И САД сметаат дека уставните промени треба да се направат што побрзо


 

САД го поттикнуваат водството на Македонија и избраните функционери  да работат во интерес на граѓаните што е можно побрзо и да ги направат сите можни измени кои ќе овозможат отворање на пристапниот пат кон Европската унија.

Ова денеска го изјави американската амбасадорка во земјава, Анџела Агелер, одговарајќи на новинарско прашање во врска со уставните измени, како еден од условите за продолжување на пристапните преговори со ЕУ. Според неа, ова прашање е „навистина важно и примарно за водството на Република Северна Македонија“.

„Како што знаете САД, и ова го повторивме многупати досега, го поддржуваме придвижувањето кон евроатлантската интеграција како една долгорочна цел на оваа земја и сме неверојатно задоволни од пристапувањето во НАТО и веруваме дека пристапувањето во Европската унија е од клучно значење и ќе има големи придобивки за оваа земја. Го поттикнуваме водството и избраните функционери на оваа земја да постапуваат во интерес на нивните граѓани и да постапуваат што е можно побрзо и да ги направат сите можни измени кои ќе овозможат отворање на пристапниот пат кон ЕУ“, изјави Агелер на заедничката прес-конференција со шефот на дипломатијата Бујар Османи.

„Знаеме дека ова се тешки одлуки за оваа земја, граѓаните на оваа земја веќе имаат донесено многу тешки одлуки, но ние поддржуваме се што ќе ви овозможи придвижување на кон тој пат“, додаде американската амбасадорка.