во 2022 година, најголем пораст е забележан во групите: Храна и безалкохолни пијалаци за 20,9 отсто, Транспорт за 19,5 отсто, Ресторани и хотели за 15,5 отсто, Домување, вода, електрика, гас и други горива за 13,3 отсто.  Под границата од десет отсто се зголемиле трошоците во групите Разновидни стоки и услуги за 8,9 отсто, Мебел, покуќнина и одржување на домаќинствата за 8,6 отсто, Алкохолни пијалаци, тутун и наркотици за 7,5 отсто, Рекреација и култура за 4,9 отсто, Здравје за 4,0 отсто. Минимален пораст е регистриран кај групите Облека и обувки за 1,8 отсто, Комуникации за 0,4 отсто и Образование за 0,3 отсто.

Движењето на индексот на цените на мало во 2022 година, исто така, беше различно кај одделни групи на производи. Пораст на индексите е забележан во сите групи: Индустриско-прехранбени производи за 20,1 отсто, Земјоделски производи за 16,0 отсто, Индустриско-непрехранбени производи и тутун за 14,2 отсто, Пијалаци и Услуги за 8,3 отсто.

Гледано на месечно ниво, инфлацијата лани беше највисока во април кога за само еден месец се зголеми за 2,2 отсто (повеќе отколку што изнесуваше годишната инфлација на годишно ниво од 2015 до 202 година), потоа во мај, кога за само еден месец беше поголема за два отсто, а рекордот на месечно ниво беше поставен во јуни кога се искачи на 2,8 отсто.

Следната табела покажува како се движеше стапката на инфлација, мерена преку порастот на трошоци на живот, секој месец изминатата 2022 година:

Табела: Државен завод за статистика

Инфлацијата кај нас лани беше значително повисока во однос на инфлацијата во еврозоната, каде што во декември на годишно ниво изнесуваше 9,2 отсто, откако во ноември таа изнесуваше 10,1 отсто, покажа проценката на европската статистичка служба Евростат. Инфлацијатаи таму  продолжи да биде поттикнувана од високите цени на енергијата и на храната.

Меѓу земјите кои го користат еврото, според првите проценки на Евростат, највисока годишна инфлација во декември е забележана во Летонија, каде што изнесувала 20,7 отсто, откако во октомври и ноември била 21,7 отсто. Следува Литванија, каде растот на потрошувачките цени на годишна основа изнесува 20 отсто (21,4 отсто во ноември).

Од друга страна, најниска годишна стапка на инфлација е забележана во Шпанија, каде според првите проценки таа изнесува 5,6 отсто (6,7 отсто во ноември). Следува Луксембург со инфлација од 6,2 отсто (7,3 отсто во ноември).

Годишната стапка на инфлација кај нас ги надмина очекувањата на Владата од каде што во ноември лани велеа дека до крајот годината ќе се намали на 11,6 отсто, а за таа цел беа донесени повеќе мерки, како за цената на струјата за производителите на прехранбени производи, која потоа беше проширена на други мали и средни компании. Од Владата тогаш посочија дека очекуваат прехранбените производи да поевтинат за десетина отсто, но од производителите, кои бараа помош од државата, возвратија дека цените на производите не зависат само до цената на струјата туку и од други фактори, а пред се од цените на суровините кои што се берзански производи.

Инаку, според анкетата која беше презентирана на 20 декември лани, од страна на Асоцијацијата на странски компании со технолошко напредно производство, како најсериозни ризици за годинава беа посочени инфлацијата и цената на енергентите, што ќе влијае врз работењето на компаниите. Повеќе од половина од компаниите сметаа дека инфлацијата кај нас ќе расте и дека се уште не сме стигнале до врвот.

Во новогодишната белешка, пак, гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска Бежовска рече дека годинава се очекува постепено забавување на инфлацијата, којашто на среден рок би се вратила на историските стапки од околу два проценти, порачувајќи дека се неопходни структурни реформи коишто ќе ја зајакнат отпорноста на економијата, како одговорно, стратешки и одржливо делување на носителите на политиките. (М.Ј.)