И „Шнајдер електрик“ заминува од Русија, повлекување најавија „Мишелин“ и најголемиот производител на алкохол во светот
Францускиот „Шнајдер електрик“ (Schneider Electric) се согласи да ја продаде својата руска единица на локален менаџерски тим, соопшти денеска компанијата, приклучувајќи се на долгата листа на компании кои излегуваат од работа во Русија.
Француската компанија соопшти дека очекува да намали до 300 милиони евра (313 милиони долари) во нето-книговодствената вредност како резултат на договорената продажба, пренесува Ројтерс.
„’Шнајдер електрик’ планира организиран трансфер и ќе одвои средства за поддршка на вработените во Русија и Белорусија како дел од тој процес“, соопштија од компанијата.
Францускиот производител на автомобилски гуми „Мишелин“, исто така, минатата недела објави дека планира да го предаде својот руски бизнис на нова компанија предводена од локалното раководство до крајот на годината, а финскиот ривал „Nokian Tires“, исто така, објави дека ќе ја напушти Русија.
Странските компании кои планираат да ја напуштат Русија поради војната во Украина се соочуваат со изгледите Москва во наредните недели да донесе нов закон со кој ќе се овозможи запленување на нивните имоти и наметнување кривични казни, што ќе поттикне некои компании да го забрзаат нивното заминување.
Планови да ја напуштат Русија најавија и британскиот „Диагео“, најголемиот светски производител на алкохолни пијалоци, финскиот производител на лифтови „Коне“, како и финскиот производител на машини за шумарство „Понсе“.