Има долг кон превозниците, но да видиме колкав е, вели директорот на ЈСП

Александар Стојковски нагласува дека на 8 ноември имало исплата кон приватните превозници, а сега трае увидот за тоа колкав е реалниот долг спрема приватните превозници


Директорот на ЈСП, Александар Стојковски

 

В.д. директорот на Јавното сообраќајно претпријатие Александар Стојковски во интервју за МИА вели дека долгот кон приватните превозници го наследил кога стапил на функцијата пред шест месеци. Тој смета дека треба да се подмири, но најпрво да се утврди колкав е реалниот долг откако ќе заврши увидот направен од Финансиската полиција и Управата за јавни приходи.

„Со моето стапување на функцијата пред шест месеци во ЈСП, имаше долг кон приватните превозници. Во моето тековно работење, сите доспеани фактури што ни беа доставени од приватните превозници, се редовни исплаќани. Се работи за заостанат долг, којшто ние сакавме тековно пополека да го затвориме. Последната уплата е на 8 ноември. Направивме анализа и дојдовме до сознанија дека последните пет години приватните превозници не уплаќале, односно не задолжувале никакви карти, а тоа е нивна обврска којашто е договорена односно јасен е член 5 од договорот меѓу ЈСП и приватните превозници“, вели Стојковски.

Во интервјуто Стојковски открива и зошто е раскинат договорот со „Макеспрес“. Ги отфрла како шпекулации информациите дека нема нафта за автобусите на ЈСП и тврди дека нема да има зголемување на цената на билетот без оглед на случувањата на глобално ниво со цената на нафтата.

„Категорично тврдам дека во ЈСП нема недостиг на нафта. Без оглед на случувањата на глобално ниво со покачување на цената на нафтата, ЈСП не планира да направи корекции, односно зголемување на цената на билетот, нагласува Стојковски.

Тој тврди дека автобусите на ЈСП се технички исправни и најавува нови вработувања за возачи поради одлив на кадар по основ на пензионирање.

Ветува и дека Скопјани ќе добијат бесплатен јавен превоз, но дека работите се ставени во мирување поради актуелната економска и енергетска криза, но дека се прават подготовки за да се реализира ветеното.

Еве дел од интервјуто:

Дали имате информација колкава е сумата на долгот кон приватните превозници? Тие тврдат дека е 90 милиони денари? 

„Истата сума е, 90 милиони денари, како дојдов од прв ден на мојата функција до денес, а последната исплата е направена на 8 ноември. Во тој момент ја добивме и комплетната листа каде што секој треба да си ги почитува своите права и обврски. Нашата обврска дека тоа ќе биде платено, го ветуваме, но сакаме прво да ги видиме нивните обврски коишто требало да ги спроведат, а не ги направиле последните пет години.

Што не исполниле приватните превозници?

Можам да го издвојам „Макекспрес“ за неисполнување на нивните обврски со квалитет на испорачана услуга. Раскинување на тој договор настана бидејќи на неколкупати им беше укажувано дека доколку не го подобрат квалитетот, односно со одлука на Град Скопје, паднат под 80 проценти реализација, нивниот договор ќе биде раскинат. На неколкупати, преговарања и предупредувања, а кај нив овој проблем се појавуваше константно, дури и намалување на квалитетот на испорачаната услуга.

За каков квалитет станува збор? Дали е престрога мерката за укинување на договорот?

Приватните превозници прво склучуваат договорот со Град Скопје, а потоа ние склучуваме одвоен договор со превозниците. Град Скопје го дефинира квалитетот на услугата, а ние ги дефинираме начинот на наплата и начинот на функционирање на тарифниот модел, ГПС, валидациите, тоа е во домен на ЈСП Скопје. Се работи за сосема два различни договори. Град Скопје го раскинал договорот поради неисполнување на квалитетот односно обврските којшто приватниот превозник треба да ги понуди.

Неколку десетина возачи заминуваат во пензија наредните месеци. Се уште не е распишан конкурс за нови вработувања. Што прави ЈСП на овој план? 

Во моментов ЈСП располага со 656 возачи. Со моето доаѓање објавивме конкурс односно примивме 50 нови возачи. За наредната година се планира бројката да биде пак 50 возачи. Така што во моментов ЈСП одговорно тврдам дека има доволен број возачи кои ги опслужуваат линиите.

Многу граѓани се жалат дека последниве недели автобусите не се придружуваат до возниот ред. Доцнат или воопшто ги нема на линијата во утврденото време. Што е проблемот? 

ЈСП во моментов вози по комбиниран делничен ред. Значи шпицевите се покриени според стариот возен ред, односно делничниот. Правиме снимање, ажурирање на комплетниот сообраќаен систем, со цел да воведеме нов возен ред. Во моментов се прави валидирање на граѓаните во автобусот. Затоа апелирам, луѓето кои користат бесплатни билети да се валидираат во системот за да можеме да ја добиеме  фактичката состојба во кое време и на кое место да го зголемиме сообраќајот, а на кое место можеме тоа да го намалиме.