„Илинден”-Тирана бара преземање итни мерки за спас на Преспанското Езеро


Македонското друштво  „Илинден”-Тирана бара итна средба на претставници од албанската и македонската влада со цел преземање итни мерки за спас на Преспанското Езеро.
 
– Актуелната состојба со Преспанското Езеро бара итно преземање мерки бидејќи езерото е на чекор до еколошка катастрофа. Тоа е едно од најстарите сочувани тектонски езера во светот, споменик на природата и дом на 1.500 ендемски видови животни. Но, според последната состојба, езерото на одредени места е повлечено и до 300 метри од брегот, стои во соопштението на „Илинден”.
 
Се оценува дека  алармантната состојба со недостиг на вода засекогаш ќе го нарушат и уништат екосистемот на Преспанското Езеро.
 
-Значењето на Езерото е огромно и за Македонците од областа Мала Преспа кои егзистенцијално се поврзани со Преспанското Езеро. Економските импликации по населението кое живее околу езерото се катастрофални,  страда земјоделието, риболовот и туризмот, наведува друштвото.
 
Согледувајќи ги последиците, сметаат од друштвото,  итно треба да преземат мерки за санирање на незавидната состојба на Преспанското Езеро.