Идеолошки престап на „Бихаќска“


АЛЕКСАНДРА М. МИТЕВСКА

„Иницијативата за воведување прогресивен данок е исклучително добра, фер и праведна и ќе гарантира фер и праведно општество за сите, бидејќи парите од побогатите ќе се вратат кај најсиромашните и најзагрозените.“ Вака зборуваше премиерот Зоран Заев ова време минатата година, кога со тогашниот министер за финансии Драган Тевдовски, со здружени сили, го промовираа остварувањето на едно од клучните ветувања на СДСМ.

Не беше т.н. праведен данок ветување само за изборите во 2016 година. Туку и  години претходно, кога во тогаш опозициските одаи на „Бихаќска“ имаше друго раководство, чии политики, барем што се однесува до принципите што произлегуваат од социјалдемократската идеологија, ги продолжија и новите партиски челници – од 2013 година досега.

Кога, пак, се најде во позиција да ги спроведе мерките од социјалдемократската програма, Заев често значеше да каже дека неговата влада е, главно, левичарска и дека од таму произлегуваат  чекорите што ги презема. И не беше далеку од вистината…  Многу од потезите што ги направи СДСМ во изминатите две и пол години беа во насока на намалување на социјалните разлики во општеството и заштита на социјално ранливите групи, почнувајќи од зголемувањето на минималната плата, па до покачувањето на социјалната помош… Барем до моментот кога за само десет месеци се процени дека праведниот данок, форсиран години наназад, не ги дал посакуваните ефекти – што можеби ќе ги даде по три години. Можеби…

Всушност, враќањето на средната класа и прогресивниот данок и натаму фигурираат како клучни ветувања во тековната програма на СДСМ насловена „За живот во Македонија“. Само што враќањето на средната класа е релативна и потешко мерлива категорија, додека прогресивниот данок „издиша“ за неполна година од неговото воведување. Покрај тоа, главниот пишувач на програмата на СДСМ која, во меѓувреме, стана дел и од владината програма, веќе не е член на владата.

Тевдовски и натаму фигурира како член на највисокото раководство на СДСМ. Ама прашање е дали и натаму ја препознава во практика програмата што се пишуваше во партиската централа во клучните месеци пред „падот“ на  десничарската ВМРО-ДПМНЕ. Затоа премиерот овој пат мораше да најде други партнери во поткрепа на признанието дека прогресивниот данок се покажал како недоволно функционален.

Со тоа, понатамошно спроведување на новата даночна политика стана тотално неизвесно. Поточно нејзиното одложување за три години не е ништо повеќе од политички маневар пред влегување во изборна година. И тоа во насока на придобивање на наклонетоста на бизнис-заедницата, а од друга страна, прифаќајќи го ризикот за губење на поддршката на идеолошки профилираното гласачко тело, кое можеби сѐ уште чита партиски програми и верува дека и во политиката сѐ уште има простор за доследност и принципи.

Со одложувањето на праведниот данок, практично му е нанесена неправда на тоа гласачко тело, кое можеби не е многу големо, ама има право да се чувствува изневерено. Впрочем, не беше многу бројна ниту категоријата на незадоволници од новите даночни политики. Ама тие, на крајот, сепак, успеаја да ја убедат владата дека нема потреба од повисок данок за богатите.

И што е најфрапантно, оценката за наводната нефункционалност на новата  даночна политика, која беше заговарана со години наназад, беше соопштена буквално преку ноќ или од „небо во ребра“. Без никаква претходна подготовка на јавноста за големиот програмски, па и идеолошки отклон што го направи владата на СДСМ.

Така,  изненадувањето што го приреди владата стана толку големо што дури и креаторите на рамниот данок останаа со подзинати усти. Поранешниот премиер Никола Груевски дури и се огласи од азилот во Будимпешта со пофалба до владата на Заев, а поранешниот министер за финансии Трајко Славески призна дека со неверување ја примил веста за брзото напуштање на прогресивниот данок,  што, според него, е знак за идеолошка конфузија во СДСМ.

Во меѓувреме, владејачкиот СДСМ почна да се подготвува за изборите планирани за 12 април 2020 година. Овие избори, всушност, ќе одредат кој ќе седи во идниот владин кабинет. Тој кабинет веројатно ќе треба да ја донесе и одлуката дали ќе го „одмрзне“ прогресивното оданочување што актуелната министерка за финансии Нина Ангеловска го стави во „ладилник“ до 2023 година или целосно ќе го укине.

Претходно, ќе биде интересно да се види какви даночни политики ќе содржи новата изборна програма што овој пат социјалдемократите ќе ја пишуваат врз основа на искуството од две и полгодишното владеење. А тоа беше период во кој оваа влада на СДСМ често беше принудена на разни отстапки, па и на идеолошки „престапи“ и застранувања, за да одржи рамнотежа меѓу целната група на која ѝ се обраќа, наспроти центрите на моќ кои се секогаш во поповолна позиција во ситуации кога треба да се одбранат нивните лични или бизнис-интереси.