Има ли АЕК двојни стандарди кога се во прашање навивачите?


Динамо Загреб и полицијата се целосно одговорни за тоа што се случи, полицијата затоа што дозволи конвојот да ја помине цела Грција, рече во август 2023 година извршниот директор на ФК АЕК, Јоргос Космас откако во земјата беа пуштени околу 150 навивачи на хрватски Динамо, од кои поголемиот дел без билети, за натпреварот во квалификациите за Лигата на шампиони, кога се случија сериозни инциденти и беше убиен навивач на АЕК, со што се поставува и прашањето дали атинскиот клуб има двојни стандарди кога се во прашање навивачите?

Како што јави дописничката на МИА од Атина, пред две години ФК АЕК ја обвинуваше полицијата што ги пуштила хрватските навивачи во Грција во пресрет на фудбалскиот натпревар со Динамо Загреб, сега, две години подоцна РК АЕК (индиректно) ги обвинува македонските власти што не ги пушти нивните навивачи на натпреварот со Алкалоид.

Иако не станува збор за исто раководство или за ист случај со оглед на тоа што пристигнувањето на навивачите на Динамо во Атина резултираше со сериозни инциденти и еден убиен, сепак и тогаш и сега протагонист е АЕК и ставот во однос на навивачите, на својот или на другиот тим – во зависност од околностите.

Во неделата одбија да играат и беше одложен натпреварот со Алкалоид затоа што нивните навивачи беа запрени на граница, но од друга страна, пред две години пак имаа сосема спротивен став, кога навивачи на гостински тим беа пуштени да влезат во Грција – тогаш ја обвинија грчката полиција дека пуштила хрватски навивачи.

На 8 август 2023 година, ФК АЕК требаше да биде домаќин на Динамо Загреб во третото квалификациско коло во Лигата на шампиони, но ден претходно, пред стадионот во атинската населба Неа Филаделфија имаше сериозни инциденти меѓу навивачите на грчкиот и хрватскиот тим, а 29-годишен навивач на АЕК беше прободен со нож по што им подлегна на повредите.

Извршниот директор на ФК АЕК, Јоргос Космас, тогаш директно го обвини Динамо Загреб за инцидентите и убиството велејќи дека хрватскиот тим „е апсолутно одговорен што организирана група криминалци од Хрватска тргна организирано од Загреб за да го предизвика она што го предизвика“.

– Вториот главен виновник е полицијата која дозволи конвојот да ја помине цела Грција и да стигне до Атина и да го одржат планираниот „состанок“ со организираните криминални навивачи на друг грчки тим. И заедно им дозволи да стигнат до Нова Филаделфија. Динамо Загреб и полицијата се целосно одговорни за тоа што се случи, рече тогаш Космас.

Тогашниот министер за заштита на граѓаните на Грција, надлежен за полицијата Јанис Иконому во интервјуто за грчката телевизија „Алфа“ рече дека постоел „трагичен неуспех“ на полицијата да го спречи и запре патувањето во Атина на навивачите на Динамо Загреб, а говореше и за оперативни грешки и неискористување на информациите.

За пропустите на грчката полиција, сведочеа и документите објавени во медиумите, според кои полицијата била информирана дека во Атина доаѓаат навивачи на Динамо Загреб, информации кои стигнале и од хрватските и од црногорските власти.

– Во однос на преминувањето на грчката граница на навивачите на Динамо Загреб, нивното патување во Грција и нивното пристигнување на местото на инцидентите, нема да штедам зборови, недозволиво и неприфатливо е, бидејќи е под можностите и докажаните способности на грчката полиција, која иако брзо уапси 98 лица, потфрли во делот на превенција и спречување, рече тогаш Иконому.

АЕК најмалку пет часа пред натпреварот знаеше дека ќе добие само 200 билети

Сега, речиси две години подоцна откако Алкалоид и МВР, како што за медиумите изјави претставникот на тимот Зоран Цветановски, одлучиле бројот на билети за гостинскиот тим да биде ограничен на 200 влезници, ракометарите на АЕК останаа во соблекувалните.

-Правилото важи дека гостите добиваат десет проценти од капацитетот на салата, што во превод значи околу 650 билети. Нашиот клуб и МВР донесоа одлука дека тоа не е возможно и бројот на влезници за гостинските навивачи беше ограничен на 200. Тука се кршеа копјата. Дел од навивачите на АЕК допатуваа во Скопје, а дел не. Тие што беа во Скопје беа незадоволни што не добија билети колку што посакуваа и дадоа ултиматум на управата на АЕК дека ако истрчаат на терен без навивачи ќе трпат внатрешни последици по враќањето во Атина, рече Цветановски.

Коментаторот на грчката национална телевизија информира дека раководството на АЕК бара одложување на натпреварот со Алкалоид, поради неприсуството на невините навивачи во СЦ „Борис Трајковски

Околу пет часа пред натпреварот (а можеби и повеќе) од АЕК преку соопштение, како на сајтот така и на социјалните мрежи ги информираа навивачите дека им биле дадени само 200 билети, објаснувајќи дека „по утрински безбедносен состанок и покрај упорноста и титанскиот напор на АЕК да обезбеди што е можно повеќе билети за натпреварот, локалните власти на земјата донесоа непопустлива одлука дефинитивно да доделат 200 билети“.

– Затоа, пристапот на нашите навивачи до салата и околината без билет не е дозволен, бидејќи многу сериозно и опасно за личната безбедност на сите, соопштија во неделата од АЕК.

Сепак, над пет часа подоцна, ракометарите на атинскиот тим не излегоа на терен поради „неправдата кон навивачите на кои не им беше дозволено да ја преминат границата“.

Од АЕК соопштија дека „непочитувањето на навивачите е непочитување и на АЕК“ дека раководството „со еден глас, донесе тешка, но неопходна одлука“ и дека „ниедна сила не може да им направи неправда на навивачите, како што се обидоа да направат локалните власти на Скопје“.

Навивачите на АЕК на натпреварот во Атина ја нападнаа клупата на Алкалоид – Лазаров ги смируваше

На првиот натпревар во Атина, на 18 мај, навивачите на АЕК предизвикаа и мал инцидент откако со предмет но и хартиена чаша вода ја нападнаа клупата на Алкалоид.

Следеа и низа псовки и навреди кон Лазаров и играчите, како што се гледа и од видеото на МИА од салата, а тренерот на Алкалоид во спортски дух, се приближи до трибината и заедно со неколку ракометари од АЕК се обиде да ги смири навивачите, а натпреварот продолжи регуларно.

Во олимписката сала во Атина 7.800 гледачи го следеа натпреварот, а меѓу нив и помала група на навивачи на Алкалоид, а на почетокот од дуелот, домашните навивачи беа иритирани и реагираа на поддршката што македонскиот тим ја добиваше од групата што не надминуваше ни 100 лица. (МИА)