И Стевчо Јакимовски и Сотир Лукровски најавуваат победа

Во време кога опозицијата ја пласира приказната дека „ВМРО-ДПМНЕ води во Карпош“, кандидатот Стевчо Јакимовски цврсто се држи до резултатите од својата работа и најавува убедлива победа уште во првиот круг.
Неговата екипа потенцира дека актуелните анкети се дел од предвремени пропаганди и не ги одразуваат реалните расположби на граѓаните. „Мнозинството Карпошани секојдневно ги оценуваат нашите услуги и комуникацијата со граѓаните. Таа поддршка ќе се трансформира во убедлива реална победа“, порача Јакимовски.
Тој додава дека изјавите на противкандидатите за „убедлив водство“ не треба да ги збунуваат граѓаните. Вистинската битка, според него, ќе се води на гласачкото место — со дела, а не со медиумски шпекулации.
„Ќе докажеме дека довербата е оправдана — и бројките ќе покажат дека Карпошниците знаат кој навистина ги преставува и работи за нив“, заклучува Јакимовски.
Претходно, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски од митинг во Карпош порача дека нивниот кандидат за градоначалник, Сотир Лукровски .убедливо води на анкетите во Карпош.
Мицкоски се осврна на наводните политичките пазарења од страна на актуелниот градоначалник на Карпош и претседателот на СДСМ и им порача дека со гласовите на народот не може да се пазарат и дека тие тајни дилови нема да им поминат.
„Пред неколку дена тајно во седиштето на СДСМ овој кандидатот и актуелен градоначалник во Карпош заедно со претседателот на СДСМ мислеле, премерувале како да обезбедат 2000 гласа за него од СДСМ да ја пуштат нивната кандидатка низ вода а тој да влезел во вториот круг. Но, тука има непознати во оваа равенка. А јас знаете дека сум по равенките и математички прецизно ќе им порачам. Прв проблем, народот не е квантум на гласови, не е тоа вреќа, па ќе купите и ќе претурите, тоа се луѓе со судбини, со иднина, со предизвици, со животи. Тоа се семејства со мечти и амбиции, кои знаат, кои критично гледаат на работите, и оценуваат. Посебно затоа што анкетите се така јасни што дури и од Горни Милановац да донесете гласачи, каде еден познат македонски политичар имал кариера во минатото, повторно нема да им успее,“ истакна Мицкоски.
Мицкоски кажа дека над 65 проценти од граѓаните во Карпош се против реизбор на Стевчо Јакимовски, а според последната анкета Сотир Лукровски убедливо победува во првиот круг на овие избори.
„Преку 65 проценти на карпошани велат дека актуелниот градоначалник не заслужува реизбор. А според последната анкета убедлив фаворит за иден градоначалник на општина Карпош е токму Сотир Лукровски и тоа уште во првиот круг. Јас го познавам тој човек многу добро. Сотир е човек чиј живот поминал во борба и низ предизвици полни со егзистенцијални аспекти, и со срце ко планина. Памтете ми го зборот. И ќе видите во периодот кој следи. На него може да се ослоните кога имате проблем, со него може да разговарате и да ве разбере и да ви помогне, за него суетата е туѓа, тој сослушува, знае да одбере одличен тим, и што е најважно знае да испорача резултати, на него може да сметате кога Карпош ќе е во опасност од лоши намери на разни бизнис интереси, но и да знаете дека тој е спремен да оди и против блиски ако неговите принципи се доведени под прашање или ако Карпош и граѓаните не се согласуваат со нешто. Тоа е Сотир Лукровски, чиј најголем проблем оваа кампања му е што бил мој другар. И за кого не може да кажат ништо лошо освен да измислуваат“, кажа Мицкоски.