ИГМ Вратница вложила во автоматизирана технологија

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска ја посетила компанијата ИГМ Вратница во општина Јегуновце, која поседува важечка лиценца за експлоатација на минерални суровини. На средбата се разговарало за спроведување на законските обврски, еколошките стандарди, безбедносните протоколи и можностите за подобрување на ефикасноста во експлоатацијата.
Од ресорното Министерство информираат дека посетата е дел од континуираните активности на Министерството за мониторинг на носителите на концесии и лиценци за експлоатација, како и за унапредување на регулативата во рударскиот сектор.
– Ресурсите на државата мора да се користат одговорно, транспарентно и со највисоки стандарди. Институциите имаат обврска да водат грижа и континуирано да ја проверуваат усогласеноста со законските обврски, безбедносните протоколи и еколошките стандарди, истакнала Божиновска.
При обиколка на капацитетите на фабриката министерката разговарала и со вработените, интересирајќи се за условите во коишто работат. Дел од 68-те вработени целиот свој работен век го минале токму во ИГМ Вратница и се задоволни што компанијата останува стабилен стопански субјект во регионот. Тие истакнале дека континуираните инвестиции во модернизација и проширувањето на производството не само што обезбедуваат сигурни работни места, туку и ќе создадат можности за младите да ја градат својата кариера во оваа индустрија.
Од страна на менаџментот на ИГМ Вратница било потенцирано дека се во инвестициски циклус и вложуваат во нова автоматизирана технологија, којашто ќе им овозможи поекономично користење на суровините и помало влијание врз животната средина. Неодамна инвестирале и во нова автоматизирана опрема, вклучително современа машина за производство на бетонски елементи, која, според најавите, ќе овозможи поефикасно искористување на суровините и енергијата во процесот на експлоатација и преработка.
Компанијата ИГМ Вратница АД, основана во 1976 година, непрекинато работи оттогаш и е водечка индустрија за градежни материјали со пет производствени погони. Компанијата аплицирала и ќе биде корисник и на средства од унгарскиот кредит.
Генералниот директор Владо Нацевски истакнал дека досега никогаш не користеле државна помош, а за сите потребни модернизации и реновирања морале да земаат неповолни кредити, што го забавувало растот на компанијата.
– Овие средства од унгарскиот кредит се од огромно значење за унапредување на производството и ефикасноста и да ја реновираме, модернизираме и вратиме во живот старата производствена хала. За компанија како нашата, навистина претставуваат значајна поддршка за понатамошен развој, рекол Нацевски.