Има ли Албанец во владиниот тим на Мицкоски во Будимпешта?

Премиерот Христијан Мицкоски објави фотографии од престојот во Унгарија, меѓу кои и таа како положува венец на Меморијалниот споменик на унгарските херои во Будимпешта. Претходно објави фотографија од пречекот на аеродромот на кој се гледа дека со него допатувала и сопругата со изнајмениот авион.
Она што е куриозитет е дека на фотографијата пред споменикот нема ниту еден министер Албанец, иако утре ќе се одржи меѓувладина конференција.
„Церемонија на положување венци на Меморијалниот споменик на унгарските херои. Чин на почит и сеќавање кон оние кои ја вградија својата жртва во историјата. Нека ова положување венци биде симбол на пријателството, благодарноста и заедничките вредности што ги споделуваат Македонија и Унгарија“, паиша премиерот Христијан Мицкоски на Фејсбук.
Согласно агендата, утре се предвидени тет-а-тет средба меѓу Мицкоски и унгарскиот премиер Виктор Орбан, а во рамки на владиниот самит предвидено е да се одржат и билатерални средби меѓу ресорните министри на двете влади, по што ќе следи и заедничка седница на двете влади.
Предвидено е министерот за надворешна политика и надворешна трговија Тимчо Муцунски и министерот за надворешна политика и трговија Петер Сијарто да потпишат акциски план за размена на експертиза од страна на Унгарската дипломатска академија за јавни службеници на меѓусебно договорени теми за интеграција во ЕУ, процесите на администрацијата на Министерството за надворешни работи и надворешната трговска политика во Будимпешта.
По завршување на меѓувладината седница утре заедничка прес-конференција ќе одржат двајцата премиери. Од Владата ниту испратија список на делегацијата , ниту пак временска рамка за следење на посетата до медиумите, така што може да се нагаѓа кој се е во делегацијата.
Премиерите Мицкоски и Орбан ги предводеа владините делегации на заедничката меѓувладина седница што се одржа во септември лани во Охрид, на која беше потврдено стратешкото сојузништво меѓу двете земји и реафирмирана силната унгарска поддршка за нашата евроинтеграција.