Игор Јосифов за првпат ќе го изложи заробеното дело за Нелсон Мандела во Венеција


Заробеното дело за Нелсон Мандела изработено од македонскиот уметник Игор Јосифов првпат ќе биде изложено во јавноста Палацо Мора, во рамките на „Лични структури“ на Венециското биенале на уметноста.
Станува збор за дело кое Јосифов го создаде во Северна Калифорнија во 2013 година, а подоцна беше испратено во Париз каде што требаше да биде изложено во Големата палата за време на уметничката недела.
– Од галеријата која ме претставуваше тогаш инсистираа да го испратам кај нив токму ова дело, но наместо да го изложат, тие го присвоија и си го поставија во приватен стан во Париз. По долгогодишна правна битка, благодарејќи на Федералната полиција во Париз, во 2018 година успеав да го вратам заедно со други останати дела, вкупно 169. Токму делото за Мандела носи значајна историја во врска со моите уметнички и човекови права и затоа ќе го претставам во тој контекст првпат во Венеција – вели Јосифов.
Организаторката на изложбите „Лични структури“, Сара Даниели, вели дека ова дело на Јосифов поттикнува остроумен одраз на современото општество и актуелните прашања.
„Интересно е што работата е длабоко поврзана со личната приказна, а во исто време може да допре до секој гледач поради универзалните теми на кои се однесува. Ние веруваме дека сите овие карактеристики заедно можат да создадат моќна појава“, запишува Даниели.
Проектот со кој Јосифов ќе се претстави на годинешното Венециско биенале на уметноста е наречен „Че биде“ и е посветен на авторските права. Покрај делото за Нелсон Мандела, овој проект е трансформациска инсталација која го отсликува светот во време на промени што секојдневно се одразува на нашата иднина.


– Во мојата работа се случува аналогно уривање на границите помеѓу уметникот и формата. Покривајќи повеќе од една деценија уметнички истражувања и работа во различни медиуми, го избрав моето тело како мој примарен и суштински медиум. Сите овие инсталации се закотвени во визуелната и телесната уметност и ги делат преку линија на издржливост. Ова е долготрајна работа за време на која се фрлив како означувачко тело во полето на социјалната семиотика користејќи перформанси и визуелна репрезентација. Ги истражувам психоаналитичките теми, како што се идентитетот, смртта, загубата, неправдата и статусот на егото во современото општество – вели Јосифов.
Преку проектот „Че биде“ ќе бидат изложени и стаклени скулптури кои се симболично поврзани со новиот филм насловен „Че биде – Вистина“, кој ќе има премиера во Венеција. Филмот го снимаше Самир Љума, кој неодамна доби награда на фестивалот „Санденс“ за документарецот „Медена земја“. Во овој уметнички филм покрај Јосифов учествува и манекенката и модел Катарина Ивановска.
– Овој филм е базиран врз мојот живот и креативен процес кој е тесно поврзан со приказната што ќе се одвива за време на Биеналето – додава Јосифов.
За неговото учество на биеналето во Венеција доби финансиска поддршка од приватни спонзорства, како и од германската фондација на Александер Туцек-Стифтунг.
Венециското биенале на уметноста годинава е со тема „Да се живее во интересни времиња“, обележени од лажни вести, урнати вредности и различни кризи. Отворањето е на 11 мај и ќе трае до 24 ноември 2019 година.

Ивана Настеска