Индустриската зона „Жабени“ пред колапс, обвинува локалната власт во Битола

Градоначалникот Тони Коњановски тврди дека зоната била заглавена во огромни долгови, политичките ривали бараат конечно да почнел да работи


Зоната „Жабени“ почна со големи амбиции, но сѐ остана само на германската фабрика „Кромберг и Шуберт“

 

БИТОЛА – Јавното претпријатие ИЗ „Жабени“ е заглавено во долгови и судски трошоци од претходното раководство на СДСМ, обвинува битолскиот градоначалник Тони Коњановски и најавува дека општината сега ќе мора да го субвенционира претпријатието со 1 милиони денари. Во моментов 16 парцели се дел од јавната објава на Општина Битола за отуѓување на градежно земјиште по пат на електронско јавно наддавање.

За време на раководењето на СДСМ и градоначалничката Наташа Петровска во ЈП ИЗ „Жабени“ се сменија два директори. Првиот Александар Марковски набргу по назначувањето се откажа од функцијата, а на негово место дојде  Анита Крстевска, која иако со зоната раководеше од мај 2020 година до смената на власта, лани, ниту еднаш не излезе во јавноста, ниту пак одговараше на новинарски прашања.

Сега по смената на раководството и преземањето на зоната од страна на новата локална власт предводена од ВМРО-ДПМНЕ, градоначалникот Коњановски соопшти дека ситуацијата во ЈП „Жабени“ била очајна. 

ЈП „Жабени“ е значајно за стопанството и економијата во Битола особено што таму функционира германскиот инвеститор „Кромберг и Шуберт“ кој вработува околу 6 илјади работници од Битола и поширокиот Пелагониски регион.

„Како што неодамна беше запознаена и јавноста, јавното претпријатие ‘Жабени’, од страна на претходното раководство е оставено во големи долгови кои десеткратно ја надминуваат затекнатата сума на сметката на претпријатието, а дополнителни оптоварувања за претпријатието се и судски решенија и тужби. За да се овозможи негова функционалност и работа на привлекување нови инвестиции, планираме субвенционирање на претпријатието во висина од 1 милион денари за сервисирање на затекнатите долгови за електрична енергија, тековни и судски трошоци“, рече градоначалникот Коњановски.

Од април годинава, со ЈП „Жабени“ раководи Владо Талевски, кој откако првично направи увид во состојбите излезе со обвинување дека бившото раководство работело недомаќински и довело до загрозување на ликвидноста на претпријатието. Талевски затекнал големи долгови кои десеткратно ја надминуваат затекнатата сума на сметката на претпријатието и ненаплатени побарувања, како и неможност за исплата на плати.

Според новиот директор финансиската состојба на претпријатието  дополнително ја отежнуваат и судски решенија од како што вели „сомнителни судски спорови“, како и тужби заради неисполнети обврски кон инвеститорите во зоната.

„Постојат неплатени фактури и по неколку години. Не е дадена завршна сметка за претходната година, не е направен годишен план за јавни набавки, не е направен годишен инвестициски план. Исто така, не се објавени тендери за одржување на пречистителна станица и каналската мрежа, иако важноста на старите договори е помината и по повеќе од шест месеци. Ситуацијата исто така значително ја усложнува и тоа што речиси 2,5 милиони  денари се заглавени во пропаднатата штедилица Еуростандард, поради што финансиската состојба е тешка и комплексна, а ‘Жабени’ е на работ на колапс“, изјави Талевски за медиумите.

Според него политиката на претходната власт предводена од СДСМ имала „цунами“ ефект за „Жабени“.

Од ОО на СДСМ Битола возвраќаат локалната власт наместо да бара изговори, да почне да работи и да разговара со сите свои поранешни функционери кои за беспари купија парцели во „Жабени“, сега да ги убедат да инвестираат.

„Ако ситуацијата во јавното претпријатие кое стопанисува со зоната ‘Жабени’ е навистина толку очајна како што се обидуваат да ја прикажат, тогаш зошто Општина Битола му ја даде обврската да го одржува уличното осветлување во Битола? Претпријатието нема ниту човечки, ниту било какви други ресурси за овој вид на дејност, но тоа не го спречи Коњановски и локалната власт на ВМРО-ДПМНЕ дополнително го оптоварат ‘Жабени’“, велат социјалдемократите.

Затоа, СДСМ смета дека сите обвинувања што доаѓаат на адреса на поранешното раководство на јавното претпријатие „Жабени“ се само изговори за неработењето на новата локална власт во Битола.

„Нема да дојде ниту една нова инвестиција, нема да отворат ниту едно ново работно место во ‘Жабени’, а причината за тоа се обидуваат да ја префрлат во минатото“, возвратија од СДСМ Битола. Од таму го отвораат и прашањето – дали можеби локалната власт очекува приходи во зоната и од инвестицијата која ја најавуваа во изборната кампања сегашниот градоначалник на Битола, Тони Коњановски и лидерот на опозициската партија. Или според СДСМ и тоа беше една голема лага.

Од ЈП „Жабени“ велат дека прават напори за надминување на финансиската нестабилност, така што зоната побарала помош од доверителите за одложено плаќање, а веќе се преземаат мерки за привлекување на нови инвеститори.