И за Гир уставните промени не се можни ако нема кај сите партии вистински проевропски курс


 Министерот за надворешни работи Бујар Османи денеска се сретна со шефот на Делегацијата на ЕУ во Северна Македонија, амбасадорот Дејвид Гир при што во фокусот на разговорите беше соработката меѓу ОБСЕ, со која актуелно претседаваме, и ЕУ, вклучително и потребата од поблиска координација во дадениот чувствителен геополитички контекст.

Како што соопшти МНР, министерот Османи го брифираше евроамбасадорот за неодамнешната посета на Киев и средбите со украинскиот државен врв. Во таа смисла, најави посета на Брисел кон крајот на месецот, каде во својство на претседавач со ОБСЕ, ќе се сретне со челниците на институциите на ЕУ, при што централна тема на разговор ќе биде Украина.

Соговорниците размениле мислења и околу европското досие на Северна Македонија, односно реформската агенда под лупа на отпочнатите преговори за членство во Европската Унија.

-Во тој контекст, амбасадорот Гир ги предочи позитивните сигнали од Европската комисија за нивото на подготвеност на нашата администрација и одличниот старт на скрининг процесот. Воедно, укажа на важноста од усвојување на најавените уставни измени, за што е потребна искрена политичка волја и проевропски курс од сите политички фактори во државата, се наведува во соопштението.

Министерот Османи се осврна на актуелниот моментум кој не смее да се пропушти во однос на евроинтегративниот процес, како гаранција за долгорочна стабилност, економски развој и консолидација на правната држава, стои во соопштението.