Имаме долгорочни планови за Македонија: Пал Заранди, директор за мобилни и 5Г стратегии на „4iG“ групацијата
Очекуваме дека ќе ја добиеме фреквенцијата следната година. Доколку сè оди добро, можеби ќе успееме да го направиме првиот повик годината по тоа“, истакна Заранди за македонските новинари
(Од нашиот известувач)
ТИРАНА – Унгарскиот телекомуникациски оператор 4iG официјално ќе поднесе апликација за влез на македонскиот телекомуникациски пазар. Унгарската компанија има долгорочни планови за настап на македонскиот телекомуникациски пазар, а прво ќе се насочи кон сегментот на мобилната телефонија. На средба со група македонски новинари во Тирана, Албанија, каде што 4iG има успешна приказна, одговорните во компанијата најавија амбициозни планови што подразбираат инвестиции од 100 милиони евра. Првиот човек во делот за мобилни и 5 Г стратегии на групацијата Пал Заранди вели дека првиќно на македонскиот пазар ќе почнат со гринфилд инвестиција, но не се исклучува и акцвизиција на некоја од постојните компании, доколку има нешто на продажба во иднина.
„Оптимистички, очекуваме дека ќе ја добиеме фреквенцијата следната година, бидејќи тоа е долг и комплициран процес. Доколку сè оди добро, можеби ќе успееме да го направиме првиот повик следната година по тоа“, истакна Заранди за македонските новинари.
На прашањето зошто 4iG ја избра Македонија како следен чекор од земјите на Балканот, по Црна Гора и Албанија, Заранди вели дека за групацијата и за пазарите со гарантирана директна комуникација, особено во Западен Балкан, се заинтересирани за секоја земја и регион.
„Веќе успешно влеговме во Црна Гора и Албанија и сме многу задоволни од тие пазари. Постојано бараме нови можности на сите други пазари. Оваа можност се појави кога сфативме дека постои поволно политичко опкружување. Секогаш кога сакаме да влеземе на нов пазар во телекомуникацискиот бизнис, многу е важно регулаторната средина и владата да нè прифатат позитивно. Сметаме дека сме добредојдени во Македонија. Тоа беше првиот чекор“, вели тој.
Вториот важен, според него, беше да се анализира ситуацијата на пазарот. Притоа, како што објаснува, забележале дека има многу добра понуда опсег на фреквенции што може да го олесни управувањето.
„Опсегот на фреквенции е многу важен – тоа е како кислородот за телекомуникациите. Тој е суштински. Без него, не можете вистински да станете значаен играч на пазарот. Ако го имате, добивате многу можности да го правите она што сакате. Тоа беше знак дека овој пазар е навистина интересен. Потоа продолживме да работиме со локални експерти, како и со многу искусни меѓународни експерти кои работеле на слични случаи претходно. Ги ангажиравме да направат подлабока анализа на ситуацијата. Постојат многу важни регулаторни и пазарни фактори што моравме да ги разбереме“, вели Заранди.
Сега 4iG е на точка каде што доби потврда дека е изводливо да влезе на пазарот. Исто така, започна да го развива бизнис моделот и бизнис планот. Следниот чекор е формално да се обрати до регулаторните органи и инвеститорите.
За таа цел, Заранди, директно од Тирана во вторникот отпатува во Скопје на финален состанок со регулаторниот тим и експертите од бизнис секторот.
„Ќе поминеме низ нашето писмо за апликација, врз основа на кое ќе го финализираме процесот. Или оваа недела или на почетокот на следната недела планираме официјално да го потпишеме“, посочи тој за македонските новинари.
На прашањето како 4iG планира да влезе на македонскиот пазар, односно дали ќе се оди со сопствена фирма или ќе се обидете да се спои со некои постоечки, Заранди објасни дека планот за влез на пазарот е преку „greenfield“ пристап.
„Тоа значи дека суштински ќе влеземе самостојно. Се разбира, ќе треба да имаме многу локални партнери од европскиот простор за инфраструктурата, кулите и добавувачите на опрема од кои ќе ја купуваме опремата. Како и во Албанија и во Македонија, сме ограничени во изборот, бидејќи е многу важно да соработуваме со европски или некинески добавувачи. Во Албанија, на пример, работиме со шведскиот „Ericsson““, вели тој.
Секако, како што додава, тоа не може да се направите сам. Потребни се многу локални и глобални партнери. Но, во поглед на самостојното работење, бидејќи ќе го имаат сопствениот опсег на фреквенции, ќе можат да влезат на отворен начин.
„Кога подоцна станува збор за потенцијално помали играчи кои немаат свои лиценци, тоа би можело да биде чекор за забрзување. Идејата е дека откако ќе изградиме мрежа, ќе сакаме да ја пополниме со корисници и да започнеме со собирање приходи што е можно поскоро.
Значи, во иднина, ваквите чекори би можеле да бидат дел од нашата стратегија, но засега тоа е повеќе можност која ја разгледуваме според околностите. Моментално сме фокусирани на поголемата слика, на главната структура и на тоа кој ќе влезе на пазарот“, истакна Заранди.
Тој додаде дека во овој момент може да каже дека инвестицијата ќе биде најмалку 100 милиони евра што ќе треба да се инвестираат во мрежата и во сè друго. Но, тоа е долгорочна инвестиција, односно не е нешто за две, пет или 10 години.
„Ова не е компанија што останува статична. Како што велиме, оваа индустрија е маратон. Затоа сме стратешки инвеститори. И откако ќе влеземе на пазарот и мрежата ќе биде подготвена, ќе треба да продолжиме да инвестираме секоја година, веројатно 15-20% од нашите приходи. Тоа е многу“, вели Заранди.
Тој посочува дека опсегот на фреквенцијата е фундаментален бидејќи е ограничен ресурс.
„Количината и квалитетот на спектарот што го имате го одредуваат она што можете да го направите со него. Затоа, за нас е важно да инвестираме и да купиме добро портфолио, слично на она што го имаме во Црна Гора и Албанија. Тоа е почетна точка, но тоа е само предуслов. Откако ќе го имаме, треба да го ставиме спектарот во употреба, со опрема од добавувачи што е енергетски ефикасна, за да можеме да го минимизираме трошокот. Ќе ни треба многу рационален бизнис модел. Ова значи внимателно минимизирање на износот на пари што ќе го потрошиме на мрежата во почетокот, кога немаме многу корисници. Ќе имаме предност, бидејќи, за разлика од добро воспоставените телекомуникациски оператори, нема да треба да инвестираме во 2G и 3G технологии. ИТ системот, исто така ќе биде многу поедноставен, што ќе ни овозможи целосно да се фокусираме на 4G и 5G. Ќе можеме да започнеме со напредна архитектура за 5G, додека постарите оператори сè уште експериментираат со интегрирана архитектура. Ова е нов вид на бизнис модел“, вели Заранди.
Тој додава дека секој оператор кој планира да купи сопствен спектар и да изгради своја мрежа мора да има силна понуда за потрошувачите, бидејќи тоа е најважниот пазар.
„Мораме да имаме амбициозен бизнис план за да освоиме значителен дел од мобилниот пазар за потрошувачи. Поради нашата силна ИТ позадина, ќе треба да изградиме и пазар за деловни корисници, бидејќи таму можеме да понудиме дигитални услуги откако ќе ги привлечеме првите клиенти со телекомуникациски услуги. Потрошувачите и мобилниот сектор се нашиот главен фокус, но секако, постојат и ТВ услуги и домашна конекција, што е тренд на меѓународно ниво. Дефинитивно, сакаме да создадеме платформа од која ќе можеме да го освоиме пазарот на домашни и ТВ корисници“, вели Заранди.
На прашањето кои се клучните проблеми за Македонија и кои се главните предизвици, тој вели дека не е специфично само за Македонија, туку важи за секој што влегува на пазарот.
„Дури и ако имате добар опсег на фреквенции и можете да изградите сопствена мрежа, потребни се години за да ја изградите целата мрежа. На почетокот, веројатно ќе имаме мрежа само во Скопје, бидејќи обично почнуваме од највредните и најнаселените области. Но, ако сакам да понудам услуга на типичен корисник од Скопје, не можам постојано да му објаснувам дека услугата функционира само во Скопје. Тоа значи дека треба да обезбедиме таканаречен национален роаминг пристап до мрежите на конкурентите. Ова е нешто што секогаш се случува кога играте против пазарот. Обично регулаторите и регулаторните органи го разбираат ова. Тие имаат законски регулативи и прописи кои се доста поволни за ваквите услуги. Затоа, веруваме дека нема да биде проблем за нас да обезбедиме таков договор со еден од нашите конкуренти. Сега, прашањето е колку добар ќе биде овој договор? Се надеваме дека во текот на неколку години ќе успееме да го договориме според нашите услови. Но, тоа е само еден аспект. Ова е суштински дел од нашиот план и мора да го обезбедиме. Тоа е нешто во кое владата и регулаторните органи можат и треба да ни помогнат“, вели Заранди.
Главниот предизвик, како што додаде, е колку брзо ќе успеат да изградат база на корисници. Бидејќи мрежата ќе ја градат за што ќе бидат потребни многу пари, а готовината ќе се троши брзо, затоа мораме да донесат корисници.
„Во Северна Македонија, корисниците често имаат двегодишни договори. Покрај тоа, постои и концептот на пакет услуги. И двата големи оператори ги комбинираат мобилните и ТВ услугите, што понекогаш го отежнува напуштањето на нивните услуги од страна на корисниците. Ова е важен фактор во нашиот бизнис план и поминуваме многу време за да ги разбереме овие динамики. Но, имаме план за тоа. Очигледно, мора да најдеме решение како да ги убедиме овие корисници дека вреди да се префрлат кај нас и да ја користат нашата мрежа и услуга. Сепак, би рекол дека тоа е најголемиот предизвик“, нагласи Заранди.