И српската „ЦИА“ ќе испитува како се „надувале“ маржите за храната до 38 отсто


Поради сомневање дека се договориле за цените, Комисијата за заштита на конкуренцијата во Србија поведе постапка против синџирите супермаркети Делезе, Меркатор, Универекспорт и Дис. Премиерот Вучевиќ пред неколку месеци изјави дека Владата и Народната банка истражуваат што и колку се вметнува во цените и најави можност БИА да биде вклучена во истрагата. Подолго време земјоделците укажуваат на големата разлика меѓу откупните и цените на рафтовите, како и дека трговците им се закануваат со увоз.

Самите потрошувачи сметаат дека профитот на трговците на мало значително се зголемил од 2016 до 2023 година. Она што деновиве го читаат во извештајот на Комисијата за заштита на конкуренцијата е дека од април 2023 до март 2024 година малопродажните цени пораснале двојно повеќе од вкупната инфлација. И дека трговците заработувале повеќе, иако продавале помалку стока, пренесува РТС.

„Со два-три клика можеме да видиме дека наведените трговски синџири имаат исти цени на производите од списокот, 35 производи имаат исти цени, па се што можевме да видиме е дека ги здружиле силите и формирале лажна слика на пазарот.  Така ги убиваат малите производители и малото стопанство“, вели Марко Драгиќ од Националната организација на потрошувачи на Србија.

Комисијата за заштита на конкуренцијата е должна да утврди дали  има картелско здружување, односно злоупотреба на монополот, велат економистите.

„Тука гледаме дека овие четири групи супермаркети имаат повеќе од 50 проценти удел на пазарот, што е позитивен индикатор, ја гледаме висината на бруто маржата, што е исто така позитивен индикатор и  се укажува на тоа дека прогнозата на НБС минатата година исто така беше точна. Ако ја набљудуваме состојбата на територијата на ЕУ, можеме да кажеме дека таму  просечните маржи се од 2 до 10 проценти, додека кај нас се од 5 до 15 проценти. Сега гледаме дека за некои категории производи имаме бруто маржа од дури 38 проценти“, вели професорот Вељко Мијушковиќ од Економскиот факултет во Белград.

„Тешко ни е да замислиме дека седат заедно секоја недела и се договараат какви ќе бидат цените, но едноставно не можеме да го отфрлиме овој извештај објавен од Комисијата за заштита. Треба да се разговара и од него да произлезат некои насоки како да се подобри нашиот малопродажен пазар“, вели Бојан Станиќ од Стопанската комора на Србија

Во одбрана на четирите трговски синџири, тој додава дека учествувале во акцијата „Подобра цена“, и дека во последните шест месеци инфлацискиот притисок бил поголем од просечниот пораст на цените на прехранбените производи и безалкохолните пијалоци.