Илјадници луѓе покрај водите го следеа фаќањето на крстот (Галерија)
Низ цела Македонија денеска беа насобрани илјадници луѓе да го следат фаќањето на светиот крст фрлен во водите на празникот Богојавление Водици. Празникот, длабоко вкоренет во македонската традиција се фрлаше во реките и во езерата. Времето беше многу студено, а водите речиси смрзнувачки.
Во Скопје крстот го фати Теодор Јовевски. Него во водите на Вардар од мостот „Слобода“ го положи владиката Јосиф бидејќи архипископот Стефан беше во Охрид каде тој раководеше со церемонијата на Охридското Езеро. Јовевски рече дека првпат се фрла по крстот и се надева дека ќе му донесе среќа, а на другите верници им порача да веруваат во Бога. Годинава во Скопје беа пријавени 220 граѓани за влегување во Вардар за са го фатат крстот.
Во Охрид најсреќен беше Мартин Гоџо. Нему му е вторпат Гоџоски да го фати крстот, тоа го направи и во 2022 година.
„Ова е огромна чест за мене, за мојата фамилија, за мојата тајфа. Водата беше студена, исто како и другите години, крстот ќе си дојде за кој е пишан…Здравје, среќа и бериќет, мене на мојата тајфа, на мојата фамилија“, рече Гоџо.
Него архипископот Стефан го даруваше со библија и златно синџирче со крст, додека од градоначалникот Кирил Пецаков доби икона со Свети Јован Крстител и крст изработен во филигран.
На чинот на осветувањето на езерските води и положувањето на крстот му претходеше обраќање на поглаварот на МПЦ до верниците собрани во Охрид. „Денеска се наоѓаме во градот Охрид и езерото со кои е поврзано се што е наше и духовно и национално, од кои се неодвоиливи и минатото и сегашноста и верувам и нашата идина. Охрид, оваа древна и славна наша столица е свет и климентов и самоилов, овој град на светињи и старини, овој град црква од цркви и темел на сѐ што е наше“, рече архиепископто Стефан.
Традиционално манифестацијата по повод Водици во Охрид ја следеа илјадници верници и гости, како од градот така и од останатите делови на држвата, но и пошироко.
Меѓу присутните беше и претседателот на СДСМ, Венко Филипче, кој исто така на сите православни верници им го честиташе празникот Богојавление.
Прославувањето на Богојавленскиот водосвет во Охрид продолжи со забава на Градскиот плоштад.
Крстот некаде се фралаше во базени, како во скопската општина Кисела Вода. Таму церемонијата се одвиваше во базенот во салата „Расадник“.
Крст се фрлаше и меѓу Македонците во странство, во Пустец, Албанија и хрватскиот главен град Загреб. Во Пустец најсреќен беше Сандре Колефски, а во Загреб шестгодишниот Кирил Стефанов.