И „северномакедонци“ на Слави Трифонов е говор на омраза
Предлогот на лидерот на Има таков народ за „трговска зделка“ со САД и ЕУ околу Македонија предизвик бура во Бугарија. Каков став ќе има владата?

Вчерашната понуда на лидерот на партијата Има таков народ, Слави Трифонов за „трговска зделка“ со САД и ЕУ за Бугарија да ја кренела блокадата на Македонија предизвика лавина од реакции кај нашиот сосед. И меѓу политичарите и во медиумите. Најмногу поради тоа што Трифонов, чија партија учествува во владината коалиција, а министерката за надворешни работи, Теодора Генчовска, е нивни предлог. Според реакциите, Бугарија се најде во некаква небрана ситуација да се обиде да ги уценува САД со укинување на визите за нејзините граѓани, или ЕУ да ја прими во Шенген зоната, ако сакаат Софија да ја кренела блокадата.
Од друга страна, со користењето на терминот „северномакедонци“ во својот фејсбук статус Трифонов сериозно ги поткопа перцепциите во Македонија дека Софија е искрена кога вели дека би сакала да се најде заедничко прифатливо решение за спорот.
Трифонов вчера се јави по втор пат на Фејсбук да се дообјаснува затоа што наводно „не бил правилно разбран“. Но тој ги повтори речиси истите работи и повторно зборуваше за „северномакедонци“. Како да има некои други – јужни, источни или вистински Македонци. И напиша дека „северномакедонците мора да ги признаат своите бугарски корени“. И дека за тоа, наводно, не може ни да се дискутира. Тоа само дополнително ја комплицира ситуацијата на премиерот Кирил Петков пред неговото доаѓање во Скопје.
Што напиша дополнително Трифонов?
„Кон Република Северна Македонија – вие задолжително треба да ги исполнувате сите точки од Договорот за пријателство, добрососедство и соработка што го потпишавте со Бугарија, вклучително и сè што е поврзано со историјата на Бугарија. Северномакедонците треба да си ги признаат историските бугарски корени. Тоа е необжалив услов. Тоа не подлежи на дискусија. Кон нашите партнери од НАТО и ЕУ – штом толку држите до тоа ние да ја поддржиме Северна Македонија за преговори за членство во ЕУ – постапете партнерски кон нас, штом сакате ние да сме ви партнери – без визи за САД и веднаш во Шенген. Мислам дека сега моето мислење како граѓанин на Бугарија е повеќе од јасно“, напиша Трифонов во второто писание.
Овие негови ставови предизвика трите други партии во владината коалиција да се оградат од лидерот на Има таков народ.
Координаторот на пратеничката група на Продолжуваме со промената на премиерот Петков, Андреј Ѓуров, рече дека Бугарија има јасен став и стратегија за односите со земјава.
„Имаме стратегија како да ги водиме разговорите – да ги водиме многу поинтензивно, на пошироко ниво, а не само во насока на историското минато. Целта е тоа да помогне да ги приближиме нашите позиции во согласност со Договорот за пријателство и добрососедство од 2017 година. Ова е ставот на коалицијата и на ПП“, изјави Ѓуров за Нова ТВ.
Како и многу други во Софија и Ѓуров вели дека не може да се поврзуваат работите една со друга – укинувањето на визите за САД со кревање на блокадата. „Тоа не функционира на меѓународно ниво – да се поврзува една одлука со друга“, додаде Ѓуров.
И Демократска Бугарија не го поддржува ставот на Трифонов, иако копретседателот на партијата, Атанас Атанасов, не гледал ништо лошо во овие контроверзни предлози. Но, вели: „Нештата не треба да се поставуваат на таков начин, бидејќи укинувањето на визите за влез на бугарските граѓани во САД нема никаква врска со приемот на земјава во ЕУ. Членството на Северна Македонија во ЕУ е важно прашање за Бугарија. Мораме сериозно да го сфатиме ова прашање и да ги заштитиме нашите национални интереси. Да ги спроведеме договорите“.
Стефан Тафров, кој во Демократска Бугарија е задолжен за меѓународните парашања, е уште поостар: „Продолжувањето на сегашната блокада на преговорите на Република Северна Македонија со ЕУ не е во интерес на Бугарија, која и онака не успеа добро да им ја објасни својата позиција на европските партнери, а камоли да добие поддршка за неа. Времето не работи во наша корист. Затоа е важно нашата земја да ги формулира своите барања на дипломатски јазик, разбирлив за сите во ЕУ и РСМ. Ние не сме во позиција да разменуваме иднина за минато – судбински е важно да ги сакаме и двете, но сега ризикуваме да го изгубиме и едното и другото. Трајното оставање на Северна Македонија надвор од ЕУ е огромен ризик за нашиот национален интерес. Предлагаме во Софија итно да се формулира конкретен патоказ за излегување од блокадата, во кој ќе бидат опишани сосема конкретни барања кон Скопје“, вели Тафров.
Потпретседателот на бугарското собрание, Кристијан Вигенин (БСП), исто така се огради од изјавата на Трифонов, посочувајќи дека во коалицискиот договор меѓу четирите партии е изнесен јасен став за европската перспектива на Северна Македонија.
„Владиниот коалициски договор меѓу ПП, БСП, ИТН и ДБ има јасен став за европската перспектива на Република Северна Македонија. Оваа тема останува еден од најголемите предизвици за Бугарија и за Владата во сферата на надворешната и европската политика. Одржувањето широк политички договор и соработка меѓу институциите е клучно за успешна одбрана на бугарскиот интерес“, оцени Вигенин.
Како поранешен шеф на дипломатијата тој додава дека импровизирани изјави можеле само да ѝ наштетат на Софија. „Секој збор е важен, затоа се надевам дека импровизираните изјави во оваа фаза ќе бидат сведени на минимум, за да не се создаде лажна претстава за ‘пукнатини’ во бугарската позиција или меѓу коалициските партнери“, напиша Вигенин на Фејсбук.
Дури и меѓународниот секретар на ИТН, Димитар Гардев, на одреден начин се огради од ставот на својот лидер Трифонов. На прашање дали ваквата позиција е официјален став на партијата, тој изјави дека за партискиот став по ова прашање ќе се разговара денеска. (Н.В.)