Илјада деца насилно земени од Украина и дадени на руски семејства
Русија насилно преместила повеќе од 1.000 украински деца од окупираниот регион Мариупол за да бидат посвоени од руски семејства – потег што е геноцид, објави американски тинк-тенк.
Институтот за проучување на војната (ISW) цитираше сега избришана објава на руската влада која покажа дека Русија носи украински деца во земјата и им плаќа на руските семејства да ги посвојат.
Архивирана верзија на објавата на Управата за семејство и детство на рускиот федерален субјект (регион) на Краснодарскиот крај детално ја прикажува програмата според која руските власти префрлиле над 1.000 деца од Мариупол во Тјумен, Иркутск, Кемерово и Алтај крај. Регионалната влада во својата објава наведе дека над 300 деца сè уште чекаат „да ги запознаат своите нови семејства“ и дека на граѓаните кои ќе одлучат да ги посвојат овие деца, државата ќе им даде еднократна исплата според федералниот закон.
„Повеќе од 300 бебиња се привремено задржани во специјализирани институции на Краснодарската територија и со нетрпение очекуваат да ги запознаат своите нови семејства“, се вели во објавата. Според објавата, „додатокот“ се доделува на секое посвоено дете. Се забележува дека од февруари оваа година – месецот кога започна војната на Русија против Украина – паушалниот додаток за секое посвоено дете е 20.472,77 рубли (342 долари).
Еднократната исплата што ја нуди државата е значително повисока кога се посвојува дете со хендикеп, дете над 7 години или истовремено посвојување браќа или сестри, и изнесува 156.428,66 рубли (2.614,77 долари).
Во исто време, главната управа за разузнавање на Украина (ГУР) известила дека 30 украински деца од Харцизк, Иловајск и Зухрес во окупираната Доњецка област биле префрлени од руски официјални лица во Нижни Новгород под превезот дека ќе учествуваат во младинско образование и програми за обука.
Насилното пренесување на деца од една во друга група „со намера целосно или делумно да се уништи национална, етничка, расна или религиозна група“ е кршење на Конвенцијата за спречување и казнување на злосторството геноцид.