И Шолц го одби рускиот ПЦР тест на ковид


Германскиот канцелар Олаф Шолц пристигна во Москва на разговори со рускиот претседател Владимир Путин со цел деескалација на тензиите на руско-украинската граница, Шолц одби да направи ПЦР тест пред средбата.

Наместо рускиот тест, Шолц одлучил лекар од германската амбасада да направи ПЦР тест, што е предуслов за влез во Кремљ на средба со рускиот претседател Владимир Путин, велат извори од германската делегација.

Минатата недела и Францускиот претседател Емануел Макрон исто така одби да му биде направен руски ПЦР тест пред средбата со Путин.

Поради ова одбивање разговорите на Макрон и Путин се одржаа на маса долга шест метри за да се одржи драстична физичка дистанца.

На прес-конференција по средбата, Пути и Макрон застанаа неколку метри подалеку. Шолц е последниот во серијата западни шефови на држави и влади вклучени во силна дипломатска офанзива за спречување војна, а мисијата е чувствителна затоа што Германија е најголемиот трговски партнер на Русија во Европа.

Се очекува средбата во Кремљ да трае неколку часа, а на крајот ќе се одржи и заедничка прес-конференција.

Посетата доаѓа во време кога германско-руските односи се на најниско ниво. Украинската криза најверојатно ќе засени неколку нерешени билатерални проблеми меѓу Берлин и Москва.

За време на вчерапната посета на Киев , Шолц изјави дека сака да лобира кај Путин за да ја смири кризата во Украина. Тој го опиша собирањето на десетици илјади руски војници долж украинската граница како „неразбирливо“.

Шолц ја предупреди Русија да не ја напаѓа Украина и нагласи дека ЕУ и САД се подготвени да одговорат со воведување остри економски санкции кон  Русија .