И во „Јасен“ ќе никне ресторан, допрва ќе се испитува како
Во „Јасен“ се гради ресторан со придружни содржини. На местото што тамошното население го знае како Рудина, а скопјани како видиковецот над езерото Козјак, во моментов се копаат темели за ново здание. „Јасен“, според она што стои во документите, спаѓа во категоријата посебни природни предели и затоа е формирано посебно јавно претпријатие за да се заштитат неговите „биоценолошки, флористички, фаунистички, геолошки и хидролошки природни реткости“. Како во такво заштитено подрачје, кое покрај природни богатства има и функција во делот на одбраната, се гради, не знае ниту директорот на ЈП „Јасен“.
„Пред 10-ина дена забележавме градежни активности на терен. Ги известивме надлежните институции, пред сè, Министерството за одбрана. Во 2009 година била направена пренамена на земјиште, од високо планинско пасиште во градежно земјиште. Било побарано мислење од тогашното раководство на ‘Јасен’, кое се огласило дека нема суштински забелешки на планот за урбанизација на тој дел од ‘Јасен’. Ги разгледуваме можностите за времена забрана за градење додека не се испитаат сите околности поврзани со градежните активности“, ни изјави директорот на „Јасен“, Новица Зечевиќ.
Во март 2009 година, од Министерството за животна средина и просторно планирање до ЈП „Јасен“ било побарано стручно мислење по предлог-урбанистичкиот план за туристичко-рекреативен центар „Козјак“, кој спаѓа под катастарска општина Света Петка во општина Сопиште. И во барањето стои дека просторот што е предмет на изработка на урбанистички план се наоѓа во границите на заштитеното повеќенаменско подрачје „Јасен“.
Во барањето стои дека во рамките на туристичко-рекреативниот центар „Козјак“, во месноста Рудина во општина Сопиште, се предвидува изградба на повеќе објекти, и тоа викенд бунгалови, мали комерцијални објекти, големи угостителски единици и спортско-рекреативни објекти. Бидејќи сето тоа спаѓа во границите на заштитеното подрачје, од „Јасен“ како надлежен за негово управување се побарала согласност да се изработи урбанистички план за посочениот простор. Во барањето покрај тоа стои:
„Согласно со Законот за заштита на природата, на високопланинските живеалишта и екосистеми се забрануваат какви било антропогени зафати, освен оние кои се во функција на традиционалното сточарство. Во таа насока, неопходно е ваше изјаснување за искористувањето на предметниот простор, кој согласно со конфигурацијата на теренот како ридско-планински предел може да обезбеди услови за спроведување на традиционално сточарство“, стои во барањето.
По неколку дена, од „Јасен“ одговориле дека „од наша страна немаме суштински забелешки за предложената локација по предлогот на урбанистичкиот план вон населено место. Напомнуваме, немаме информација за начинот на собирање или истекување на отпадните води, за што треба да се води особена грижа поради матичниот профил кој е водопропустлив. Нема информација за начинот на обезбедување пивка или технолошка вода. За подземните карстни форми кои се чести, мислење за валоризација на варовнички терени очекуваме од Министерството за животна средина и просторно планирање“, стои во мислењето на „Јасен“ од март 2009 година.
Ексдиректорот на „Јасен“, Михаил Малахов, вели дека негов став бил да се развива туризам, но само доколку се исполнат услови за тоа.
„Кажувам дека нема решенија за многу работи. Без студија за влијание врз животната средина, што е основен документ за преземање активности, нема согласност“, дециден е Малахов.
Побаравме одговори и од Општина Сопиште. Градоначалникот Стефче Трпковски прво вети одговори, за подоцна да нè препрати до Секторот за урбанизам во општината.
Инвеститорот, Влатко Костенчев, на прашањата поврзани со градбата, ни укажа дека како млад човек, наместо својата и иднината на семејството да ја гледа некаде во странство, одлучил, со поддршка на најблиското семејство да инвестира во рурална средина, локација без струја и вода и да се носи со сите предизвици што ќе му застанат на патот. Тој вели дека, имајќи ги предвид целата ситуација и исполитизираноста на општеството, уште од самиот старт се водел според правилото „сè да биде според сите законски правила и норми“ и дека целосно се придржува кон ова правило.
Плацот на кој ќе гради, со површина од 930 квадратни метри, Костенчев го купил од Општина Сопиште на јавно наддавање. По која цена го купил, не одговори, а на прашањето дали е по едно евро за квадратен метар, како што неофицијално се зборува, одговори: „Дефинитивно не по таа цена… тоа може да го проверите во надлежните институции“.
Костенчев вели дека во инвестицијата не се вклучени фондови. Ресторанот со придружните содржини е планирано да има 400 квадратни метри, со подрумски дел, тераса, ресторански дел и потпокрив.
Анита Салтировска