И Талат Џафери ќе си оди ако другите од ДУИ си заминат

„Ако сите си одат, зошто ја би инсистирал да останам“, вели претседателот на Собранието, Талат Џафери


Фото: Б.Грданоски

 

Сите за една цел.

Претседателот на Собранието, Талат Џафери, вели дека нема зошто да остане на таа функција ако министрите од ДУИ заминат по усвојувањето на уставните измени. Се разбира, за нив треба да гласа ВМРО-ДПМНЕ.

Во интервју за МИА Џафери изјави:

„Ако сите си одат, зошто ја би инсистирал да останам“.

Лидерот на ДУИ вчера лично соопшти дека министрите и владините функционери од редовите на Демократската унија за интеграција поднесоа оставки од функциите што во моментов ги извршуваат. „Оставките се автоматски ефективни во моментот кога опозицијата ќе гласа за уставните измени“, рече тој.

Џафери во интервјуто вели дека негов личен став е дека избори треба да има во редовен термин и нема причина зошто да не биде тоа така.

„Колку што знам јас ДУИ се има изјаснето мандатот да оди како редовен мандат и да се вратиме во процесот и во системот на четиригодишен мандат. Но, вчерашната одлука којашто е изјавена е во конктекст на она што беше резултат или изјава на лидерската средба помеѓу премиерот и претседателот на опозицијата. Предусловот на опозицијата беше – ние би пристапиле на тоа доколку ДУИ оди во опозиција и промпно беше кажано додека се одржуваше конференцијата дека ако е тоа предусловот за граѓаните ние треба да сме надвор од оваа Влада за да се изгласаат уставните измени“, вели Џафери.

Вицепремиерот Артан Груби во синоќешното интервју за косовската телевизија Т7 изјави дека одлуката за оставки на министрите ее во функција на интеграциите на Македонија во Европската унија. Според него, со одлуката за депонирање на оставките од страна на министрите, ДУИ ѝ го отвори патот на македонската опозиција за да гласа за уставните измени.