Infinum ја презеде амстердамската дигитална агенција Your Majesty

Продолжува стратегијата на ширење на западноевропските пазари на една од најголемите ИТ компании во регионот


Водечката регионална дигитална компанија Infinum ја презеде холандската агенција Your Majesty. Аквизицијата беше претставена од страна на менаџментот на двете компании на заеднички настан во Амстердам.

Your Majesty е етаблирана агенција специјализирана за дизајн и брендинг. Има десетина вработени и може да се пофали со светски познати клиенти, меѓу кои Adidas, Airbnb, Netflix, Samsung, The New York Times, Bentley, Sotheby’s, Los Angeles Lakers, Nintendo, Universal Music Group и други.

„Your Majesty носи врвна креативна експертиза, а ние ја внесуваме нашата технолошка – заедно имаме сѐ што е потребно за развој на дигитални производи на највисоко ниво. Со новите колеги воведуваме нови услуги, ги подигаме стандардите и продолжуваме да градиме силна глобална организација, додека истовремено добиваме и значајно присуство на холандскиот пазар“, изјави Никола Капраљевиќ, главен извршен директор на Infinum.

Infinum со своите услуги веќе го покрива целиот процес на развој на дигитални решенија, но Your Majesty внесува низа потесни специјалности, како стратешко креативно водство, развој на маркетиншки стратегии и продукција на интерактивни содржини. Само за пример, агенцијата стои зад неодамнешната вирална кампања за враќање на серијата „Squid Game“ на стриминг платформите.

„Со децении ‘игравме над својата категорија’, но ни недостигаше глобален досег за вистински импакт на ниво на големите компании. Преку партнерството со Infinum, можеме да ја оствариме нашата визија, која отсекогаш беше работа на врвни креативни проекти за светски пазар“, изјави Георгиос Атанасиадис, директор на агенцијата Your Majesty.

После интеграцијата со Infinum, Your Majesty продолжува да делува под сопствениот бренд, а нејзините основачи задржуваат малцински удел во компанијата.

Ова е трета аквизиција на Infinum во последните неколку години. После аквизицијата на њујоршката агенција Еxpand the Room во 2023, Infinum го удвои приходот на американскиот пазар, а овој потег е продолжение на нивната глобална експанзија со нагласок на пазарите во Западна Европа, Обединетото Кралство и САД.

Во последните 2,5 години Infinum вложи 7,5 милиони евра во аквизиции. Преку кредит од ЕБРД и реинвестирање на сопствени средства обезбедени се дополнителни 15 милиони евра финансирање за аквизиции во наредните две години, преку кои планираат да го стимулираат понатамошниот раст и развој на компанијата.

Infinum во моментот делува од осум канцеларии во Европа, Обединетото Кралство и САД од кои повеќе од 400 вработени работат на иновативни решенија за глобални клиенти. Добитници се на бројни престижни награди како Red Dot и iF Design Award. Основана во Хрватска во 2005, Infinum е осумкратен добитник на наградата за Најдобар работодавач.

Infinum Македонија е присутна на пазарот од 2021 година со канцеларија во Скопје и тим од 26 вработени и надворешни соработници. „Infinum во Хрватска е веќе етаблиран бренд со 20-годишна традиција, а во Македонија компанијата е сѐ повеќе препознатлива, како по експертизата и услугите кои ги нуди, така и по уникатната култура, тимската атмосфера, процеси и бенефиции што ја афирмираат како посакуван работодавач. Стратешките аквизиции од овој тип не само што го диверзифицираат портфолиото на услуги, туку и го зајакнуваат капацитетот за понатамошен раст и развој на компанијата и нашите вработени”, вели Мирјана Цветковска, генерален директор на Infinum Македонија.