И Скопје може да стане Бејрут
Билјана Богдановска
Експерти во Либан со месеци предупредувале дека доколку не се острани опасниот амониум нитрат од пристаништето во Бејрут, каде што бил складиран во 2013 година, може да го крене целиот град во воздух. Тоа навистина се случи вчера, при што загинаа повеќе од 100 луѓе, а над 4.000 се повредени. Поради хаваријата, 300.000 жители на градот останаа без покрив над главата, а штетите достигнуваат до три милијарди долари.
Дека слично нешто може да му се случи и на Скопје се предупредува со години, поради различните складирани материи во кругот на хабриката ОХИС која е во стечај, а за нивно отстранување е задолжена компанијата „Екоцентар 97“.
На својот Фејсбук профил за проблемот потсeти доктор Ненад Лазаров, кој напиша:
„Додека сте насекирани за Бејрут: Во ОХИС има 14-тонска цистерна со винил хлорид која стои непроверена и оставена со години, а може да му направи на Скопје масакр со многу повеќе жртви од Бејрут. Германци не сакаат да дојдат ниту да извршат увид од што е лудо опасно и несоодветно оставена крајно токсична содржина, која може да го покоси половина град“.
Во ноември лани се случи помала хаварија кога од некогашниот хемиски гигант ОХИС во водата истече метил акрилат. Тој настан го актуелизираше повторно проблемот, што доведе до тоа вкупно 88 буриња со опасен отпад на почетокот на јануари годинава да бидат транспортирани во Базел, Швајцарија, според соопштението тогаш на Министерството за животна средина. Од извезените буриња, 84 биле со полни со отпаден метанол, а четири со акрилонитрил. Следуваше и втора пратка со дополнителни 88 буриња.
Но, сепак, цистерна со околу 14 тони винил хлорид чека во дворот на ОХИС да дојдат експерти од фирмата „Куриум“ од Франција, за да биде безбедно преточен во нови буриња и транспортиран за уништување.
Компанијата „Екоцентар 97“, која е задолжена за чистење на 11-те хемикалии во кругот на ОХИС во рамките на проектот „Отстранување, дислоцирање, уништување или неутрализирање на хемиски материи“ од АД ОХИС, поради пандемијата нема друг избор освен да чека да дојдат експертите од Франција за да ја отстранат опасната и високозапалива хемикалија, со која мора внимателно да се ракува.
Препакувањето на винил хлоридот во специјални буриња под притисок беше планирано за почетокот на март, а транспортот во инсенераторот во Германија требаше да се реализира кон средината на тој месец, но откако се затворија границите заради ширењето на корона вирусот се одложија сите активности.
Винил хлорид мономер е само една од десетиците токсични материи од ОХИС, кои со децении се опасност за жителите на главниот град. Винил хлоридот е канцерогена материја која одамна не се користи во Европа, а најчесто се користела за производство на поливинил хлорид или пластика за изработка на садови, играчки, облоги на оловни цевки, изолација на жици и друго. При акутна изложеност на материјата може да дојде до поспаност, печење на очите, иритација на лигавиците и органите за дишење, трнење на екстремитетите, а во тешки случаи може да предизвика кома или смрт.
Во рамките на проектот од минатата година до март годинава транспортирани се речиси 64 тони опасни хемикалии, во кои има метанол, акрилонитрил мономер и непознати хемикалии. На 15 март требаше да се реализира и последната пратка во „Валорек Сервисис,“ инсенераторот во Базел, Швајцарија, со остатокот од 4,6 тони иницијатори и 5,2 тони непознати хемикалии, кои веќе се спакувани во специјални АДР-буриња и се чуваат во магацините на ОХИС. Таму останува и проблемот со малата и големата депонија со линдан, за чие отстранување обврска зеде Владата. Последната информација е дека тендерот за избор на фирма за чистење на малата депонија која се наоѓа во кругот на ОХИС е завршен.
Од Министерството за животна средина и просторно планирање информираа дека се пријавиле вкупно пет компании и оти се евалуираат нивните понуди, по што во најкус рок ќе биде одбрана фирмата која ќе го отстранува токсичниот отпад. Откако ќе биде средена малата, ќе биде отпочната процедура за отстранување на линданот и од големата депонија.
Според Генералниот урбанистички план на Град Скопје, таа локација е наменета за лесна и незагадувачка индустрија.