Илинден: Родителите масовно кажаа “не” за настава во новото училиште


Годинава ќе започне со работа новото основно училиште во населбата Илинден, каде децата ќе следат настава во нов енергетско-ефикасен објект, со греење и ладење со алтернативни извори на енергија, опремено според највисоките безбедносни стандарди, но не без проблеми.
 
Мнозинството родители од сите одделенија се изјасниле категорично ” против” да почне наставата во новото монтажно училиште „Гоце Делчев“ во Илинден и бараат надлежните да ги уважат нивните гласови. Анкетата во одделенијата се спроведувала вчера и завчера. Родителите велат дека најмногу им пречи далечината од старото училиште, а не одредени технички недостатоци како што некој се обидува да претстави.
 
– Во нашето одделение има над 20 гласови “против” и 0 “за” новото училиште. Кај другото дете, исто – 1 глас “за” и останатите против. Од контактите меѓу себе, дознаваме дека исто е и во другите одделенија, вели родител. Дел од техничките недостатоци ( кабли, дупки во дворот и слично) биле отстранети вчера, но родители велат дека тоа не е најголем проблем.
 
– Ние реагираме за далечината и втората смена за пониските одделенија, а не за каблите. Тоа се решава, иако под притисок, на мускули и во последен момент. Но тие што треба да одлучат во корист на родителите, очигледно паднаа на ветувањата од директорката која го сврте вниманието само кон технички работи. Никој не води сметка дека меѓу нас има баби и дедовци, мајки со бебиња кои лани пеш одеа по децата во училиште. Некој упорно се обидува да го отвори училиштето по секоја цена и да го игнорира проблемот со далечината, вели друг родител.
 
Од некои одделенија доаѓаат најави за можен бојкот на наставата утре, доколку се донесе одлука за почеток на наставата во монтажното училиште со втора смена за пониските одделенија, при што целодневна настава има само за 1 одделение.
 
Градоначалникот Александар Георгиевски вели дека општината успеала за три месеци да го оспособи училиштето утре да почне со работа. Смета дека оваа зграда нуди многу поволности за новите ученици. Имено, има паркинг простор за 120 возила, што досега не било случај со пристапот до старата зграда. Превозот е организиран за децата од подалечните населби, според ланскиот распоред. Децата ќе учат во две смени, но ќе почнуваат порано, па родителите ќе си ги земаат порано, а првачињата ќе имаат целодневна настава. За в година е планирано целодневна настава да има и за второ одделение, а потоа и за трето.  
 
– Утре училиштето почнува со работа, во 9 часот, ќе ги примиме првачињата,  а на првиот училиштен ден ќе присуствува и министерот за образование – вели Георгиевски.
 
Зградата има загревање и ладење со фенкојлери, вели градоначалникот, а проблем нема да биде ни одржувањето на часовите по физичко, кои во студените денови ќе се одржуваат во големиот хол, место како до сега во училниците.
 
Училиштето располага со 14 училници, наставничка канцеларија, конференциска сала, пет тоалети како и три простории за кујна со терпезарии. Сите простории се опремени со потребниот инвентар според највисоките нормативи и стандарди. Новото училиште има сензорна соба за поголема инклузија на децата со попреченост. Основните придобивки од отворање на ова училиште се модернизирање и проширување на просторните капацитети како и за прв пат воведување на настава со продолжен престој за учениците од прво одделение и обезбеден топол оброк.
 
Надворешниот дел на објектот е хортикултурно уреден, поставени се канделабри за осветлување, извршено е заштитно оградување на училиштетоа, а  изградени се два паркинг простори, еден за родители и еден за вработените во училиштето.