И старата политичка елита од регионот ни лобира за датум


Со финализирање на членството во НАТО и почнување на пристапните преговори со ЕУ, по речиси 28 години независност, конечно е возможно исполнување на стратегиските цели на земјата. Со оваа порака се обрати вицепремиерот Бујар Османи пред членовите на Подгоричкиот клуб, кои заседаваа викендов во Скопје, а пред да замине за Брисел, како дел од владината делегација предводена од премиерот Зоран Заев, во чија дводневна агенда се предвидени средби со претседателот на Европската комисија Жан-Клод Јункер и со комесарите за надворешна политика и за проширување, Федерика Могерини и Јоханес Хан. Според најавите, Заев ќе разговара со Јункер за новиот извештај на ЕК, во кој се препорачува брзо и безусловно отворање на преговорите за членство со ЕУ. Тие ќе разговараат и за претстојната средба на министрите за надворешни работи на ЕУ, од каде што всушност треба да произлезе конечната одлука за стартот на преговорите.

Успешна мисија во Брисел на владината делегација ѝ посака вчера поранешниот претседател Бранко Црвенковски, како организатор на регионалната конференција „Проширувањето на ЕУ на крстопат“, во која учествуваа повеќе поранешни шефови на држави и влади од регионот, каков што е и составот на новоформираниот тинк-тенк наречен Подгорички клуб. По неколкугодишна дистанца од политиката, третиот македонски претседател излезе од изолација непосредно по смената на кормилото на Водно. Новиот шеф на државата, а некогашен советник во кабинетот на Црвенковски, Стево Пендаровски, беше прв говорник на конференцијата што поранешниот претседател ја организираше во координација со премиерот Зоран Заев. Тој предупреди дека секое дополнително одложување на преговорите ќе ја наруши кредибилноста на ЕУ, ќе ги демотивира граѓаните, ќе ги забави реформските процеси и негативно ќе влијае на стабилноста на целиот регион. Нагласи дека очекува Унијата да остане доследна на високите очекувања што ги создаде кај граѓаните и неодложно да го одреди датумот за почеток на преговори.

– Ако Северна Македонија и Албанија не добијат датум за преговори за членство, а Босна и Херцеговина позитивно мислење за поднесеното барање за членство, наместо суштински напредок во регионот ќе има разочарување. Во однос на најтешките прашања ние го направивме нашиот дел, сега останува на Европскиот совет да го направи својот дел. Да им го даде на нашите граѓани заслужениот датум за отпочнување на пристапните преговори. Како претседател, очекувам од ЕУ лидерство и решителност. Тоа е добитна комбинација за сите засегнати страни – порача Пендаровски.

Пендаровски порача дека регионалната соработка е клучна за развој на нашите држави и овозможува поврзување на сите нивоа.

– Верувам дека Подгоричкиот клуб, како совет на искусни лидери, ќе му помогне и овој пат и вие веќе тоа го правите со вашата амбициозна визија за Западен Балкан „Визија 2030“, визија што е растоварена од минатото и историјата и е целосно фокусирана на сегашноста и иднината – порача Пендаровски.

На регионалната конференција во Скопје присуствуваа поранешните претседатели на Црна Гора Филип Вујановиќ, на Србија Мирко Цветковиќ, на Хрватска Стипе Месиќ, на Словенија Данило Тирк, на Албанија Алфред Мојсију и Реџеп Мејдани и на Косово Фатмир Сејдиу. Меѓу учесниците беа и експремиерката на Хрватска Јадранка Косор и поранешниот претседавач на Советот на министри на Босна и Херцеговина Златко Лагумџија. Во заедничката декларација од дебатата тие заклучија, меѓу другото, дека е од суштинска важност да се донесе одлука за определување датум за почеток на пристапните преговори со Северна Македонија и Албанија.

– Натамошното одложување на донесувањето на овие одлуки, во современото геополитичко и геоекономско опкружување би можело да има особено негативно влијание на настаните – и на внатрешен план во самите држави, но и во целиот регион – стои во декларацијата.

Ако ЕУ не може да даде преговори, и за неа нема иднина

Според поранешниот црногорски претседател Филип Вујановиќ, ако ЕУ не препорача датум за почеток на преговори, тоа ќе биде јасен сигнал дека трети земји, кои имаат разни интереси на нашиот простор, имаат отворена можност за ретроградно и антиевропско дејствување.

Поранешната хрватска премиерка Јадранка Косор наведе дека Северна Македонија постигна огромен напредок и покажа дека ја водат храбри луѓе.

– Мислам дека тоа заслужува награда. Не за политичарите, туку за граѓаните на земјата. ЕУ сега е во еден специфичен момент. Завршија изборите, се очекува формирање на новата комисија и некоја друга гарнитура да го одреди правецот во кој ќе се движи Унијата, па и проширувањето и судбината на Западен Балкан – изјави Косор.

Според Златко Лагумџија од Босна и Херцеговина, секое чекање ѝ се заканува на ЕУ да стане Балкан од кој ние излеговме.

– Кредибилитетот на ЕУ ќе биде тестиран во наредните денови. Ако Северна Македонија не го добие она што ѝ припаѓа, нема повеќе да постои кредибилитетот на ЕУ во Западен Балкан – изјави Лагумџија.

Поранешниот словенечки претседател Данило Тирк рече дека оваа конференција е за поддршка за Северна Македонија да стане членка на ЕУ.

– За ЕУ тоа е сега прашање за нејзината кредибилност, нејзината иднина како фактор на глобалната сцена. Ако ЕУ не биде способна да оствари сериозен напредок во правец на членство на Македонија, тогаш тоа ќе биде значаен показател дека нема иднина како светска сила. Како фактор на глобалните односи – оцени Тирк.

И според Бранко Црвенковски, ако ова лето не добиеме датум за преговори, тоа ќе биде показател за отсуство на лидерство и визија во рамките на ЕУ и не само визија за иднината на Западен Балкан, туку и визија за иднината на самата ЕУ и целиот европски континент.

– Недобивањето датум за почеток на преговори во јуни ќе предизвика големо разочарување, но и сериозно нарушување на кредибилитетот на ЕУ и на македонската влада во очите на сите граѓани на нашата земја – потенцира Црвенковски. Потсетувајќи дека оваа година ја добивме десеттата препорака од ЕК за почеток на преговорите, Црвенковски праша дали е можно земјите членки на ЕУ да демонстрираат толкава недоверба во извештаите и препораките на од нив избраната комисија.

Експретседателот на Албанија Алфред Мојсиу порача дека Балканот веќе не е ист, дека е изменет коренито и дека тоа треба гласно да се каже, а светот и Европа тоа да го препознаат.

– Балканот се враќа како фактор на мир иако остануваат проблеми што треба да се решат. Не се оди на патерица. Ако секогаш нè оставаат на страна, оставаат и простор за неизвесност и за други сили – рече Мојсиу. (А.М.М.)

Фото: Борис Грданоски