И Социјалистичката партија сака промена на „комунистичкиот“ грб


Социјалистичката партија на Македонија потсети денес дека нејзиниот став за измена на државниот грб е  изграден уште во 2015 година и дека на тоа не гледаат воопшто како  на наводно напуштање на идеолошките принципи поврзани со постоечкиот државен грб – туку како потреба од реафирмање на македонскиот земски грб.
 
-Како своевиден хералдички одраз на пошироките македонски простори, тоа претставува континутитет или враќање на македонскиот народ на своите симболи и обележја и на неговото поистоветување со нив.Предложеното решение и во 2015 година и денес го сметаме како враќање на обележјето кое во многу историски настани за македонскиот народ претставувало симбол за превземање на одлучувачки чекори и одраз на македонската идентитетска посебност. Овој став воопшто не значи дека ги забораваме придобивките од АСНОМ, за разлика од политички партии кои на нив се повикуваат иако само пред две-три години токму тие ја погазија македонската историја, Народноослободителната антифашистичка борба и ги поништија темелните определби на АСНОМ со најгрубо бришење од македонскиот Устав.
Ќе потсетиме дека токму македонските социјалисти преку Народно-ослободителниот фронт се движечката сила во НОБ, учесници на АСНОМ и најактивни организатори во повоената изградба на Македонија и целосната афирмација на македонскиот народ.
 
Оттаму, со должно историско право Социјалистичката партија на Македонија спротивставувањето на иницијативата за воведување на земскиот грб искажано од опозициските партии, но и од одредени политички партии кои се дел од власта, го смета како неприфатливо и, со несогледувањето на глобалните промени, спротивно на националните интереси.
 
Социјалистичката партија на Македонија повикува на прекинување на политичко партиското лицемерие и предупредува на политичката заслепеност, посочувајќи на потребата од оставање простор за трезвено размислување и носење одлуки од национален интерес во период кој ќе биде многу битен за македонската иднина, реагира Социјалистичката партија за менувањето на грбот како прашање кое јавноста не го перцепира воопшто ни како потребно, ни како национален интерес туку како губење време и дистракција од вистинските проблеми на државата.