ИФИМЕС: За кого работи Бојко Борисов?


Меѓународниот институт за блискоисточни и балкански студии (IFIMES)  подготви анализа на актуелната политичка состојба на Балканот во врска со моменталните опасности што го загрозуваат напредокот на земјите од регионот. Во анализата „Кој го загрозува Балканот?“ стои:  

„Во историјата на меѓународните односи ќе биде запишано дека сите земји на Балканот од Словенија до Бугарија барале и бараат официјално членство во ЕУ и НАТО, освен Србија, која прогласи воена неутралност, но сепак е кандидат за членство во ЕУ. Низ историјата, преку јавни и тајни договори, меѓународни конференции, особено по крајот на двете светски војни, но и локалните војни на Балканот и пошироко, големите сили отсекогаш се договарале за сфери на влијание, кои по правило не ја почитувале волјата на засегнатите народи на Балканот.

За прв пат во историјата, големите западни сили смислија нов начин на поделба на сферите на интерес, меѓу другото, преку процедури за пристап до двете најсилни и највлијателни транснационални интеграции, ЕУ и НАТО, односно формираа неоколонијален пристап кон условно неразвиените земји, особено на Балканот. Добро е познат случајот со Република Турција, која со децении чекаше да влезе во ЕУ, а во исто време е една од најважните членки на НАТО за да ги заштити геополитичките интереси на Западот, но и еден вид „источен штит“ за „старата дама“- ЕУ.

Денес Западен Балкан е „во мирување“. Територијата од која започна Првата светска војна и  областа каде што заврши регионалната војна пред 25 години, сега е напуштена и заборавена од ЕУ и претставува закана и потенцијална воена зона. Ќе се забележи дека најсилните земји од западната хемисфера од ЕУ и НАТО го иницираа процесот на прием на земјите од Балканот, а потоа не сторија ништо со децении да ги прифатат во нивното членство. Актуелната состојба на Западен Балкан најдобро може да се опише во реченицата на Френклин Рузвелт: претседател на Соединетите држави: „Ништо не е случајно во меѓународната политика, и ако се случи случајност, се планира“.

Хрватска ја поддржува сепаратистичката политика на Хрватите во БиХ

Примерот за Босна и Херцеговина е најдрастичен, но случајот со Северна Македонија е исто така многу важен. Република Хрватска, балканска држава која е примена во ЕУ и НАТО, во моментов е најголемата пречка и закана за мирот на Западен Балкан, бидејќи ја поддржува сепаратистичката воена политика на Хрватите во БиХ преку Драган Човиќ и сепаратистичката политика на Милорад Додик , босански Србин, кој сака да се претстави како важен руски играч на Балканот. Хрватска ја блокира БиХ и преку низа разузнувачки измами денес претставува значителна поддршка за руската политика во ЕУ и ја усогласува нејзината надворешна политика со Русија.

Неодамнешната посета од страна на министерот за надворешни работи на Русија Сергеј Лавров беше можност за хрватскиот министер за надворешни работи и европски прашања, Гордан Грлиќ Радман (ХДЗ), да потпише протокол за следниот двегодишен период на поинтензивни консултации меѓу двете министерства. Потврда за усогласување на политиките беше изјавата на двајцата министри дека Русија и Хрватска имаат ист став кон Босна и Херцеговина. Така, Хрватска, која е членка и на ЕУ и на НАТО, ги дели истите ставови кон БиХ како и Русија. Зоран Милановиќ (СДП), новиот претседател на Република Хрватска, ја презеде улогата на националистичкиот Хрватски демократски сојуз (ХДЗ) во нападите врз БиХ, а тој се поврзува со албанската мафија која  играла улога во неговото доаѓање за претседател.

Бугарија – руски „тројански коњ“ во ЕУ и НАТО

Бугарија, балканска земја, која исто така е примена во ЕУ и НАТО, денес го блокира пристапувањето на Република Северна Македонија во ЕУ, со што се отвора „Пандорината кутија“ на Балканот. Бугарија, која беше примена во ЕУ под заштита на САД, денес е рамо до рамо со земјите кои директно и се закануваат на ЕУ – Унгарија, Полска и Хрватска. ЕУ не сака да интервенира и да ја дисциплинира Бугарија, која е една од најкорумпираните земји во светот, како што објавија ЕУ, Проектот за светска правда (WJP), Транспаренси Интернешнл, ОЕЦД, ООН и други. Клучното прашање е по чиј налог и во чиј интерес Бугарија ја блокира Северна Македонија?

Дали Бугарија е експонент на руската политика за дестабилизација на регионот и ЕУ, бидејќи водечки човек на Бугарија е премиерот Бојко Борисов (ГЕРБ), поранешен телохранител на комунистичкиот диктатор Тодор Живков и кој потекнува од руската (советска) ментална структура? Особеност на политиката на Живков беа, покрај изразениот бугарски национализам, кој се манифестираше во негирање на македонското малцинство и на Македонците воопшто, и историските претензии кон Македонија, како и насилната денационализација на турското малцинство, чии припадници под присила почнаа да ги менуваат своите имиња во бугарски. Таквата политика не доживеа дисконтинуитет. За чија сметка и интерес поранешниот телохранител на Тодор Живков го блокираше процесот на проширување на ЕУ? Дали се тоа влијанија на некои од членките на ЕУ или тоа е руското влијание  врз Бугарија преку кое се поткопуваат институциите на ЕУ и НАТО, или се тоа обете. Бугарскиот вицепремиер и министер за одбрана Красимир Каракачанов (ВМРО), со македонско потекло и поранешен информатор на тајната служба на бугарските комунисти и министерката за надворешни работи Екатерина Захариева (ГЕРБ), предничат со изјавите асочени кон негирање на Македонците, нивниот идентитет и државност. Ова може да се карактеризира како модерна форма на фашизам, што го покренува прашањето дали бранот фашизам навистина влијае на ЕУ, но и на НАТО. Европската народна партија (ЕПП), чија членка е ГЕРБ, има големи проблеми поради фашизмот во своите редови, но сепак нема политичка волја и храброст да се справи со носителите на овие појави 

На Србија и нејзиниот претседател им се препиша нарушувачката улога

На Србија и е овозможено да „се снаоѓа“ и да ги развива своите односи со Руската Федерација и Кина. ЕУ и НАТО на Балканот континуирано на Србија и препишуваат  експанзионистичка и нарушувачка улога, особено кон БиХ и во однос на нејзините врски со Русија, но и со Кина. Децениите преговори меѓу Србија и Косово  под покровителство на ЕУ се мртво писмо на хартија – доживеа фијаско. Прашањето е, дали ЕУ и НАТО ја сакаат Србија во сојуз со Руската Федерација и Кина или дали Руската Федерација и Кина се толку моќни и силни што ја вовлекуваат Србија во своите геополитички и економски интереси надвор од ЕУ и НАТО? Или, пак, дали Србија е толку тврдоглава, моќна и силна да се спротивстави на ЕУ и НАТО и да се позиционира заедно со Руската Федерација и Кина? Новата американска администрација наскоро ќе даде одговори на овие три прашања во врска со Србија и Западен Балкан, директно во дијалог со Германија и Франција, а подоцна и со Руската Федерација.

Аналитичарите сметаат дека кризата предизвикана од глобалното ширење на новиот вирус Ковид-19 уште еднаш ја покажа слабоста на ЕУ и нејзините институции, а големата вистина за тоа ја кажа претседателот на Србија, Александар Вучиќ (СНС), кога  ја нарече ЕУ „бајка на хартија“. Не е подобра ни денес, особено по блокадата на Бугарија за понатамошно проширување на ЕУ и недостатокот на поголема солидарност во пандемијата Ковид-19. 

Дали е „уценет“ претседателот на Судот на БиХ Ранко Дебевец?

Најтрагичен пример е Босна и Херцеговина, за која нема индикации кога воопшто би можела да стане членка на ЕУ и НАТО. Сепаратистичките политики внатре и надвор од БиХ ја враќаат во фокусот на светската политика, во голема мера благодарение на рамнодушните и лицемерни политики на ЕУ.

Во БиХ во моментов се распаѓаат два од  трите столба на моќта: извршната и судската власт,во кои со монтирано обвинение се обидува да се отстрани Фадил Новалиќ, премиерот на Федерацијата на БиХ, кој е пречка за руските енергетски интереси.

Неодамнешниот почеток на изградбата на јужната меѓусебна гасоводна врска меѓу БиХ и Хрватска во правец Загвозд (ХР) – Посужје (БиХ) – Нови Травник е дел од Јонско-јадранскиот проект (ИАП), со кој се намалува или елиминира зависноста од рускиот гас. Новалиќ, иако е еден од најуспешните премиери на Западен Балкан, преку руски играчи во Обвинителството на БиХ и Судот на БиХ беше обвинет, што на крајот ќе ги разоткрие руските играчи во судството на БиХ. Корумпираното Обвинителство на БиХ врши притисок и го  „уценува“ претседателот на Судот на БиХ, Ранко Дебевец, да ги потврди монтираните обвиненија.

Корумпираното Обвинителство на БиХ и Високиот судски и обвинителен совет (ВСП) мора да доживеат промени не само на првите луѓе. Шефот на Судот на БиХ Дебевец, доколку ги поддржи монтираните обвиненија, особено против премиерот на Федерацијата на БиХ Новалиќ, ќе мора да се отстрани. Неопходно е да се реформира целиот судски систем во БиХ. 

Ѓукановиќ го протера српскиот амбасадор за да ги саботира односите на новата власт со Србија

Црна Гора доби нова влада и по 31 година беше соборен најкорумпираниот и најкриминалниот систем на Западен Балкан, предводен од актуелниот црногорски претседател Мило Ѓукановиќ (ДПС). Новата влада го поддржа патот на Црна Гора кон ЕУ и обврските што произлегуваат од членството во НАТО. Мило Ѓукановиќ се обидува да ги саботира новите демократски промени во Црна Гора и ги користи малцинските народи како свои политички марионети.

Последниот предлог за усвојување на резолуцијата за Сребреница во црногорскиот парламент, поднесена од Бошњачката партија (БС), е изум на Мило Ѓукановиќ, кој сака да го продлабочи конфликтот меѓу етничките заедници во земјата. Прашање е зошто резолуцијата за Сребреница не беше усвоена за време нанеговото  владеење кога тој имаше апсолутна власт во Црна Гора.

Протерувањето на амбасадорот на Србија во Црна Гора, Владимир Божовиќ, е неосновано и неиспровоцирано, а во функција на саботирање на работата на новите власти и подигнување на тензиите и загрозување на мирот и стабилноста во регионот. Политиката на Ѓукановиќ опстојуваше со децении благодарение на производството на тензии и конфликти во регионот, каде што тој редовно се појавуваше како „спасител“ и дел од „решението“. Затоа, случајот со амбасадорот Божовиќ ќе биде тест за новата црногорска влада – дали ќе продолжи со сегашната политика на конфликт и подигање на тензиите и политиката на комплицирање на односите со Србија или конечно ќе има промена и дисконтинуитет со политиката на Ѓукановиќ, односно релаксација на односите и меѓусебна соработка со повлекување на одлуката за протерување на амбасадорот Божовиќ.

Во исто време, Ѓукановиќ редовно продолжува со измисленото обвинување на претседателот на Србија, Александар Вучиќ (СНС), кој во многу тешки околности обезбедува мир и стабилност во регионот и не паѓа во замките на Ѓукановиќ и слични провокации. Србија е свесна дека низ историјата секогаш напредувала кога се потпирала на Соединетите американски држави. Затоа, почетокот на работата на регионалната канцеларија на Меѓународната финансиска корпорација за развој (ДФЦ) во Белград е силна поддршка на Вашингтонскиот договор и проектот „Мини Шенген“, како и развојот на Србија.

Нападите на режимот на Ѓукановиќ врз американските дипломатски претставници во Црна Гора се доказ дека тој го загуби компасот и е подготвен за секакви активности, вклучително и приближување кон Русија и Кина. Ѓукановиќ никогаш не ги прекинал соработката и односите со Кина, бидејќи Кина е таа што ја држи Црна Гора под јавна контрола, затоа што го финансира автопатот Бар-Боjаре. Новата влада на Црна Гора мора да биде отворена кон регионот и да покаже дека е за соработка и за заедничка поддршка на активности и иницијативи како што е „мини Шенген“, а земјите од Западен Балкан, кои имаат поднесено апликации за членство, да се позиционираат што е можно поскоро во однос на ЕУ и НАТО. 

Косово пред нови избори – раскин со воените и мафијашките структури

Косово е во најтешка ситуација од меѓународната интервенција во 1999 година. Предвремените парламентарни избори, кои ќе се одржат наскоро, дефинитивно треба да раскинат со воените политички и мафијашки структури и да започнат ново поглавје во развојот на Косово. Одлуката на Уставниот суд на Косово дека изборот на актуелниот премиер Авдулах Хоти и Владата на Косово беа незаконски, дополнително придонесува за расчистување на веќе комплицираната политичка ситуација.

Фактот дека официјалниот став на Европската комисија за визната либерализација, за кој Косово ги исполнува сите услови, сè уште не е реализиран, дополнително укажува на инертноста на ЕУ и повеќето земји-членки во врска со вистинскиот интерес за Западен Балкан. Предвремените парламентарни избори во Косово се последната шанса Косово засекогаш да се раздели со воените политички-мафијашки структури и политички опции и поединци кои немаат хипотека од минатото да дојдат на власт.

Албанија се соочува со политички промени

Парламентарните избори во Албанија на 25 април 2021 година треба да доведат до политички промени и конфронтации со мафијашките структури, кои се највидливи преку нелегалното производство на канабис и друга дрога и трговија со луѓе. Изборите треба да претставуваат силен пресврт кон демократизација на државата, која нејзиниот премиер Еди Рама (ПС) ја приближува до Латинска Америка со своите криминални активности наместо до ЕУ, чие членство е официјална цел на Албанија.

Секогаш кога албанските политички структури беа тесно поврзани или припаѓаа на самата мафија, албанските национални интереси беа најзагрозени. Ова сега е видливо во Косово и Албанија. 

Русија и Кина подготвуваат апликации за „членство“

Руската Федерација и Кина ги подготвуваат своите апликации за други земји за членство во Евроазиската унија, слично на апликациите за членство во ЕУ и НАТО. Се подготвуваат апликации, кои Русија и Кина ги подготвуваат низ целиот свет, вклучително и во Западен Балкан. Кина се подготвува официјално да им понуди на одредени земји одреден начин на приклучување кон сите некинески струи, нудејќи придобивки особено за оние кои се приклучуваат на „Патот на свилата“. Русија сака да ги формализира своите прикриени активности и официјално да се натпреварува со ЕУ и НАТО со својата понуда.

Неодамнешната посета на рускиот министер за надворешни работи Лавров на БиХ е официјален почеток на таквата политика во Европа, политика што ќе им биде понудена на сите оние кои не сакаат да влезат во НАТО или немаат друг излез во современите геополитички движења, или се енергетски поврзани со Русија. Аналитичарите сметаат дека на ЕУ и истекува времето на Западен Балкан. Блокадата на процесот на проширување и инерцијата во проширувањето може да се вратат како бумеранг на официјален Брисел, бидејќи Русија, Кина и Турција се силно присутни на Западен Балкан и реално е да се очекува дека некои земји ќе ја променат својата геополитичка ориентација.

Кои се приоритетите на политиката на САД и ЕУ на Западен Балкан

Заедничката борба против пандемијата „Ковид-19“ и новата безбедносна и одбранбена политика, повторното зајакнување на НАТО, заедничката политика кон Блискиот и Далечниот исток, Турција и Иран, заеднички монетарни и финансиски проекти и борбата против какво било влијание на Кина, новите проекти за заедничка миграциска политика, се најважните теми меѓу ЕУ и САД.

Најголемиот предизвик за САД и ЕУ ќе биде заеднички пристап кон Русија поради енергетската зависност на ЕУ од неа. Дејствијата на Русија создаваат главоболки за САД и ЕУ на скоро сите полиња, затоа што Русија, користејќи современи комуникациски алатки и платформи, но и силни безбедносни и разузнавачки служби, ја дестабилизира ЕУ со поткопување на демократските институции и создавање нови позиции во рамките на политиките на одделните земји. членки. ЕУ прво ќе мора да го исчисти својот двор и со помош на новата американска администрација да се обиде да излезе од очигледна политичка криза, која ја тресе офвнатре. Само тогаш ќе дојде ред на Балканот и состојбата на Балканот. Новата администрација на САД ќе се залага за заеднички пристап кон Балканот и земјите од Западен Балкан,а Босна и Херцеговина е на првото место.

Новата американска администрација ќе ги реши БиХ, Косово и Северна Македонија во консултација со Германија и Франција, но без многу мешање на ЕУ. Ова ќе биде во договор со Русија, особено околу БиХ, особено околу конечното решавање на српската сецесионистичка политика во БиХ, но и хрватската политика што ги поткопува интересите на Вашингтон и Дејтонскиот мировен договор во соработка со Русија. Косовското прашање нема да се реши без Русија, но новата американска администрација ќе застане цврсто зад Северна Македонија и ќе ги отстрани блокадите на Бугарија со внатрешни политички промени во таа земја. На крајот неизбежно се поставува прашањето: Кој му се заканува на Балканот?

Сигурно е дека новата американска администрација ќе стори сé за да ја извади БиХ од калта во која падна благодарение пред се на млитавата и лицемерна политика на ЕУ и внатрешните сили (пред се на Вишеградската група на држави), кои го попречуваат секој напредок.  Што ќе понудат САД за просперитет на БиХ и Западен Балкан во договор со Русија, останува да видиме, бидејќи Русија ги одржува т.н. замрзнати конфликти. Аналитичарите предупредуваат на улогата на Грција, Кипар, Бугарија, Унгарија, Хрватска, но и на некои други политики на земјите-членки на ЕУ и НАТО, кои делумно се во функција на интересите на Русија. Не е изненадувачки што една од водечките разузнавачки точки во Русија се наоѓа во Софија. Треба да се има на ум исто така дека Руската Федерација е многу сложена и хетерогена формација и дека на Русија и се закануваат внатрешни опасности, кои можат да го загрозат нејзиниот опстанок во формата во која сега ја познаваме“. (ИФИМЕС)