Илон Маск се откажува од купувањето на Твитер, акциите на социјалната мрежа паднаа за 6 отсто
Милијардерот Илон Маск сака да го прекине договорот за купување на Твитер вреден 44 милијарди долари, се вели во писмото што неговиот адвокат го испратил до генералниот советник на споменатата социјална мрежа.
Во писмото, адвокатот Мајк Ринглер тврди дека Твитер ги прекршил своите договорни обврски со тоа што не му дал на Маск деловните информации што ги барал.
За потсетување, Маск изјави дека сака да го провери тврдењето на Твитер дека околу пет проценти од неговите монетизирани кориснички сметки се ботови. Твитер одби да ги претстави тие информации, се вели во писмото на Ринглер, пренесува „Си-Ен-Би-Си“ (CNBC).
Ринглер исто така додава: на моменти Твитер ги игнорираше барањата на г-дин Маск, понекогаш ги одбиваше поради неоправдани причини, а понекогаш тврдеше дека ги почитува, а на Маск му беа дадени нецелосни или неупотребливи информации.
Твитер сè уште не го коментирал писмото од адвокатот на Маск.
Маск беше подготвен да плати 44 милијарди долари за купување на Твитер, а акциите на оваа социјална мрежа паднале за шест отсто, пренесе Ројтерс.
Со ова, според агенцијата, се стави крај на сагата за тоа дали најбогатиот човек на светот, кој склучи договор за купување на Твитер во април, ќе стане негов мнозински сопственик.
АП пишува дека не е познато дали бордот на Твитер ќе ја прифати отштетата од една милијарда долари или ќе бара спогодба на суд.