Ин мемориам: Почина скопската легенда Горан Атанасов-Зеко


Вчера во Скопје по кусо боледување почина Горан Атанасов Зеко познат скопски угостител и своевремено пејач, и еден од главните создавачи на ноќниот и забавен живот во Скопје од крајот на 1980-ти години.

Заедно со Сашо Пижевски – Пиже и Игор Џамбазов е основач и член на култната група Хавана Бенд, која беше своевидна атракција на македонската естрада во раните 90-ти, позната по хитовите „Шток ми бејби“, „Нема спас“, „Дај ми, жити се“ и др. По нејзиното распаѓање, се посвети на својот бизнис угостителството и само повремено учествуваше.

Зеко исто така беше менаџер, косопственик и сопственик на повеќе кафулиња, ресторани, ноќни клубови и дискотеки. Меѓу позначајните се кафулето Баскет, забавниот комплекс Хавана клуб во Градскиот парк, дискотеката „Парк“ во Градскиот стадион и таверната „Хавана“.

Во последно време актуелен со повторното обединување на Хавана Бенд и нивниот хит „Балада за мајка ти и татко ти“, плод на соработката со Александар Митевски.

 

Игор Џамбазов со емотивна порака се прости од Зеко

 

Еден од неговите долгогодишни пријатели беше Игор Џамбазов, кој со емотивна порака се прости од Зеко.

„Газда Зеко…не е фер.Од кога фајронтот волку рано?

Пијачките недопиени, приказните недораскажани, жените недоозборувани…

Брате Зеко…не е фер. Не беше ваков договорот.

Нели требаше да снимаме нова песна? Нели ти ќе ја пееше, оти Пиже и јас сме биле дунстери?

“Пријатељу“ Зеко…не остави и без зборови и без солзи…

И да знаеш, ти беше еден од ретките кој имаше и во главата, и во душата, и во срцето, а и меѓу нозете. Ние само се трудевме да те имитираме.

Биди добар таму горе и чувај место на твојата маса.

Наскоро се гледаме.

Вечно твои браќа, Пиже и Игор…“