Има или нема анекс на договорот за унгарскиот кредит?
Фатмир Битиќи тврди дека многу работи околу унгарскиот кредит се опскурни, министерката Димитриеска-Кочоска одговара дека сѐ е транспарентно
Нови и нови прашања се отвораат за унгарскиот кредит, а одговорите се исти како на почетокот.
Пратеникот на СДСМ, Фатмир Битиќи, на денешната собраниска седница посветена на пратенички прашања упати прашања до министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска за унгарскиот кредит во бараше одговори за тоа дали имало или не анекс на договорот за зеамот, која е компанијта на која ѝ е платено за консултантски услуги и колку пари чинело тоа.
Битиќи ја праша министерката зошто од ветената распределба на првата транша од 250 милиони евра, која требаше да започне овој месец, нема ништо.
„Средствата не се доделени на стопанството, банките сè уште ги немаат критериумите за пласирање, а граѓаните веќе плаќаат камати за неповлечени средства. Зошто целата сума беше повлечена одеднаш, ако не постои јасен план и институционална подготвеност за нивна реализација?“, изјави Битиќи.
Тој уште праша „дали можеби поради грешки во договорот за задолжувањето со првите 500 милиони евра моравте да потпише анекс на договорот затоа што парите, поради пропустот, не можете да ги префрлите кон Развојната банка и општините. Ако ова не е точно, дали тогаш парите ги немате префрлено на Развојната банка поради неликвидност на буџетот, односно ги ускратувате на стопанството за да ги потрошите за тековни буџетски расходи?“
Третата работа што го интересираше Битиќи е дали се кријат вистинските информации за трошоците на кредитот. „Годинава, 1 милион евра беа пренаменети за ‘договорни услуги’, но нема одговори за што точно се трошат овие средства, дали за банкарски провизии или за консултантски услуги“.
Тој рече дека прашањето на граѓаните е едноставно и тие треба да добијат одговор: „Колку плативте на фирмата за правни услуги која ја избра унгарската компанија и може ли да ни доставите доказ за тоа?“
Фатмир Битиќи ја споемна и неодамнешната изјава на премиерот Христијан Мицкоски дека намената на кредитот ќе се проширува од инвестиции во опрема и фабрики во изградба на трговски центри.
„Ова проширување на целите ја зголемува конфузијата и остава впечаток на импровизација, наместо на јасен план за поттикнување на продуктивните капацитети на економијата. Овие средства се претворени во т.н. корозивен капитал – капитал кој ги еродира институционалните капацитети, ги поткопува демократските процеси и ја зголемува ранливоста на државата пред странски интереси.
Во однос на финансискиот товар кој е создаден, според пресметките, само за камати на ова задолжување, државата ќе плати 384 милиони евра за првите 500 милиони евра“.
На сите овие прашање министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска рече дека сѐ што било направено околу унгарскиот кредит било транспарентно.
„Првиот кредит од 500 милиони евра беше повлечен затоа што дел од тие средства беа наменети точно за Развојна банка и на општините. Во однос на кредитот претпоставувам дека тоа најмногу ве боли, зошто не плативме повеќе од еден милион евра на меѓународните институции кои посредуваат при издавање на еврообврзници и сега ви смета затоа што овој кредит 500 милиони евра нѐ чини само 70 илјади евра трошоци кон правниот субјект. Ништо не е скриено, сѐ е транспарентно и гласано во парламентот. Транспаретност имате во Министерство за финансии“, рече министерката за финансии.
Таа се зачуди околу тврдењата на Битиќи за анекс на договорот, бидејќи да имало такво нешто требало да помине во собранието.
Во однос на јавниот долг го праша Битиќи дали видел во Буџетот за 2024 дека има 500 милиони евра за еврообврзница. „Истите се, само не со шест проценти, туку само со 3,25 и со многу поповолни услови и со помалку провизија. Јавниот долг не е 70 проценти. Не знам каде прочитавте. Јавниот долг е 62,7 проценти. Со крајот на годината верувам дека ќе биде помал затоа што оваа Влада работи неуморно и очекува многу поголем раст во четвртиот квартал и како резултат на тоа очекуваме и понизок јавен долг. Знам дека ви пречи затоа што многу искрадовте. Е сега да ви кажам дека сега е еден веќе е уапсен од финансиската полиција и се носи во моментов во обвинителство“, изјави министерката Димитриеска-Кочоска. (Н.В.)