И Регулаторната гилотина придонесе за хаосот во системот

Поранешниот министер за финансии, Трајко Славески, денеска вели дека уште во 2007 бил сомничав кон проектот што го туркал колега во истата влада на ВМРО-ДПМНЕ


 

Една од најфалените мерки во време на владата на ВМРО-ДПМНЕ кога премиер беше Никола Груевски, сега се удира од глава на владата на ВМРО-ДПМНЕ која ја предводи Христијан Мицкоски. Станува збор за регулаторната гилотина, за која во текст објавен на порталот „Плусинфо“, поранешниот министер за финансии, а сега претседател на Советот на Град Скопје, Трајко Славески, фигуративно вели дека „некои мерки се закануваат да ни ја откинат главата“.

За ваквиот бумеранг ефект, тој покажува со прст кон негов колега во тогашната влада, кој го туркал проектот. Иако не го именува, јасно е дека станува збор за неговиот наследник на позицијата министер за финансии и вицепремиер Зоран Ставрески, кој беше еден од најблиските соработници на Груевски. Кога се туркаше проектот за регулаторна гилотина Ставрески беше вицепремиер за економија. 

Еве што вели, меѓу другото, Славески: 

„Во 2008 година како министер за финансии во тогашната влада со скепса гледав на ентузијазмот на мојот колега кој го ‘туркаше’ проектот со јакобински речник ‘регулаторна гилотина’. Покрај позитивните резултати во отстранување на некои регулативи, сѐ уште присутни од поранешниот систем, се отиде во друга крајност – преголема либерализација на ‘влезот’ (леснотијата за основање фирма) во некои дејности“, вели Славески и додава дека одамна се забележани т.н. „непредвидени последици“ (unintended consequences) од таквата либерализација во повеќе сектори, од кои ги издвојува сега актуелните угостителство и градежништво, а од поодамна и приредувањето игри на среќа, т.е. коцкањето.

Тој исто така вели дека со мерките, „наместо да имаме здрави компании со неколку стотици или илјади вработени кои ќе даваат интегрирани услуги како резултат на синергијата од имањето под една капа тимови од способни проектанти, градежни инженери и изведувачи на градежни работи, со сета потребна опрема и механизација, надзор и сѐ што е потребно за градба до ‘клуч на рака’ за заинтересираните инвеститори, лабавата законска регулатива со дупки како швајцарско сирење придонела раздробен сектор меѓу илјадници субјекти од кои повеќе стотини, ако не и илјади, опстојувале единствено на сметка на кршење на законските прописи“.

Не е тајна дека Славески и Ставрески не се сакаа уште кога беа заедно во владата. И дека Ставрески го наследи Славески кога премиерот Груевски го смени од местото министер за финансии. Во една од јавните дебати, додека ВМРО-ДПМНЕ сѐ уште беше во опозиција, Славески рече дека е добро (Ставрески) малку да поработи и кога не е на функција, откако медиумите објавија дека поранешниот вицепремиер кој неколку години беше во сенка, се враќа како координатор во партијата за проекти за локалната самоуправа. Сега Ставрески е надворешен советник за финансии и банкарство на премиерот Мицкоски.

Проектот „регулаторна гилотина“ беше еден од најголемите адути на ВМРО-ДПМНЕ, покрај ниските рамни даноци и евтината работна сила (читај ниските плати), во промовирањето на Македонија како поволна инвестициска дестинација пред странските инвеститори. Тоа исто така и носеше високи позиции во оцените на меѓународните финансиски институции, како „Дуинг бизнис“ на Светска банка. Извештајот „Дуинг бизнис“ ги оценуваше реформите и поедноставувањето на процедурите за водење бизнис, во што Македонија беше една од земјите лидери, но треба да се има предвид дека оценувањето и самиот извештај доживеаја фијаско откако се откри дека некои земји местото на ранг-листата го „заработувале“ со коруптивни дејности. Сепак, треба да се нагласи дека Македонија никогаш не беше посочена меѓу земјите кои што се служеле со такви нечесни практики. 

Инаку, самата регулаторна гилотина, со која се укинуваа многу прописи или се поедноставуваа процедурите, беше поздравувана и од домашната бизнис заедница.

Така на пример, во еден од текстовите кои што може да се најдат на оваа тема на интернет, од 2007 година, се вели дека „проектот Регулаторна гилотина со кој треба да се намали бројот на административни прописи се одвива одлично. Од почетокот на неговото спроведување досега се собрани 2.200 прописи што допрва ќе се ревидираат. Ова било заедничката оценка од вчерашната средба на вицепремиерот Зоран Ставрески и Марго Томасима, која го предводи Советодавното тело за странски инвестиции при Светската банка“.
„Во првата фаза се собрани околу 2.200 прописи. Нивната проверка за евентуално елиминирање, поедноставување или скратување ќе се реализира со локални и странски експерти, како и со учество на сите бизнис асоцијации во Македонија. Очекуваме проектот да биде заокружен ова лето по што веднаш ќе пристапиме кон измена на прописите. Потоа ќе формираме единствен национален регистар во кој ќе биде содржана прочистената регулатива, валидна за бизнисот и граѓаните“, го цитираа медиумите Ставрески.

Во друг текст на тогашен „Утрински весник“ се наведува дека Ставрески имал средба со Патриша Рајдер, директорка на канцеларијата на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Било разговарано за спороведувањето на регулаторната гилотина и заеднички се констатирало дека конзистентната и концизна регулатива создава услови …

Под наслов „Американски експерти предлагаат кратење на 58 закони“, тогашниот весник „Вест“ пишува дека „експертите на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД) препорачуваат поедноставување на 58 закони и подзаконски акти, кои треба да бидат опфатени со владиниот проект Регулаторна гилотина. 
 
За овој проект тогашната влада имаше силна поддршка и од бизнис заедницата. За една таква средба, пишуваа и медиумите, при што истакнаа дека „Владата и Стопанската комора на Македонија (СКМ) ќе работат заедно на подготовка и организација на конференција за домашни и странски инвеститори што би се одржала во септември 2007 година во Охрид. Тоа го договориле на денешната средба во Владата, вицепремиерот Зоран Ставрески и претседателот на СКМ Бранко Азески“. Притоа, „Азески изразил задоволство од односот на Владата кон заедницата на стопанствениците и партнерската релација кон Комората и нејзините членки. Тој уште еднаш го истакнал позитивниот ефект од владините мерки за подобрување на вкупната бизнис клима преку намалувањето на даноците и  започнувањето на регулаторната гилотина“.
 
Дали се претерало со дерегулацијата и со поедноставување на процедурите, или пак, во целата оваа матрица се заборавило на контролните механизми на некои институции, е прашање на кое треба да одговарат многу компетентни професионалци и институции. 
 
Славески вели дека „дивеењето во секторот игри на среќа е исто така резултат на регулаторната гилотина која овозможи метастаза на канцерот со коцкањето на секој чекор во земјава, но тоа е тема за во друга пригода“.
 
„Мора да направиме чекор назад со дерегулацијата во секторите каде се најочигледни негативните последици за здравјето и животите на нашите граѓани. Ваквиот потег ние економистите го нарекуваме ререгулација. Надлежните нека го означат процесот со какво име сакаат, но мора да делуваат брзо, смело и одговорно, без одлагање“, заклучува тој во текстот.
 
И заменикот-министер за економија, Марјан Ристески, вели дека Регулаторната гилотина се покажала како грешка па затоа се подготвуваат измени во Законот за угостителство со кои државните институции и инспекторати ќе контролираат дали се исполнети сите услови при издавање на лиценци.

Министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, во кампањата пред изборите лани во мај, како потпретседателка на ВМРО-ДПМНЕ, зборуваше дека бирократијата и бавната акција од страна на јавната администрација ќе се надмине со регулаторна гилотина и со дигитализиран јавен сектор. Сега од владејачките структури здушно велат дека Регулаторната гилотина донела многу проблеми.

Очигледно, некогаш и добрите планови не ги даваат посакуваните ефекти. Или, што е уште полошо, кога се реализираат без контролни механизми, мерките може да бидат и контрапродуктивни. (Н.В.)