И Стразбур бара да се разбудат обвинителствата за перењето пари
Телото за спречување на перење пари на Советот на Европа, MONEYVAL, ги повика денес властите во Македонија дополнително да ги зајакнат мерките за борба против перењето пари , финансирањето на тероризмот и финансирањето на пролиферацијата, особено во областа на истрагите и обвинителствата. Практично Стразбур побара да се разбудат обвинителствата и да станат поефективни во справувањето со овој криминал, при што се бара посилна контрола на казината, неформалната економија, непрофитните организации, финансиските институции и повеќето нефинансиски бизниси и професии – како што се адвокати, нотари, сметководители, даночни советници и агенти за продажба на имот.
Според MONEYVAL, откако ја зајакна својата правна рамка од последната меѓусебна евалуација, Северна Македонија ги поставила темелите за здрав систем за справување со перењето пари и финансирање тероризам, но треба да го подобри спроведувањето на мерките во неколку области. Па така, се препорачува властите да го подобрат разбирањето за ризиците што ги носат правните ентитети, казината и неформалната економија и повикува на подлабока проценка на последиците од интегритетот на судството и обвинителството врз напорите за справување со перењето пари и финансирањето на тероризмот.
-Иако се постигнати скромни резултати во однос на истрагите и гонењето за перење пари, органите на прогонот и обвинителите треба систематски да спроведуваат паралелни финансиски истраги и да се насочат кон посложени случаи на перење пари што вклучува организиран криминал, особено трговија со дрога и трговија со луѓе, како и даночно затајување и корупцијата, стои во анализата на Стразбур.
MONEYVAL исто така ги повикува властите систематски да го применуваат принципот „следи ги парите“ за да се подобрат нивоата на конфискација.
-Од последната евалуација на MONEYVAL во 2014 година, две лица беа осудени за финансирање тероризам, а таму каде што пресудите за ова дело не беа можни, властите применуваа алтернативни мерки. MONEYVAL смета дека властите треба редовно да ги проценуваат ризиците од финансирањето тероризам имајќи ја предвид ситуацијата забележана во извештајот во врска со странските терористички борци. Тие, исто така, треба да преземат понатамошни активности за целосно усогласување на казните за финансирање тероризам и на правната рамка за санкции за финансирање тероризам и шверц на оружје со меѓународните стандарди.
Северна Македонија, според оценката, презела чекори за подобрување на севкупниот систем за супервизија на справувањето со перењето пари и финансирањето на тероризмот, но се потребни подобрувања се уште за да се имплементира ефективна супервизија на финансиските институции и повеќето нефинансиски бизниси и професии – како што се адвокати, нотари, сметководители, даночни советници и агенти за продажба на имот.
Надзорните органи за спречувањето на перењето пари и финансирање на тероризмот треба да ги интензивираат своите активности и да добијат посилни овластувања и дополнителни ресурси, онаму каде што е потребно. Дополнително, земјата треба да преземе чекори за да се осигура дека постои надзор или мониторинг на непрофитните организации изложени на поголем ризик од злоупотреби заради финансирање на тероризам без да се попречува легитимната активност на невладините организации.
Извештајот, исто така, препорачува властите да ги засилат своите напори за спроведување на адекватни стандарди за имотната сопственост.