Инфлацијата го „изеде“ номиналниот раст на платите

Ако растот на просечната нето плата се стави во корелација со годишната стапка на инфлација, која во април беше 10,5 отсто, тогаш излегува дека реалниот раст на примањата во април годинава во однос на април лани бил скромни 0,3 отсто


Фото: Борис Грданоски

 

Растат платите, но растат и трошоците за живот, па таа трка, очигледно е дека повеќе ќе биде на штета на примањата. Тоа го знаат економистите, а го потврдуваат и податоците што ги објави Државниот завод за статистика за износот на бруто и нето платите во април годинава. Официјалните статистички податоци покажуваат дека просечната нето плата во април достигнала 31.525 денари и е за 10,9 отсто повисока од истиот месец лани. Но, ова се само номинални износи, додека ако се стави во корелација со стапката на инфлација, која во април беше 10,5 отсто на годишно ниво, тогаш излегува дека реалниот раст на примањата во април годинава во однос на април лани бил скромни 0,3 отсто.

Слична е и споредбата на априлската просечна нето плата во однос на ланскиот просек – во тој случај примањата биле реално повисоки за 0,6 отсто, додека ако се земе просечната нето плата во првите четири месеци годинава во споредба со истиот период лани, и покрај номиналниот раст од 8,4 отсто, реалниот бил нула, или вредноста на примањата била на ланско ниво.

Ако, пак како сооднос се земе платата во април во однос на март годинава, тогаш и покрај номиналниот раст од 1,4 отсто, реално тие пари вределе помалку за 0,8 отсто, покажуваат податоците на ДЗР.

И податоците на ДЗР за бруто платите даваат слични резултати – просечната бруто плата во април годинава номинално била поголема за 8,5 отсто од април лани, а реално само 0,1 отсто, додека ако се споредат првите четири месеци годинава со истиот период лани, тогаш номинално просечната бруто плата била поголема за 11 отсто, а реално за 0,4 отсто.

Во однос на март годинава, пак, реално бруто платата била пониска за 0,8 отсто.

Интересни ќе бидат споредбите за мај, бидејќи според ДЗР инфлацијата во овој месец се искачи на 11,9 на годишно ниво додека месечната се зголеми за два отсто.

Ваквиот дисбаланс помеѓу реалниот раст на платите и инфлацијата веројатно ќе се покаже кога ќе излезат и податоците за платите и инфлацијата во јуни, со оглед што на крајот на мај престанаа да важат голем број од мерките на Владата со  кои се влијаеше врз цените на горивата и основните земјоделски производи. Исто така треба да се види и влијанието на новите мерки кои ги презема Владата за ограничување на трговските маржи, за кои и министерот за економија Крешник Бектеши вчера изјави дека не е задоволен од ефектите кои ги имаат врз намалување на цените во малопродажбата.

 Инаку, кај нас, како мерка за инфлацијата се користи индексот на трошоците за живот, изработен според меѓународни стандарди за класификацијата. Според оваа класификација, производите и услугите опфатени во овој ценовен индекс се групирани во дванаесет основни групи, коишто опфаќаат повеќе видови производи и услуги.

Со оглед што просечната нето плата е збирен податок, во рамките на одделни дејности реалните примања, сепак се значајно повисоки од лани. Така, на пример, на вработените кај туристичките агенции, организатори на патувања и останати резервациски услуги, платите во април годинава биле номинално повисоки за 35,9 отсто (што веројатно се должи на ниската основа лани, поради ковид пандемијата), така што и нивните реални примања се значајно повисоки споредено со истиот месец 2021 година.

Во подобра позиција се и вработените во дејностите на коцкање и обложување, каде што платите биле поголеми за 19,1 отсто во однос на лани, потоа во канцелариско -административни и помошни дејности и деловно – помошни дејности (номинален раст од 13,8 отсто), останати стручни, научни и технички дејности за 16,6 отсто, управувачки дејности советување во врска со управувањето, за 14,4 отсто, филмска дејност, продукција на видео и телевизиска програма и дејности на снимање на звучни записи и музичко издаваштво за 23,4 отсто, објекти за сместување и сервисни дејности со храна за 17,8 отсто, складирање и помошни дејности во превозот за 19,1 отсто, воздухопловен транспорт за 19,3 отсто, изградба на згради за 14,7 отсто, производство на кокс и рафинирани нафтени производи за 27 отсто, производство на фабрикувани метални производи, освен машини и опрема за 17,1 отсто и тн. Кај сите овие дејности платите во просек биле значајно над априлската инфлацијата од 10,5 отсто.

Од друга страна, реалните плати биле многу пониски кај некои од дејностите каде што номиналниот раст бил скромен, односно помал од стапката на инфлација, како на пример, производство на останата опрема за транспорт, каде што платите и номинално биле помали за 0,9 отсто, а кога ќе се додаде и стапката на инфлација, реално платите биле пониски за над 11 отсто. (М.Ј.)