Импресивна интеграција на Македонија во НАТО, оцени адмирал Бауер


 

За три години Македонија постигна импресивно ниво на воена интеграција во НАТО, изјави денеска на прес-конференција адмиралот Роб Бауер, претседавач на Воениот комитет на Алијансата, кој е во посета на Скопје.

На заедничката прес-конференција со министерката за одбрана Славјанка Петровска и началникот на Генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, тој рече дека покрај придонесите што нашата држава ги дава на Алијансата, како што е поддршка за борбените групи во Бугарија, Латвија и Романија и на Косово, трупите на Македонија служат под знамето на НАТО во мировна мисија.

„За три години постигнавте импресивно ниво на воена интеграција во НАТО адаптирајќи ги вашите структури и сили на потребите и барањата на НАТО и ја зголемивте вашата имперабилност“, рече Бауер.

Петровска нагласи дека Македонија заедно со сојузниците во Вилнус ја реафирмираше определбата за вложување на најмалку 2 проценти од бруто-домашниот производ во одбраната и тоа, како што рече, целосно е реализирано. Таа ја осуди „бруталната руска агресија на Украина“ и рече дека „независна и суверена Украина има целосно и морално право и потреба да се одбрани. Украина се брани себеси, но го брани и меѓународниот правен поредок кој се базира на принципи и правила и затоа ја заслужува сета наша помош и поддршка“.

Началникот на Генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски рече дека го информирал адмиралот за тековните процеси на вооружените сили, како и за реформите и трансформацијата на нашата Армија, операциите кои ги организиравме во земјата, но и НАТО воените операции.

Адмиралот Бауер беше примен од претседателот Стево Пендаровски и притоа се разговарало за процесот на трансформација, опремување и модернизација на македонската армија и учеството во меѓународни операции и вежби. Пендаровски и Бауер констатирале дека Алијансата треба да продолжи во своите напори за поддршка на Украина со цел стабилизирање на ситуацијата во целиот евроатлантски простор.