Илјадници луѓе протестираат во Колумбија поради поскапувањето на бензините


Неколку илјади луѓе денеска излегоа на улиците во неколку градови во Колумбија за да протестираат против драстичното поскапување на горивата во таа јужноамериканска земја.

Демонстрантите велат дека зголемувањата на цените наметнати од првата левичарска влада на Колумбија го отежнуваат работењето на малите бизниси и може да ги зголемат трошоците за храна.

Сепак, Владата на претседателот Густав Петро соопшти дека субвенциите за бензин ја чинат државата околу 11 милијарди долари годишно (10 милијарди евра). Владата вели дека мора да ги укине субвенциите за плаќање на долговите кон националната нафтена компанија Екопетрол, која го произведува најголемиот дел од горивото во земјата, за да ослободи повеќе средства за социјалните програми.

Протестот доаѓа по зголеменото незадоволство од администрацијата на Петро, една година откако тој ја презеде функцијата претседател, ветувајќи дека ќе ја намали сиромаштијата и ќе склучи мир со милитантните бунтовнички групи во земјата.

Цената на бензинот во Колумбија се зголеми од 9.000 пезоси за галон минатиот август на повеќе од 14.000 бидејќи колумбиската влада ги намалува субвенциите секој месец.

Официјални лица од колумбиското Министерство за финансии сакаат бензинот да достигне цена од 16.000 пезоси за галон (околу 3 евра) до крајот на годината.