„Имаше бели, па сега црвени линии. Тоа е апсурдно“: Сиљановска за предлогот на СДСМ

Според претседателката, партиите требало да се договорат како ќе настапуваат надвор од државата


 

Претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова смета дека нема потреба од нова декларација за црвените линии на државата за евроинтеграциите што најголемата македонска опозициска партија СДСМ најави дека ќе ја поднесе. Сиљановска-Давкова денеска од Охрид им порача на сите политички партии да седнат во парламентот и да се договорат како ќе настапуваат надвор од државата. 

„По толку бели линии, сега да зборувате за црвени линии, е апсурдно. Ние имаме декларација, и тоа не само една, туку неколку декларации имаме донесено во Собранието и не беа почитувани. Дури и референдумски резултат не почитувавме, а камоли црвени линии. Не разбирам што значи црвена линија во овој поглед, особено не ја разбирам аргументацијата дека доколку сепак посегне соседот по вето, ние тогаш ќе ги прекинеме преговорите“, рече Сиљановска-Давкова во изјава за медиумите дадена по врачувањето на признанието „Инженерски прстен 2025“. 

Според претседателката, најважно е политичките партии и од опозицијата и од власта да постигнат консензус за тоа како ќе се однесуваат надвор.

„Ако така се однесуваа по средбата на која сите ѝ се израдувавме во Владата, мислам дека и ЕУ поинаку ќе се однесуваше. Ако лидерите на опозицијата и лидерите на сите партии зборуваа во еден глас дека мислиме вака и вака, дека ова е најдобро решение, сигурно поинаку ќе се однесуваа кон нас. Ама да слушате аргументација – предложија уставни измени со одложено дејство, не им ги прифатија. Првиот човек на Европската унија, Антонио Кошта, за измените со одложено дејство рече дека се извонреден потег. Зарем мисли некој дека ние ќе предложиме уставни измени со одложено дејство ако за тоа нема уставен основ. Па и првите уставни измени беа со одложено дејство, па и Преспанските беа со одложено дејство“, истакна Сиљановска-Давкова.

Зборуваме за највисокиот акт на државата, за Уставот во кој пишува дека предлагач на уставните измени може да бидат 150 илјади граѓани, Владата и претседателот на државата. 

„Не читам јас никаде Европската унија или соседите. Така е со сите устави“, нагласи Сиљановска-Давкова.

Во однос на непочитувањето на одлуките од Меѓународниот суд на правдата во Стазбур, претседателката праша зошто е судот, ако неговите пресуди не важат за сите држави. 

„Јас мислев дека пресудите на Судот се конечни и извршни и важат за сите држави. Какви се тие пресуди кои не важат, каков е тој суд чии пресуди не важат“, праша Сиљановска-Давкова. 

Сиљановска-Давкова беше прашана да ги коментира наводите на Георгиев со кои тој ја оцени за непотребна провокација неодамна поднесената иницијатива до Уставниот суд за оцена на уставноста и законитоста на Протоколот од вториот состанок на Заедничката меѓувладина комисија со Бугарија.

„Уставните судови се надвор од поделбата на власта внатре во државата, а сигурно не се под јурисдикција на соседни политичари. Ако некој покренал постапка во Уставниот суд, судот ќе реши дали има основа за негово проследување, а одлуките на уставните судови и во Бугарија и во Македонија се конечни, извршни и не се коментираат“, рече таа.

На оваа изјава на Сиљановска од СДСМ одговорија дека претседателката „уште еднаш покажа дека не е претседател на сите граѓани, туку гласноговорник на ВМРО-ДПМНЕ и нејзините дневно-политички ставови.

Наместо државнички пристап, наместо да ја поддржи иницијативата за национален консензус во клучен момент за евроинтеграциите, таа ја нападна идејата на СДСМ за резолуција со јасно дефинирани државни позиции и црвени линии.

Претседателот треба да биде фактор на стабилност и обединување, а таа избира да биде продолжена рака на владата и на пропагандата на Христијан Мицкоски. Претседателот на државата има уставна и политичка обврска да биде фасилитатор на националниот дијалог, а не негов најгласен противник. Но од Сиљановска не видовме ниту една конкретна иницијатива, ниту една остварена дипломатска цел, ниту еден став кој ги обединува граѓаните. Наместо тоа, цела година ја помина во културни протоколи и одење по концерти, додека државата се соочува со сериозни предизвици“, стои во соопштението на СДСМ.