И тоа се случи: Директорката на „Козле“ им „забрани“ на новинарите да ѝ го споменуваат името
Соопштението на директорката Симоновска не е „јавен притисок“, како што реагира ЗНМ, туку поткопување на самата демократија
Македонија во сите независни години поминала разни чуда, но една директорка преку соопштение да им забрани на медиумите да се споменува нејзиното име досега не се има случено. А веројатно ни помислено.
Но, ете тоа го направи директорката на специјалната болница „Козле“, Каролина Симоновска, по сите скандали што ја тресат оваа установа и во која вработените се речиси во постојан непокор поради големиот притисок што го прави таа кон нив.
Соопштението на Симоновска е уникатно и еве го во целост:
„Јас, д-р Каролина Симоновска именувана за в.д. директор во ЈЗУ Универзитетска клиника за респираторни заболувања кај децата ‘Козле’ Скопје, под целосна материјална, морална и професионална одговорност, изјавувам дека не се согласувам и во ниеден случај не давам согласност моето име и презиме и професионалност да биде објавувано по медиуми.
Особено во ниеден случај моето име и презиме и мојата професионалност да биде злоупотребувано на начин што неовластено и во контекст на невистинити објави ќе биде употребувано јавно по медиуми.
Секоја постапка спротивна на горенаведеното преставува нарушување на мојот професионален личен и морален интегритет и при тоа го задржувам правото да ги преземам сите законски мерки од секој обид на манипулација или неовластена употреба на моето име и презиме“.
Кој би можел да разбере до каде може да оди односот на еден функционер од јавното здравство. Уште повеќе кога е директор на болница која се занимава со лечење на најмладите – децата.
Дали ова што се случува во „Козле“ го разбира министерот за здравство, Арбен Таравари, дали тој се согласува со „заканата“ на директорката до новинарите, дали води сметка дека некои од децата може да страдаат поради лошата атмосфера во болницата, дали некој многу силен се залага Симоновска да остане на позицијата – не знаеме. Но јасно е дека Таравари мора да преземе нешто за работата да не отиде уште подалеку.
Здружението на новинарите ваквото соопштение на Симоновска го оквалификува како јавен притисок. Нивното соопштение требаше да биде посилно, а не да се наведува дека тоа претставувало „директна цензура на новинарите“. Македонија не е тешка диктатура во која и еден директор на болница ќе наложува што и како да се пишува.
Ваквото соопштение на Симоновска не „ја поткопува слободата на изразување и независноста на медиумите“, како што вели Здружението на новинари на Македонија, туку ја поткопува самата демократија. (Н.В.)