Илјадници лекари заразени со коронавирусот во светот, над сто умрени


Институтит  „Роберт Кох“ од Германија објави денес дека со коронавирусот се заразени 2.300 лекари и негуватели во оваа земја. Тој број би можел да биде и поголем, бидејќи овие податоци ги опфаќаат само вработените во болниците, а не и во лекарските ординации, лабораториите, домовите за стари лица и амбулантите.

Германија не е единствената која се соочува со потребата што повеќе да ги заштити, ако е можно, медицинските лица кои, како што изјави еден италијански лекар, секојдневно и гледаат во очи на смртта со страв дека еден ден и тие ќе бидат жртви. Министерството за здравство на Шпанија пријави дека во оваа земја се заразени дури  18.324 здравствени работници заклучно со саботата, што претставува 15 отсто од вкупниот број на инфекции во земјата. За да помогне во зајакнувањето на здравствени работници, шпанската влада ангажирала 356 странски здравствени работници кои живеат во Шпанија, како и студенти по медицина и медицински сестри.

Во Италија се заразени над 11,000 медицински лица, односно  нешто помалку од 10 отсто од официјалниот вкупен број, но оваа земја го држи црниот рекорд, бидејќи околу 73 лекари починаа, според Националниот институт за здравство и здружението на лекарите на Италија. Значајно е што не сите од нив работеа во болници, туку многумина беа општи лекари или стоматолози, за кои се веруваше дека биле изложени преку капки за дишење.

Пред некој ден Кина им одаде почит на медицинските лица што умреа за време на корона епидемијата во Вухан. Според кинеската влада, над 3.000 здравствени работници во оваа земја се заразиле од вирусот, а умреле 14 од нив, но во светот постои сомнеж во вистинските бројки за оваа земја.

САД пак го регистрираше првото медицинско лице што умре од корона вирус неделава. Бројот на заразени лица во оваа земја надмина 250.000 , а бројот на мртвите околу 7.000.  Во Грција заразени се 115 медицински лица, во Полска 461, a во Франција околу 500 медицински лица. Во Македонија во текот на оваа недела исто така беа избројани заразени во болничкиот состав. Според објавените официјални податоци, најмалку 52 , или над 10 отсто од вкупниот број инфицирани се медицински лица. Од нив, 34 биле заразени во болнички услови.

Освен заштитата на лекарите од заразата, проблем е и недостигот на друга медицинска опрема за борба со вирусот. Иако западните евопски земји имаат добри здравствени системи, и тие немаат доволно материјали да се справат со болеста, а немаат ни доволно легла, покрај медицински лица. Во Франција имаше и штрајк на медицинските работници, а еден од нив го потсети претседателот Емануел Макрон со каква леснотија се собрале пари за запалената Богородична црква, а се запоставува здравствениот сектор. И супериорното здравство на САД деновиве крахира, а проблеми и недостатоци има и во Белгија, која важи за земја со најдобра здравствена заштита во Европа.

Инфекциите кај медицинските професионалци, според анализите, во голем дел се резултат токму на недостатокот на заштитна опрема, а пред се маски. По длабоките мерки на штедење во текот на минатата деценија, здравствените системи на земји како Италија, Шпанија, САД и Португалија покажуваат немоќ во справувањето со КОВИД-19. Постојат неколку вообичаени проблеми, како што се недостаток на комплети за тестирање за да се следи вирусот,  недоволно заштитна облека и опрема и недоволно легла во болниците.

„Преоптоварени сме“, изјави за CNBC помлад доктор на северот на Португалија  кој не сакаше да биде именуван заради чувствителноста на проблемот. „Немаме лична заштита ниту (доволно) опрема за сè. Голем број вработени се во карантин и оние што не се заразени се  префрлаат  во друга смена“, додаде португалскиот доктор.

На прашањето за најголемите предизвици со кои се соочува здравствениот систем во Италија, Винченцо Дефилипис, директор на локалниот здравствен орган Бари, во јужна Италија, за Си-Би-Би-Си изјави: „Недостаток на лекари и медицински сестри“.

Во САД, еден од четворица лекари е надвор од работа затоа што  се или болни или се самоизолирани. И тука инфекциите меѓу медицинските професионалци,  се препишуваат на недостаток на заштитна опрема, како што се маски. Портпаролот на владата на САД соопшти во четвртокот дека имало некои „проблеми со дистрибуцијата“ на заштитната опрема, но истакна дека ова е привремено прашање.

„Наша главна грижа е што поскоро да ја добиеме вистинската опрема за да се заштитиме“, рече Томаш Кобо, анестезиолог во болницата во Мадрид, Шпанија, за Ен-Би-Си.Една од главните критики на шпанската влада е дека не се занимаваше со медицинска опрема доволно рано. Владата вети дека ќе купи и дистрибуира 550 милиони маски, 5,5 милиони тестови и 950 парчиња помошна опрема за дишење во текот на следните осум недели..

Во Велика Британија, владата е исто така критикувана за недостигот на заштитна опрема. Ричард Хортон, главен и одговорен уредник на американскиот медицински журнал, Лансет, во една статија рече дека националниот здравствен систем на земјата „не бил целосно подготвен за оваа пандемија“.

Друг проблем што ги погодува здравствените услуги во Европа е неможноста да се сместат голем број на пациенти кои се сериозно болни во исто време.

„Имаме голем проблем со вкупниот број легла на единицата за интензивна терапија“, додаде Кобо, од Мадрид. Италија, најтешко погодената земја во Европа, се соочува со истиот проблем.

„Во последната деценија италијанската национална здравствена служба бележи намалување на повеќе од 37 милијарди евра  во буџетот со значително намалување на леглата на одделението за интензивна нега, заедно со прогресивна приватизација на здравствената заштита, особено во богатиот север “, рече Џузепе Навара, професор по хирургија на Универзитетот Месина во Сицилија, за CNBC.

„Италија не беше подготвена за пандемијата COVID-19“, додаде тој.

Италијанската влада прими маски, вентилатори и стручни совети од Кина, а италијанското Министерство за здравство соопшти дека дополнителната дистрибуција на заштитна опрема ќе биде приоритет за медицинскиот персонал.И Дефилипис и Навара за CNBC изјавиле дека на некои здравствени работници им било кажано да продолжат да работат дури и ако на тестовите биле позитивни за вирусот, „освен ако немаат симптоми“.

Во Велика Британија пак најголеми критики владата трпи поради малиот број на тестирања.  Владата на премиерот Борис Џонсон вети дека ќе го забрза тестирањето на сомнителните случаи “.

Здравствените експерти веруваат дека недостатокот на тестирање може да објасни зошто Италија и Шпанија биле погодени со повеќе случаи на коронавирус отколку Кина. Во суштина, колку повеќе луѓе се тестираат, толку подобро властите можат да одговорат.

Со оглед на невидените предизвици и притисокот врз системите за здравствена заштита, владите ширум Европа најавија различни чекори за поддршка на сопствените сектори, вклучително и развој на договори со приватни установи за нега, нови  финансирања, забрзување на набавките на опрема и на тестови, покрај градењето привремени болници.