„И затворот е за луѓе. Ќе одам ако треба“: Мицкоски за истрагата за Кочани

Премиерот ја повика опозицијата да дехидрирала од плукање на него, но да ги оставела семејствата во Кочани на мира


 

Премиерот Христијан Мицкоски денеска во Собранието случувањата по трагедијата во Кочани ги поврза со локалните избори во октомври, а не со тоа дали истрагата на обвинителството и полицијата е селектиовна. Мицкоски рече дека за „пет месеци ќе почне кампањата за локалните избори и граѓаните ќе кажат чија кариера завршува, а чија почнува. Тоа што играте на картата на кратко помнење, ве советувам дека нема да добиете политички поени“, рече Мицкоски на денешната седница за пратенички прашања.

Претходно пратеникот Митко Трајчулески од СДСМ констатираше дека не постои чувство на морална одговорност кај Владата и дека тоа е поразително. Потоа, посочи дека се води селективна истрага за да се заштитат сегашни носители на високи позиции во МВР, Пазарниот инспекторат. Тој тврдеше дека истрагата е контаминирана и е обид да се задоволи јавноста за сметка да не се откријат директните виновници за пожарот во дискотеката. „Ширењето на истрагата со децении наназад е само обид да се задоволи јавноста за сметка на откривањето на директните виновници за пожарот во дискотеката. Неуспешен ќе биде обидот да се префрли целосната вина единствено на лица кои се индиректно врзани за последицата и кои биле носители на одредени функции пред повеќе од 10 години, а во исто време да не се повикаат на одговорност оние кои направиле сериозни пропусти во моментот на случување на несреќата“, рече Трајчулевски.

Тој постави прашање до премиерот Христијан Мицкоски дали разводнувањето на истрагата е за да се заштитат функционери.

Наспроти тврдењата од првиот ден по пожарот во дискотеката, кога Мицкоски покажуваше наводни лажни лиценци и тврдеше дека тогаш актуелниот градоначалник на Кочани од ВМРО-ДПМНЕ нема вина, сега премиерот рече дека истрагата ја води јавниот обвинител, а не тој или владата.

„ВМРО-ДПМНЕ сѐ уште е под прогон на обвинители од времето кога СДСМ ги бираше. Ако обвинителот одлучи дека треба да одам во затвор, ќе одам. Никому ништо. Не треба да се плашиме. И затворот е за луѓе. Обвинителот треба да го прашате дали се штитат високи владини функционери. На крајот од денот, еден пример е дека еден член на Владата е во притвор. Сето тоа по налог на обвинителството. Не по мој повик. Ќе постапуваме по налог на обвинителството во координација со судот. Актуелен градоначалник е притворен. Во ваше време, тоа беше невозможна мисија – не успеавте да се доближите ниту до подалечниот периметар. Затоа господине Трајчулески, кога зборуваме за морал, најмалку вие имате право. Можеби немаме ни ние, но ќе кажат граѓаните наскоро на избори“, рече премиерот.

Во стилот на неговиот претходник во ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, и Мицкоски ја повика опозицијата да го напаѓала само него, а да ги оставела семејствата на загинатите и повреденети во Кочани на мир.

„Најмалку вие имате право да зборувате за морал, можеби немаме ни ние, ќе кажат граѓаните за неколку месеци, но најмалку имате вие“, му рече Мицкоски на Трајчулески. И додаде:

„Мој совет, да ги оставиме семејствата. На мене да удират секој ден, дехидрирајте од плукање, нормално е тоа. Логично е, измислувајте… граѓаните се тие кои кажуваат дали вашата вистина или онаа вистина која ние ја кажуваме. Да ги оставиме семејствата оти болката и тагата е огромна“.